Изложби
Се отвора изложбата „Пејзаж на вознемиреност“ во Музејот на современата уметност – Скопје

Изложбата „Пејзаж на вознемиреност (култура и уметност за идното коегзистирање со еколошките кризи и климатски промени)“ се однесува на климатските состојби и еколошките предизвици и ќе се отвори на 9 март во 20 часот во Музејот на современата уметност – Скопје.
Пејзажот на вознемиреност се однесува на промените во животната средина, кои генерираат ургентни состојби преку екстремните временски услови, губење на биодиверзитетот, девастираната животна средина, неконтролирани траектории на експлоатација на основните ресурси, како водата и воздухот, глобален раст и несакани миграции.
Учесници на изложбата се: Тихомир Топузовски, Ивана Васева, ОПА (Опсесивно посесивна агресија) – Денис Сарагиновски и Слободанка Стевческа, Ивана Мирчевска, Дарко Алексовски, Никола Узуновски, Зорица Зафировска, Кирил Арсовски, Билјана Гаревска и Дарко Базерко.
Во рамките на изложбата ќе следува и јавна програма, која ја отвора Адам Ночек, професор по филозофија на науката и технологијата од Државниот универзитет „Аризона“ во САД на 12 март (недела) во 12 часот.
„Делата од оваа изложба се резултат на соработка помеѓу уметници, експерти, активисти, формални и неформални здруженија, институции, овозможувајќи видливост, предлагајќи или поттикнувајќи решенија, или претставуваат форми на активизам, кои ја инволвираат јавноста во врска со постојните проблеми и предизвици“, велат кураторите Топузовски и Васева.
Изложбата е дел од истоимениот проект, кој подразбира шестмесечно истражување и се одвиваше на неколку локации во земјата, како Велес, Битола, Преспа и Скопје, во соработка со членови на еколошко друштво од Велес, „Вила Зора“, иницијативата „Битола на точак“, јавната институција Национален парк Галичица и Природонаучниот музеј на РС Македонија. Во рамките на истражувањето се дискутира за можни соработки, користење уметнички пристапи и методологии преку кои ќе се влијае до соодветните институции за решавање низа ургентни проблеми. Соработници на изложбата се: еколошко друштво „Вила Зора“, Велес, Институт отза комуникациски студии – Скопје, Природонаучниот музеј на РС Македонија. Проектот е целосно финансиран од ФООМ (Фондацијата „Отворено општество – Македонија“).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Изложби
Самостојна изложба на Стефан Јакимовски „Графички приказни“

Во изложбениот салон на Национална установа Центар за култура “Трајко Прокопиев” – Куманово на 18 Мај (четвтрок) 2023 година во 19:30 часот ќе биде отворена самостојна изложба на проф. м-р Стефан Јакимовски со наслов „Графички приказни – Визуелни приказни раскажани преку ликовната и применета уметност”
Стефан Јакимовски има завршено средно училиште за применета уметност (УПУ “Лазар Личеновски” )-Скопје оддел применета графика. По завршување на средното образование се запишува на Факултетот за ликовни уметности ФЛУ-Скопје- Уневерзитет Кирил и Методиј, на оддел графика (насока графички дизајн) во класата на проф. м-р Димитар Малиданов, кај истиот професор завршува и постдипломски студии во 2008 година на тема Мултимедијален пристап во графиката (Графичкиот израз и мултимедијалното дизајнирање и проткајување на ликовните медиуми) . Активен член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија-ДЛУМ, Друштвото на ликовни уметници на Куманово-ДЛУК,Фото кино клуб “Козјак” и Интернационалната дизајнерска асоцијација CEIDA(ЦЕИДА).
Стефан е уметник кој со својот приказ и експресија на делата го поместува реалното и имагинарното и постојано е во потрага по нови прикази на своите дела кои ги следи и вклопува во модерните текови. Разбирливи, едноставни, а сепак совршено вклопени во една уметничка целина. Стефан Јакимовски е редовен професор на Факултетот за дизајн и мултимедија при АУЕ-ФОН-Универзитет и основач на катедрата за графички дизајн на истиот факултет. По покана одржува гостински предавања на Балкански универзитет-Скопје, Универзитет Мајка Тереза-Скопје но и научно-истражувачка посета на IT-University of Chopenhagen-Данска оддел за дигитален дизајн. Предава предмети од областа на графика,графички дизајн,типографија,плакат,корпоративна комуникација и друго. Автор е на многу графички решенија и учесник на меѓународни конкурси,симпозиуми и изложби. Јакимовски е член на повеќе стручни жири комисии,рецезент на книги за средно стручно образование и ментор на наставни и вон наставни проекти. Јакимовски за својата досегашна работа има добиено многу награди и признанија.
Изложби
„Заедно“ – Македонија и Бугарија со заедничка изложба во Брисел

