Култура
Во КИЦ, театарска претстава „Ожени ме“ во режија на Роберт Ристов

На 17 октомври, во 20 часот, во Културно информативниот центар – Скопје, Салон 19:19 ќе се изведе театарска претстава „ОЖЕНИ МЕ“ во режија на Роберт Ристов.
Во претставата играат: Изабела Јакимова и Бранко Атанасов
Саксофонист: Бобан Цветановски
Драматизацијата е работена по мотиви на урбаните сценарија: „Ожени ме“, „Заедништво“, „Храна и љубов“ и „Брачна приказна“.
„ОЖЕНИ МЕ“ е насловот на една од двете претстави ( ОЖЕНИ МЕ и РАЗВЕДИ МЕ) кои всушност се две поглавја од ФЛИП ИЗДАНИЕТО на претставите со заеднички наслов „ДВЕ НИЈАНСИ ЦРВЕНА“. Ова е еден уникатен начин да се опфатат две теми/ претстави кои претставуваат лице и опачина, едната на другата.
Ако мракот значи недостиг на светлината, а црвената ни го означува присуството на љубовта, дали во миговите на бес, при намаленото присуство на светлина, умееме да го согледаме присуството на нијансите на црвена? Дали љубовта кон себеси го намалува интензитетот на сакањето на партнерот? Каде е границата? Како можеме да го процениме квалитетот на врската во која се наоѓаме? Дали љубовта треба и да боли или само да нè разнежнува и мотивира да растеме и да се менуваме? Дали таа е „прекинувачот“ за нашата среќа? Дали љубовта мора да се круниса со БРАК, или бракот е само старомодна архаична институција со која општеството го стигматизира човекот за да може полесно да го манипулира? Овие скокотливи теми ќе бидат експлицитно отворени и дефинитивно ќе ве стават во ситуација да ги преиспитате воспоставените општествено-морални вредности. Ќе ве натераат да ги согледате нијансите во сопствената врска, мотивирајќи ве да ја засилите нијансата на црвена (љубовта).
Автор на костимите, а воедно и спонзор на истите, е Елена Лука.
Сценографското решение се на Роберт Ристов.
Актерите од оваа претстава се прогласени со наградата НАЈДОБАР АКТЕРСКИ ПАР на Фестивалот на дуодрама „Бранко Ѓорчев“ – Неготино. Aктерите Изабела Јакимова и Бранко Атанасов се добитници на наградата НАЈДОБАР АКТЕРСКИ ПАР на Фестивалот на дуодрама „Бранк Ѓорчев“ – Неготино, 2022.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
СДСМ: Нема плата за Влегден за културните работници

Денес е 17 април. Два дена после законскиот краен рок за исплата на платата, во Светата седмица, на Велики четврток – симбол на смирение и човечност, само три дена пред големиот христијански празник Велигден, вработените во културата сè уште немаат добиено плата за месец март, велат од СДСМ.
Според партијата ова не е само административен пропуст, туку директен удар врз достоинството на оние што ја чуваат нашата културна меморија, ја создаваат уметноста и се грижат за духовното богатство на нацијата.
Да не се исплати плата навреме, велат од СДСМ, а особено во овие празнични денови кога семејствата се собираат, кога традицијата повикува на трпеза, топлина и заедништво – значи да се покаже рамнодушност кон нивниот труд и живот.
„Министерот за култура,Зоран Љутков, потфрли. Потфрли не само како институционален раководител, туку и како човек кој некогаш самиот стоел на сцена и знае што значи љубовта кон културата. Разочарува фактот што токму тој, дојден од светот на уметноста, не покажа ни минимум емпатија и одговорност кон своите колеги – вработените во установите од културата низ целата земја“, велат од СДСМ.
Се додава дека културата не може да биде последна на листата. Луѓето што работат во театарите, музеите, библиотеките, галериите… заслужуваат почит и сигурност, не понижување и несигурност. Оваа ситуација не смее да се повтори.
СДСМ повика на одговорност.
Култура
Бесплатен концерт на македонско-турско дуо во Даутпашиниот амам

