Култура
Оперскиот пејач Ѓорѓи Цуцковски е новиот директор на НУ „Охридско лето“

Магистер доцент Ѓорѓи Цуцковски, оперски пејач, првенец на Операта при Националната опера и Балет (НОБ), е новиот директор на НУ „Охридско лето“. Тој доаѓа на местото на Анита Алоска која беше на функцијата в.д. директор измнативе три месеци.
Цуцковски на македонската јавност ѝ е познат по својата богата интернационална кариера, која вклучува претставување на македонската култура во САД, Кореја, Индонезија, Јапонија, Кина и во Европа. Освен како истакнат македонски уметник, има дадено особен придонес за македонската култура и како пoранешен уметнички директор на Македонската опера и музички селектор на фестивалот Охридско лето.
„Охридско лето за мене претставува бисер на македонската култура и на културниот идентитет на Македонија. Со особена чест и задоволство стапувам на позицијата директор на НУ ‘Охридско лето’ со надеж дека ќе ја продолжиме долгата и богата традиција на успешни и спектакуларни настани на најголемите светски уметнички имиња и дека фестивалот ќе продолжи да ја негува богатата традиција од 64 години“, вели Цуцковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Изложба посветена на ансамблот „Мањифико“ во Градски музеј Крива Паланка

Ретроспективната изложба посветена на еден од најзначајните македонски музички состави – ансамблот „Мањифико“, кој во своето 31- годишно постоење остави длабоки траги во македонската и меѓународната музичка сцена, ќе биде отворена на 5 јули (сабота) 2025, со почеток во 20,30 часот, во уметничката галерија на ЛУ Градски музеј Крива Паланка.
Изложбата е екслузивен и траен спомен и чествување на богатиот опус на „Мањифико“ со обемна збирка од над 240 селектирани експонати, фотографии, постери, документи, аудио-визуелни снимки и архивски материјали кои сведочат за извонредната уметничка активност и достигнувањата на овој реномиран состав. Меѓу нив е и монографијата „Ансамблот Мањифико мит-легенда или реалност“, чиј автор е еден од основачите и член на овој состав Пантелеј-Панче Кочовски.
Експонатите вклучуваат 32 големи постери и 15 оригинални плакати од концерти и настапи, над 60 паноа, над 200 селектирани уметнички фотографии, аудио и видео касети, ЦД и ДВД изданија, признанија, студиски снимки, концертни програми, сценографски документи и монографското издание.
Изложбата, со која се одбележуваат 65 години од основањето на славната група, пред се, е посветена на починатите членови на „Мањифико“, сите извонредни музички ументици, на чело со вокалниот солист и ѕвезда на ансамблот, Невенка Кочовска. Во чест на овој екслузивен настан, дел од репертоарот на легендарниот состав ќе отпеат Лидија и Тања Кочовски, наследничките на Панче и Невенка.
„Последно што посакав е да оставам траен спомен на ансамблот преку експонати, сведоштва и фактографија и да ја запознаам македонската јавност со нив“, вели Панче Кочовски автор на изложбата и на монографијата.
Ансамблот „Мањифико“ е основан во далечната 1959 година и во својата 31-годишна уметничка одисеја достигнува интернационална и интерконтинентална афирмација. На својот репертоар има над 320 композиции од Латинска Америка и Шпанија, од кои над 220 на носачи на звук, 80-тина нумери за 30-тина радио станици во поранешна Југославија и Европа, 28 мали музички плочи, 5 ЛП албуми, 4 аудиокасети, 2 ЦД и неколку ДВД изданија. Најголем дел од изданијата се продавани во златен и сребрен тираж.
Во своето над 30-децениско постоење, ансамблот „Мањифико“ има настапувано во над 42 земји ширум светот, вклучувајќи ги: Австрија, Италија, Русија, Турција, Индија, Египет, САД (Индијана, Калифорнија, Илиноис, Мичиген, Невада), Австралија, Азербејџан, Казахстан, Узбекистан, Шведска, Германија, Бугарија, и многу други. Изведени се околу 4300 концерти, со вкупна публика од над 8.700.000 посетители. Ансамблот учествувал и во театарски продукции, снимал музика за телевизија и филм, а во 16 ТВ студија низ Европа и СССР се снимени над 140 телевизиски емисии и блокови, со учество на бројни познати вокални солисти. Има настапувано и за југословенскиот претседател Тито, пред мексиканскиот претседател Лопез Матеоз, како и о победникот на Сан Ремо Тони Далара. Иако главниот репертоар е составен од латиноамериканска музика, на интернационалните настапи „Мањифико“ изведува и македонски и југословенски хитови како музичка идентификација на ансамблот и регионот. Истовремено, како познати филантропи, имаат одржано и преку 600 хуманитарни коцерти, меѓу кои и за земјотресот и поплавата во Скопје.
Покрај Невенка и Панче, дел од „Мањифико“ биле и врвните музичари Крсто Таушанов, Петар Галев, Димитар Томов, Јане Коџабашија, Хозе Свиличиќ, Владимир Нигојевиќ, Миле Барбаровски, Коце Икономов, Миле Лукаров, Димитар Павловски и менаџерот Борис Низамовски.
Култура
Концерт „Соло песни од шпански и француски композитори“ на Скопско лето

Во рамки на 46-тото „Скопско лето“ вечерва, 2 јули, ќе се одржи концерт насловен „Соло песни од шпански и француски композитори“ со почеток во 20:30 часот во Музејот на македонската борба за самостојност.
Концертот е во изведба на Александра Коцевска – мецосопран и Глигор Гелебешев – пијано.
Билетите по цена од 300 денари се во продажба на karti.com.mk, а и ќе се продаваат и на влезот на Салата на Музејот на македонската борба за самостојност пред почетокот на настанот.
Култура
Отворање на изложбата „Регенерација“ на Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска во Белград

