Култура
Соработката во рамките на програмата „Креативна Европа“ е ренесанса за македонските културни уметници

На трибината „ЕУ за македонското културно богатство“, во рамките на кампањата „Ние сме Европа“, која се одржа во Битола, покрај вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и заменик-амбасадорката на Република Чешка, Штајнер Вотавова, говорник беше и Филип Јовановски, визуелен уметник и културен работник.
Тој во своето обраќање ги сподели искуствата во разни проекти што ги користат преку европската програма за култура „Креативна Европа“ и што за независните институции од областа на културата значат можностите од оваа програма.
„Во моментот имплементираме проекти од ‘Креативна Европа’, партнери сме во три проекти и она што е уникатно за мене кога ќе споредам искуство со соработка со други донатори и поддржувачи е огромната слобода што ја имаме, мислам дека досега таков тип на слобода во програмирањето на културните активности сме ја немале, а ‘Креативна Европа’ тоа ни го овозможува. Тоа е многу битен аспект, особено за независна институција како нашата“, рече Јовановски.
Јовановски додаде дека другиот аспект што го нуди програмата „Креативна Европа“ е можноста за поврзување со високи професионалци од областа на современата уметници и култура од Европа.
„Годинава, имавме можност преку ‘Креативна Европа’, а во партнерство со Министерството за култура ,да имплементираме програма во која учествуваа 20-ина уметници од Северна Македонија во Република Чешка, и тоа беше комбинација на млади уметници и размена со автори од локалниот регион. Сега продолжува и во ноември, дел од програмата ќе се реализира кај нас“, посочи Јовановски.
Според искуството во оваа програма што го имаат културните работници, „Креативна Европа“ е можност за размена на знаење, преиспитување на идејата за заедништво и солидарност и размена на програми.
Според досегашната работа на проекти во рамките на оваа културна програма на ЕУ, за Јовановски, – соработката во рамките на „Креативна Европа“ е ренесанса и дава слобода. Тој нагласи дека ЕУ воведува нов начин на работа, со кој ги намалуваат бирократските процедури, се зајакнува доверба и ги зајакнува и развива малите организации.
Јовановски рече дека имаат голема поддршка и помош од Министерството за култура, со тоа што учествува и има удел во вкупниот буџет на програмата и на проектите и ги охрабри културните работници да ја користи програмата максимално бидејќи, како што рече тој, „ таа е отворена, слободна и поттикнува малите културни организации да се движат напред“.
„Креативна Европа“ е единствената програма на Унијата конкретно наменета за културните, креативните сектори и аудиовизуелниот сектор во Европа. Нашата држава и другите земји, со потпишувањето на меѓународниот договор помеѓу нашата држава и Европската Унија за учество во програмата „Креативна Европа 2021 – 2027 година“ во декември 2021 година, официјално се пристапи кон спроведувањето на третиот циклус од оваа програма на Унијата како единствен стратешки (политички) и финансиски инструмент на ЕУ наменет за културниот, креативниот и аудиовизуелниот сектор.
Оваа програма за периодот од 2021 до 2027 година обезбеди 2,44 милијарди евра за поддршка на европската култура, достапни и за македонската. Министерството за култура е дел од разни европски проекти, а конкретно, во програмата „Креативна Европа“ учествува со вкупен износ од 1,14 милион евра.
Трибината „ЕУ за македонското културно богатство“ се одржа во Битола, а следната недела продолжува кампањата „Ние сме Европа“ во Прилеп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Изложба на Ферди Булут во КИЦ-Битола

Во кристалната сала на Офицерскиот дом во Битола во тек е изложбата на академскиот сликар Ферди Булут, насловена “Широк сокак во боја”.
Станува збор за циклус на визуелни решенија, презентирани преку женското битие, односно преку визуелен птриказ на жената со користење на постапката осветлување, наспроти колористичната симбиоза на композициите.
Проектот се реализира со поддршка на Министерството за култура во рамките на проектот “Култура во лето”.
Ферди Булут е македонски сликар од помладата генерација. Дипломира на Факултетот за ликовна уметност во Скопје.
Учествувал на изложби во Македонија, Австрија, Франција, Бугарија, Италија и Турција.
Култура
СДСМ: Со нас македонската култура постигнува значајни успеси

