Култура
Министерството за култура организира настан за можностите на Креативна Европа – Култура за 2024 година
Со дискусија посветена на „Европската димензија и одржливоста на европските престолнини на културата (ЕПК 2028)“ денеска во Музејот на македонската борба за самостојност започнува дводневниот Транснационалени вмрежувачки настан посветен на можностите на програмата „Креативна Европа“-потпрограма Култура.
Претставници од градот Скопје и францускиот град Руан кои се во фаза на назначување за Европски престолнини на културата (ЕПК) за 2028 година, се поканети да ги споделат искуствата на оваа тема. Истовремено, ќе биде промовиран проектот „CreArt“ кој партнерски го спроведуваат овие два града и придобивките од Програмата Креативна Европа (Култура) на Европската Унија, а со цел да се охрабрат организациите од културните и креативните сектори во нашата држава да земат активно учество во оваа програма на Европската Унија и да ја дадат својата поддршка во претставувањето на Скопје и Руан како европски престолини на културата во 2028 година.
Претставниците на Канцелариите на Креативна Европа (Култура) од Белгија, Германија, Словенија, Албанија, Црна Гора, Србија, Грузија и од Северна Македонија, на работилниците денеска и утре, во Музејот на македонската борба и во Порта Македонија, ќе ги претстават можностите на Програмата „Креативна Европа Потпрограма Култура“ за 2024 година, како единствен инструмент на Европската Унија наменет за поддршка на европската културна соработка изразена преку културното творештво и обединување на различностите.
Организирањето на овие работилници е во контекст на заложбите на Министерството за култура за олеснување на пристапот на што поголем број корисници од културните и креативните сектори во новата програма на Европската Унија.
Дводневниот транснационален настан е во организација на Министерството за култура и Канцеларијата за Креативна Европа (Култура), во соработка со партнерите и соработници: Градот Скопје (ЕПК 2028),Градот Руан, Франција (ЕПК 2028) и Канцелариите на Креативна Европа (Култура) од земјите членки на Европската Унија (Белгија, Германија, Словенија), земјите од Западен Балкан (Албанија, ЦрнаГора, Србија) и земјите од источното соседство на Европската Унија (Грузија).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Отворена изложбата „Простор и форма“ на Мице Јанкуловски
Синоќа беше отворена самостојната изложба „Простор и форма“ од Мице Јанкуловски во Модерната галерија на Центарот за култура во Горњи Милановац.
Изложбата ја отвори директорот на Центарот за култура, г. Драган Арсиќ, а кураторот Корнелија Конеска пред присутните го објасни концептот на изложбата:
На изложбата е претставена меѓузависноста помеѓу просторот и формата на многу специфичен начин: со сликарство и графика, со многу големи и многу мали формати, но само со една боја (црната) – се во стилот на авторот Мице Јанкуловски.
Јанкуловски е уметник кој твори повеќе од 55 години и во текот на професионален развој стана препознатилив по своите атрибути:
МОНОХРОМНОСТ – зашто слика само со една боја, црната
МОДУЛАРНОСТ – зашто форматите на неговите дела се секогаш претходно осмислени и во меѓусебна зависност едни од други
МУЛТИПЛИКАЦИЈА – зашто формите кои ги користи во своите слики ги мултиплицира, а ги мултиплицира и платната во големи полиптиси
МИНИМАЛИЗАМ – зашто својата уметничка цел ја постигнува со минимум елементи, што всушност е најтешко да се направи, но сепак зборуваме за уметник со над 55 годишно активно уметничко творештво!
Од богатиот опус на неговото творештво, пред вас, нашата ценета публика, се претставуваме концепт од сериите „Круговите на Леонардо“, серија која започна во 2017 и првото дело од оваа серија беше носител на Наградата за животно дело „Лоренцо ил Мањифико“ на Фиренца биеналето 2019. Дел од следните дела, триптихот „Круговите на Леонардо II“ и „Круговите на Леонардо III“, како и сегмент од поврзаното со истата тематика дело „Ноќите на Тоскана“ – се изложени во Модерната галерија во Горњи Милановац.
Идејата за ова серија Јанкуловски ја црпи од „Студијата за водата“ направена од страна на големиот Леонардо да Винчи, во која тој објаснува дека водата која паѓа од височина создава концентрични кругови кои никогаш не се сечат меѓу себе. Вистински предизвик за претставување на апстракцијата на оваа студија на платно!
Паралелно со нив се претставени и графичките дела Формите на Венеција и Формите на Фиренца (Омаж на Еугенио Монтале), претставени како триптих на сериграфии со апликација на флок, печатени во студиото за графика Фалани во Венеција. Формите во овие свои дела Јанкуловски ги сведуваат на судир меѓу црното и белото.
Изложбата ќе биде поставена во Модерната галерија на Центарот за култура во Горњи Милановац до 7 ноември 2024.
Култура
Изложба на керамики од Филип Фидановски со наслов „Пикасо можеби јас 2“
Во Музејот на град Скопје од 25 октомври до 05 ноември 2024 година, ќе бидат изложни керамики од Филип Фидановски со наслов „Пикасо можеби јас 2“.
Отворањето на изложбата е на 25 октомври во 20 часот.
Ќе бидат претставени 17 дела изработени во керамика, насликани со енгоба, глазура и 18 каратно злато за керамика и порцелан.
Изложбата е под покровителство на Амбасадата на Кралството Шпанија, финансиски подржана од Министерството за култура и туризам и спонзорирана од општествено одговорни компании од нашата држава: НЛБ Банка, Дајнерс клуб – Македонија, Тиквеш, Скопска Пивара, Мартема, Метеор фото студио, Виталија и Торакс.