Овој четврток, со почеток во 20 часот, во Даут Пашиниот Амам – објект на Националната галерија на Северна Македонија, ќе се одржи концерт на интернационалното дуо составено од Даниела Неделковска (флејта, Северна Македонија) и Пинар Челик (пијано, Република Турција).
Концертната програма опфаќа дела од македонски и турски автори, нудејќи музичко доживување кое ги спојува традициите, културата и естетиката на Балканот и Анадолија. Настанот има за цел да ја потенцира блиската културна соработка помеѓу двете пријателски земји преку јазикот на музиката.
Настанот се одржува под покровителство на Амбасадата на Република Туркије во Скопје, а во организација на Институтот Јунус Емре – Скопје, кој континуирано работи на зближување на културите преку уметнички и образовни проекти.
Влезот за концертот е бесплатен.
Култура
Актерот Сашо Тасевски доби награда за улогата Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“

Актерот на Драмски театар Скопје, Сашо Тасевски е добитник на наградата за најдобра споредна машка улога на четвртото издание на Театарскиот фестивал „5РЕ” во Велес. Наградата ја доби за улогата на Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“ во продукција на Драмски театар Скопје.
Наградата за најдобра споредна машка улога ја донесе жирито во состав: Александар Георгиев, Александар Ивановски и Миле Вратеовски и во образложението на наградата се истакнува неговата фантастична изведба на ликот Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“ и се додава: „Сашо Тасевски, со неговиот хумор, енергија и актерска виртуозност, ја донесе една од најзначајните улоги во оваа претстава. Неговата игра ги плени сите сетила, одржувајќи баланс меѓу забавата и длабоките емоции што го носат со себе карактерите од оваа комедија“.
Режисерката Теа Беговска воедно е и автор на текстот и адаптацијата на претставата. Во уметничкиот тим што ја работеше „Фамилијата Адамс“ се сценографот Никола Пијанманов, костимографите Ратка Џамбазовска Коцев и Раде Василев, а музиката е на Енес Беговски. Кореографија ја направи Бојан Лазаров.
Ликовите во претставата ги играат актерите на Драмски театар Скопје: Гомез Адамс – Предраг Павловски, Мортиша Адамс – Трајанка Илиева Вељиќ, Бабата – Гордана Ендровска, Венздеј Адамс – Нина Елзесер, Фестер Адамс – Сашо Тасевски, Пагзли Адамс – Томислав Давидовски, Лукас, момчето на Венздеј – Марјан Наумов, Деби, бившата љубов на Фестер – Емилија Мицевска, таткото на Лукас – Златко Митрески и мајката на Лукас – Маја Вељковиќ Пановска.
Ликовите на ДУХОВИ во претставата „Фамилијата Адамс“ ги играат студенти на Факултетот за драмски уметности и Факултетот за театарски уметности при Интернационалниот Универзитет Еуропа Прима: Јована Миладинова, Ема Лазарова, Луна Миќевиќ, Стефан Арсиќ, Кристијан Петковски, Енис Билаловиќ, Анастасија Митровска и Мартин Мазнев. Инспициент на претставата е Гоце Бојчев, а суфлер Жаклина Цветковска.
Режисерката Теа Беговска во програмската белешка истакнува дека: „Фамилијата Адамс, овие добро препознатливи и екцентрични ликови со мрачен хумор, сместени во т.н. гробница на Светот (каде се закопани нивните предци) – “танцуваат” во СВОЈАТА нормалност, во СВОИТЕ вредности за живот и смрт. Овој мрачен дом на Фамилијата Адамс е светилиште каде се слави смртта, но, се слави и љубовта – тајната состојка со која опстојува династијата Адамс“.
Претставата Фамилијата Адамс е на редовниот репертоар на Драмски театар Скопје и наредната изведба е на 26 април во 20 часот. Тоа ќе биде нејзина тринаесетта изведба по премиерата на 25 декември 2024 година.