Вчера, во зградата на Европскиот парламент во Брисел беше отворена изложбата „Заедно II“, која се организира во соработка помеѓу Министерството за култура на Република Бугарија и Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Организатор на изложбата е Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, со поддршка на европратеникот од групата „Обнови ја Европа“ и известувач во Европскиот парламент за Република Северна Македонија, Илхан Ќучук.
Специјален гостин на отворањето на изложбата беше претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.
„Европската Унија и овој парламент се посветени на унапредување на долгорочните односи меѓу Бугарија и Северна Македонија. И ќе продолжиме да ги охрабруваме двете страни на дијалог и работа за заедничка европска иднина. Оваа изложба има цел да го прослави заедништвото меѓу Бугарија, Северна Македонија и Европскиот парламент“, рече Мецола.
Европратеникот Илхан Ќучук се заблагодари на директорката на БГКИЦ – Скопје, Антонија Велева, која ја поведе иницијативата за изложбата и додаде:
„Овој пат треба да биде патот напред и за Бугарија и за Северна Македонија. Двете земји треба да ги продлабочат своите добрососедски односи и да се залагаат за интеграција на регионот во Европската Унија. Ова е пример дека културата е мост што обединува и не познава граници, дека културата има моќ да се издигне над сите разлики“.
Меѓу присутните беа и постојаниот претставник на Бугарија во ЕУ, амбасадорот Румен Александров, како и амбасадорот на Северна Македонија во Европската Унија, Зулфи Исмаили. Двајцата истакнаа дека изложбата ја покажува заемната волја за одржување на позитивната агенда меѓу двете земји.
„Важноста на меѓукултурниот дијалог и соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија стана повидлива во последните години. Денешниот настан е уште еден доказ во оваа насока. Заедничките вредности и наследството се составен дел од нашата иднина“, рече амбасадорот Александров.
„Им благодарам и на министерствата за култура на двете земји. Уметноста е универзален јазик и треба повеќе да ја промовираме. Гледајќи ја оваа изложба непосредно пред ова отворање, го видов неограничениот потенцијал на уметноста да инспирира, предизвикува и да ги трансформира нашите перспективи“, додаде амбасадорот Исмаили.
Кураторите Ана Франговска од Северна Македонија и Атанас Андасаров од Бугарија ја претставија првата заедничка изложба на двете земји пред присутните гости на свеченото отворање во зградата на Европскиот парламент.
„Заедно II“ првпат беше претставена во Скопје на 25 ноември 2022 година кога свечено беа отворени новите простории на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје и беше дел од годишната програма на институцијата.
Од бугарска страна на изложбата учествуваат скулпторката Снежана Симеонова со делото „Форма“ и сликарите Свилен Блажев со „Рабош“, Вихрони Попнеделев со „Триптих“, Греди Аса со „Историја“ и „Внатрешен простор“; Надежда Кутева со „Манастирот 1“ и „Градски пејзаж“ и Атанас Андасаров со „Св. Наум“ и „Персимон“ и други.
Од уметниците од Република Северна Македонија на изложбата се претставија сликарите Жанета Гелевска-Велјаноска со делото „Пејзаж“, Симонида Филипова-Китановска со „Композиција“, Илија Кочовски со „Пејзаж 2“, Александар Станкоски со „90.000 овци“, Жаклина Глигориевска-Кочовска со „Возбуда или за потеклото“, Марина Цветановска-Мартиновска со „Ни на небо ни на земја“, Дијана Томиќ-Радевска со „Цветовите на Галичник 1“, Марина Лешкова со „Галичник“ и други.
Изложби
Сакам да заборавам на инцидентот, вели сликарот Андреевски по упадот на „Златна зора“ на изложбата во Солун

Сакам да заборавам на инцидентот оти се’ друго поврзано со изложбата беше убаво чувство, вели сликарот Сергеј Андреевски откако минатата седмица членови на грчката забранета организација „Златна зора“ со маски и качулки на лицата упаднаа на неговата изложба во Каламариа, Солун.
Андреевски вели дека да се биде творец денес, во сопствен свет, со личен ракопис, или да се живее сопствениот сон со потези широко насочени кон светот не е едноставно.
„Живееме во време на пандемии, војни, економски турбуленции и воопшто, преструктурирање на планетата земја. Сите сме, помалку или повеќе вклучени во промените. Сето ова, особено не засега нас, уметниците. Нам ни треба свет без граници, луѓе без вардели. Со мојата уметност отсекогаш трагав по нови, неоткриени предели за да прозвучат нивните убавини преку моите слики“, рече Андреевски.
За упадот на „Златна Зора“ вели дека политиката, како и многу пати до сега, се обиде да ја победи уметноста, а тој не сака да ја употребува како средство за лична афирмација.
„Сакам веднаш да го заборавам инцидентот, бидејќи сето останато поврзано со изложбата беше убаво чувство: гостопримството од страна на организаторите – општината Каламариа, секојдневните средби со посетителите, колегите-уметници, вклучувајќи ја и средбата со претставниците на грчките органи за јавна безбедност. Искрено сакам да ја истакнам професионалната реакција на нашето МНР, а особено заложбите на македонскиот Генерален конзул во Солун, Г-динот Дејан Ѓучиќ, кој направи сѐ јас и мојата сопруга да се чувствуваме безбедни“, рече Андреевски.
Се заблагодари на поддршката што ја добил и се уште ја добива од голем број уметници, интелектуалци, граѓани и воопшто на македонската, грчката и светската јавност кои застанале на страна на уметноста.
Целта на членовите на групата маскирани кои упаднаа во галеријата била да ја прекинат изложбата. Тие се однесувале непристојно и вулгарно, по што си заминале. Немало физичко насилство или материјална штета, наведе МНР по инцидентот, а била повикана полиција. Златна зора тогаш објави видео од инцидентот, во кое се вели дека ја запечатиле „скопската изложба во Каламариа“ и дека не прифаќаат никаков компромис за „грчкиот карактер на Македонија“.