Изложбата ќе ја отвори Н.Е. Г-дин. Рафаел Соријано Ортиз, Амбасадор на Шпанија
За изложбата во каталогот амбасадорот ќе напише:
Нашата културна дипломатија се заснова на размена и дијалог, каде што промоцијата на нашите уметници е исто толку важна како и можноста за соработка која се движи во две насоки и за која оваа изложба е добар пример. Делото на нашиот брилијантен сликар Пикасо, инспирира творештво од нашиот македонски уметник кој на тој начин постигнува уметничко дело кое, во исто време, е македонско и шпанско. Накратко, отворена за светот бидејќи Уметноста со голема буква не познава граници.
Куратор на изложбата е Проф. Д-р Кирил Пенушлиски кој во текстот во каталогот ќе заклучи:
„Пикасо, можеби јас 2“ покажува дека уметноста е бесконечен процес на истражување и реинтерпретација, и дека наследството на Пикасо продолжува да биде важен дел од општата уметничка приказна. Скулптурите на Фидановски нудат еден нов објектив преку кој се гледа делото на големиот мајстор, поттикнувајќи дискусии за еволуцијата на уметничкото изразување и реинтерпретација на историските наративи. Тие служат како мост помеѓу минатото и сегашноста, потсетувајќи не на трајното влијание на визијата на Пикасо.
Филип Фидановски (Скопје, 1977).
Во 1996 година завршува Средно уметничко училиште завршува во Скопје (1996) во класата на професорите Раде Перчуклиевски и Михо Лазаров, а високо образование и магистерски студии завршува на Националната уметничка академија во Софија, Република Бугарија (2004), на катедрата за керамика во класата на Професор Красимир Џидров. Од 1995 година до денес реализирал 28 самостојни и над 50 жирани и групни изложби. Учествувал на многу уметнички колонии и симпозиуми. Член е на повеќе професионални здруженија. Професор е по предметот Дизајн на керамика и Технологија на керамика во уметничкото училиште во Скопје. Во периодот од 2003 – 2010 е: доцент на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје; 2002 – 2006 стручен соработник во Музеј на
Македонија, Одделение за едукација, во периодот 2002 – 2003 работи во ателје за музејски копии при истиот Музеј; 2019 – 2022 е претседател на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ), во 2020 – 2021 е директор на уметничкото училиште Државно средно училиште за ликовни уметности и дизајн „Лазар Личеноски“ – Скопје; 2020 – 2022 е претседател на комисија за полагање приправнички испит по ликовно образование при Државниот испитен центар на Македонија; во 2023 е член на комисија за визуелни уметности, архитектура и дизајн при Министерство за култура. Автор е на „Прирачник за изведување на настава по ликовно образование“ како и на „Практични вежби и материјали за учење за ученици по ликовно образование за 3-то и 5-то одделение во основното образование“. Уредник е на повеќе монографски изданија, списанија и каталози. Учествува во организација на многу настани од облата на уметноста и културата, а на некои од нив е и автор. Добитник е на наградите: (2018) Награда за скулптура на ДЛУМ, Скопје; Награда „КОНСТАНТИН МАЗЕВ“ за мал формат од Културно информативен центар – Скопје. (2015) Награда за скулптура мал формат „ДИМО ТОДОРОВСКИ“ – ДЛУМ. (2007) Награда за скулптура „ЈОРДАН ГРАБУЛ“ на ДЛУМ, (2000) Трета награда за млад автор на Петтото интернационално биенале за керамика, Каиро, Египет (Бронзена плакета).
Денес живее и работи во Скопје.
Подетално за авторот и неговото творештво на веб страницата на авторот: https://filipfidanovski.mk/
Култура
Столе Попов добитник на наградата „Живојин (Жика) Павловиќ“ за промоција на балканската кинематографија во светот
На манифестацијата „Годишни награди за режисерите“, која се одржа во Нови Сад, на истакнатиот македонски режисер Столе Попов му беше врачена наградата „Живојин Жика Павловиќ“ за промоција на балканската кинематографија во светот. Наградата му ја врачи легендарниот актер Предраг Мики Манојловиќ, откако воведно обраќање имаше Ненад Павловиќ, и самиот режисер по професија и син на Жика Павловиќ.
-Навистина е голема чест да се добие награда која го носи името на Живојин Павловиќ. Голем уметник, голем човек, фантастичен пријател и човек кој имаше големо разбирање за младите луѓе и кој беше една од најзначајните и најавтентичните личности не само на југословенскиот и балканскиот, туку и на европскиот филм. Неговите ставови и поимањето на естетиката на филмот беа блиски на моето убедување и токму тоа толку многу не зближи. Ова е навистина големо признание кое мене ми е подраго од сите награди што сум ги добил досега, рече Попов во своето емотивно обраќање.
Предраг Мики Манојловиќ врачувајќи ја наградата посочи дека имал среќа да соработува и со Павловиќ и со Попов, се запознал со нивните семејства и смета дека врската меѓу нив двајца е природна, а филмскиот ракопис и израз им е сличен.
Во рамките на манифестацијата „Годишни награди за режисерите“ се одржа конференција на Организацијата за заштита на авторските права и серии панели на Асоцијацијата на режисери од Балканот, на кои со останатите колеги од Балканот учествуваше Игор Иванов Изи, претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија.
Мисијата на оваа манифестација е на професијата режисер да и го врати интегритетот и независноста на авторските идеи и да се избори за професионални услови за работа и промоција на нивните дела.