„Со посветеноста и заложбите на СДСМ, македонската култура постигнува значајни успеси и резултати.
Изборот на Скопје за престолнина на културата во Европа за 2028 година е успех за македонската култура и признание за влогот на институциите предводени од СДСМ, Министерството за култура, Владата но и поранешната локална власт на Градот која имаше визија и ја подготви апликацијата.
Додека ДПМНЕ го уназадува Скопје, СДСМ обезбедува можности за развој.
Освојувањето на титулата Европска престолнина на културата овозможува значителни културни, економски, социјални придобивки за Скопје, и одлична можност Скопје и целата македонска култура во 2028 година да се претстават во најдобро светло на европската и светската сцена.
Овој нов успех на македонската култура доаѓа само неколку дена по одлуката на Комитетот на УНЕСКО Охридскиот регион да остане на листата на светско културно и природно наследство, со исклучителна универзална вредност. Важноста на Охридскиот Регион е немерлива и трајна. Затоа, наша должност е да го заштитиме.
СДСМ, преку институциите коишто ги предводи покажа одговорност во заложбите за негување и промоција на културното богатство и преземените чекори и мерки се препознаени и валоризирани“.
Соопштение на СДСМ
Култура
Тринаесетто издание на фестивалот на нова музика „Здраво млади“ вечерва во МКЦ

Вечерва со почеток од 20 часот, започнува еднодневната фестивалска програма на музичкиот фестивал ЗДРАВО МЛАДИ во организација на ЈУ Младински културен центар веќе тринаесетта година по ред.
На 5 бини во Младинскиот културен центар ќе настапат повеќе од 20 артисти од 11 земји од Европа. Како и секоја година, програмата на фестивалот цели кон жанровска разновидност, нови и надежни артисти како и веќе етаблирани музичари во својата музичка кариера. Надоаѓачките артисти се срцевината на фестивалот, кој се труди да понуди богата и ексклузивна програма која е ретко застапена во домашната музичка понуда.
Во салата 25 Мај во МКЦ, популарно познта како Денсинг сала како централниот настан ќе го отвори настапот на рускиот џез панк состав Оми, по кој следи фолк сензацијата Џутко и Плодови Земље од Хрватска, потоа домашниот состав Мај Тиар со нов состав и најава за новиот албум, хрватската психоделична банда Немања за на крај вечерта на оваа бина се затвори со долгоочекуваниот настап на хрватскиот анти рапер Војко В и Доуп Куќата.
Киното Фросина е наменето за млади надоаѓачки артисти кои имаат на кои дел од нив настапот на ЗДРАВО МЛАДИ им е посебен предизвик во нивните свежи кариери. На оваа бина, ќе се проследат настапите на новата звезда на српската поп музика Жива, португалката маѓионичарка на уку лелето Рита Брага, домашниот џез фолк состав Калата и францускиот рапер Јоланде Башинг.
Клубот МКЦ е резервиран за електронските артисти на фестивалот. Овде, публиката ќе има прилика да го чуе легендарниот рокенрол изведувач Иан Свенониус и неговиот последен проект Ескапизам, францускиот електронски артист чиј настап долго се очекува YMNK, кралевите на кумбијата Маускович Денс Бенд, италијанците Планет Опал и звездите на вечерта, британците PVA, кои за многу кратко време ќе се искачат многу високо на светските топ листи.
Џебното кино во МКЦ е резервирано за промоција на литературно музичкиот колектив Слово Култ со настап на 3 електронски артисти, ЏејДи Зази, Елизабета Костадиновска и Маргарет Аноун.
На платото пред МКЦ пак, со свој диџеј сет ќе не загреваат во текот на целата фестивалска вечер – резидент диџејот на Здраво Млади, диџеј Фиц заедно со поддршка од локалните диџеј уметници Ајнур Касо и Ертунч Сали.
Младински културен центар ветува уште едно спектакуларно издание на фестивалот, кој оваа година е финансиран од страна на Министерството за култура и Град Скопје, како и настапите на артистите кои се дел од програмата Лајвјуроп.
Билетите се по цена од 800 денари се до денот на фестивалот. Билетите може да се набават на билетарницата на МКЦ или на олајн линкот за продажба на билети на МКЦ. Вратите на МКЦ ќе бидат отворени за публика од 19 часот.