Ликовната изложба „Регенерација“ на авторките Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска ќе биде отворена во петок, 4 јули 2025 во 19 часот во Културно информативниот центар на Република Северна Македонија во Белград, Србија. Љубителите на уметноста ќе можат да ја посетат до 9 јули.
Преку своите дела трите авторки се осврнуваат на периодот полн со промени во начинот на живеење предизвикани од пандемијата Ковид 19, кој неизбежно се рефлектираше во нивните дела. Тие ја преиспитуваат релацијата на видливиот свет со невидливите опасности. Се однесува на сопствената трансформација, како и на емоциите и чувствата поттикнати од промените на животниот тек предизвикани од пандемијата и новите наметнати стандарди во секојдневното живеење, и воедно, го преиспитува сопствениот обновувачки процес (регенерација) од настанатата ситуација.
„Делата на Ана Ивановска се засноваат врз истражување на тема глобалната пандемија како и реакција на моменталните тенденции и глобални случувања во светот, кои несомнено оставаат траг врз секојдневието на луѓето. Фокусот е ставен на сопствената внатрешна трансформација, разните ментални состојби, ситуации и чувствата. Тие претставуваат визуелна манифестација на стравот, безизлезната ситуација и ограничената слобода како бариера во општењето со светот. Настанати се преку процесот на експериментирање и комбинација на фотографија, принт и други материјали (жилети, ќибрити, плексиглас, колаж). И покрај тоа, низ делата провејува нишка на оптимизам, бидејќи периодот на изолација, исто така, допринесе за развивање на чувството на исполнетост преку пронаоѓање на внатрешниот мир, со надеж за одново обновување и регенерација во времето кое што допрва доаѓа. Целта е да се поттикне поголема свесност за работите кои забораваме да ги забележуваме и создавање на нова перцепција за нашето опкружување. Тој порив произлегува од постојаната потрага за спознавање на сопствената природа и чувството на обединување со универзумот.
Регенерацијата како тема е тесно поврзана со генетиката на секоја постоечка единка, но голем дел од нејзините процеси зависат и од времето и условите во кои таа единка се развива… Овие влијанија делуваат на нејзиното обновување, нејзините последици и опстојување во дадената физичка форма. Христина Зафировска, преку своите дела, на апстрактен и сликовит начин го прикажува реалното и невидливото со голо око, поттикната од промените на животниот тек, настанати од пандемијата. Серијалот го интерпретира биолошкиот процес од една страна, кружниот строеж на вирусот, неговото создавање, виреење, проширување и пренесување, а од друга страна, преку визуелно прикажаниот регенеративен процес, делата ја претставуваат „последицата“ и процесот на физичко и ментално обновување настанато поради периодот на принудната изолација. Во делата комбинира повеќе начини на изразност – објекти со поп-артистички колористички изведби, текстуална игра на зборови, плошни плакатски решенија, каде што дводимензионалноста на геометриските форми и поединечните секвенци стануваат целини, а со тоа самите форми стануваат своевидни објекти во просторот.
Маја Кировска претставува воздушести човечки фигури изработени од лесен природен материјал (скелети од листови од дрво), кои навидум лебдат во слободниот простор. Овие фигури наликуваат на костими кои ја следат анатомската форма на телото, а немаат екстремитети и глави слично на остатоците од пронајдените антички скулптури. Скелетите од листовите всушност го претставуваат циркулаторниот ситем на листот од дрво, тоа е оној систем кој ги снабдува со вода и ги одржува во живот. Тоа на еден симболичен начин се врзува за темата на изложбата „Регенерација“.
Овие човечки фигури со својата транспарентност истовремено наликуваат на кожа која змијата ја отфрла откако ќе и стане тесна. Формата на човекот е присутна како остаток, како сведоштво за некоја негова преходна состојба, а тој не изчезнал туку пораснал, се трансформирал, ги пребродил предизвиците. Како паралела, на ѕидот се поставени слики во повеќе нијанси на црвена боја која потсетува на крв. Крвта е таа која го снабдува човекот со сите потребни материи и го одржува во живот, слично како водата преку системот за циркулација на растенијата.“ – Авторите Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска.
„Помеѓу зборовите, мислите и битието отсекогаш постои бездна… Делата на конкретниве три уметници нè водат преку симболичен мост на невозможната мисија. Со атрибутот го отелотворуваат глаголот, а со глаголот атрибутот. Регенерација на кодот… регенерација на езотерична естетика… регенерација на времето кое ни доаѓа. Регенерација на просечно и болно, е она што нуди и прави емпатија, регенерација на минорното и грдото, е она што не ни се допаѓа. Забележливо е дека, јас авторот со ситниов број напишани зборови тешко се регенерирам во својот слободен пад помеѓу мислите и битието… сепак, во хармонијата на вкрстување на информации од било кој тип добиваме: машина, тело и дело кое се регенерира во веќе постоечка квантна состојба од варијантите. Непоколебливо присутни со своите регенеративни идеи се: Христина Зафировска, Ана Ивановска и Маја Кировска кои го даваат своето себство спојувајќи се во просторот на Галерија МКЦ. Просторот е битен… во него времето минува и се отелотворува заедно со визиите на објектите кои ќе бидат поставени во него. Транспарентно видлива стварност на одреден код, кој ќе биде отелотворен во свеста на посетителот. А, посетителот ќе суди, и пресудата ќе важи само за него.
П.С. Секој пишан збор (кој не вреди колку мисловниот) е во интерес на антиципирање на настанот“. – Горјан Ѓорѓиев