Култура
Во Охрид ќе се отвора канцеларија на УНЕСКО
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во рамките на официјалната посета на Париз, оствари средба со Ернесто Отоне, помошник-генерален директор на УНЕСКО за култура, и со директорот на Центарот за светско наследство на УНЕСКО, Лазаре Елоунду Асомо.
„Во Охрид ќе отвориме канцеларија на УНЕСКО, со што ги потврдуваме нашите заложби за јакнење, управување и промоција во зачувувањето на статусот на Охридскиот Регион“, истакна министерката Костадиновска-Стојчевска.
Во годината кога одбележуваме 30 години од нашето членство во УНЕСКО, на средбата беа поздравени напорите меѓу владите и националните комисии на Република Северна Македонија и на Албанија во однос на имплементација на препораките на УНЕСКО, кои се однесуваат на Охридскиот Регион.
![]()
На состанокот Костадиновска-Стојчевска посочи дека Владата останува целосно посветена на успешната имплементација на Конвенцијата за светско наследство и во соработка со сите релевантни државни институции, општини, како и со граѓанското општество, ги интензивира напорите за имплементација на препораките што произлегуваат од одлуките на Комитетот за светско наследство и на реактивните мониторинг-мисии.
Министерката за култура информира и дека како заеднички документ со Република Албанија е доставен ажурираниот извештај за состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион и напредокот во спроведувањето на препораките од одлуката на Комитетот за светско наследство со стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион (2023 – 2030).
Костадиновска-Стојчевска истакна дека сме свесни за потребата од понатамошни континуирани напори во согласност со препораките за справување со идентификуваните ранливост и закани и изрази надеж дека на 45. сесија на Комитетот за светско наследство, што ќе се одржи во септември во Ријад, Саудиска Арабија, ќе се усвои одлука со која природното и културното наследство на Охридскиот Регион ќе остане на листата на светското наследство.
Министерката за култура му се заблагодари на Центарот за светско наследство за доделената меѓународна помош со средства од Фондот за светско наследство во износ од 55.000 долари за реализација на проект на НУ Завод и Музеј – Охрид, кој е од особена важност за надградба на знаењата и капацитетите на стручните лица што работат во оваа установа.
Во седиштето на УНЕСКО во Париз од 7 до 10 февруари се одржува 16. сесија на Меѓувладиниот комитет за заштита и унапредување на разновидноста на културните изразувања. Имајќи предвид дека нашата држава не е членка на овој Комитет, но е држава членка на Конвенцијата, на состанокот ќе учествува министерката за култура Костадиновска-Стојчевска, која е и претседател на Националната комисија за УНЕСКО на Република Северна Македонија, заедно со Татјана Краљевска-Лазарова, генерален секретар на Националната комисија на УНЕСКО, во својство на набљудувачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на „Времето пред јазикот“ од Моника Херцег во киното „Фросина“
В понеделник, 1 декември, од 19:00 часот во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, ќе се одржи промоција на стихозбирката „Времето пред јазикот“ од хрватската поетеса, драмска авторка, есеистка, активистка и уредничка Моника Херцег.
Ова е трета нејзина стихозбирка објавена на македонски јазик од страна на „ПНВ Публикации“ од Скопје, и таа, како и претходните две, е поместена во едицијата „Гравири“. За книгата, низ разговор со авторката, ќе говори Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник во „ПНВ Публикации“, но и авторка на препевот од хрватски јазик. Изданието е поддржано од ТРАДУКИ.
Добитничката на Нобеловата награда за литература, Олга Токарчук, за поезијата на Моника Херцег вели: „Поезијата на Моника Херцег е како рана низ која свети светот – болна, вистинита, натопена со сеќавања и гнев, но и со надеж за нови приказни. Нејзините песни, произлезени од искуствата на војна, прогон и насилство, ги надминуваат границите на времето и географијата за да проговорат во име на оние што никогаш немале глас. Ова е поезија што не се плаши да зборува за одговорност – за Европа, за жените, за оние што системите и идеологиите ги исфрлиле на маргините. Херцег пишува за историјата што веќе не им припаѓа на победниците и за убавината што не може да се смести во рамките што некогаш ги познававме“.
Поетот Марко Погачар, пак, за „Времето пред јазикот“ истакнува: „Книга на тишината, самотијата и љубовта што нè надраснува, чија метафорика (како онаа на птиците) е речиси еднозначно изградена околу симболот на срцето“.
А писателот Миљенко Јерговиќ, додава: „Отсекогаш, уште од крајот на основното училиште, поезијата ја читам со молив в рака и со една што помала тетратка што ја собира во секој џеб, во која запишувам зборови, фрази, конструкции, стихови што ќе ми се допаднат. Помалку за да се потсетувам на нив, повеќе за, запишувајќи ги, да ги запаметам. Од книгата на Моника Херцег почнав да препишувам уште од насловот, а потоа препишав многу, многу повеќе. Она што ќе го подвлечам во тетратката, тоа ми е најмилото на светот. Многу работи од Моника подвлеков. Некои од нив би сакал, како во онаа прозна сцена кај Болањо, да се испишат на небото со траги од млазни авиони. На пример: ‘и време е да се откачиме од бога’, и она кога го смета бога за одговорен ‘за ситните раце со кои не можам / да му удрам парче небо врз глава на татко ми’. А особено: ‘Тука, тишината се прикрадува како стоногалка’. Поезијата почнува, сè почнува со сликата на тишината што се прикрадува како стоногалка“.
МОНИКА ХЕРЦЕГ (Хрватска, 1990) е поетеса, драмска авторка, есеистка, феминистка, активистка и уредничка во издавачката куќа „Фрактура“, Загреб. Добитничка е на повеќе од десет книжевни награди. Во 2023 г. беше избрана за Европски млад лидер во рамките на програмата „Пријатели на Eвропа“. Членка е на Управниот одбор на П.Е.Н. центарот на Хрватска и на уредничкиот одбор на списанието „Поезија“ што го издава Хрватското друштво на писатели. Добитничка е и на наградите на Град Петриња и Град Загреб, а во 2021 г. ја добила и наградата „Храбри жени“ (“Fierce Women”) за активизам.
Aвторка е на стихозбирките: „Почетни координати“ (2017), за која освои бројни награди, меѓу кои: „Горан за млади поети“, „Квирин за млади поети“, „Фран Галовиќ“, „Славиќ“ и „Мостови на Струга“; „Ловостој.“ (2018), за која ја доби наградата „На врв на јазик“ и „Времето пред јазикот“ (2020) за која ја добива наградата „Звонко Милковиќ“. Книгите ѝ се преведени и објавени во: Македонија, Србија, САД, Грција, Полска, Украина, Германија и Албанија, а во подготовка се и словенечките изданија. Поединечни песни, раскази, есеи, избори и драми ѝ се преведени на дваесетина јазици, а избори од нејзината поезија се објавени во Литванија и во Франција, како и во бројни антологии. Во 2024 г. ја добива значајната европска поетска награда „Европски поет на слободата“, што ја доделува градот Гдањск, за книгата „Ловостој.“, како и на престижната книжевна награда за млади автори што ја доделува ЦИЕ (Средноевропска иницијатива).
Авторка е и на наградуваните драмски текстови: „Каде што се купуваат нежности“, „Мртвите не треба да се мрдаат“, „Закопани чуда“, „Молк“, „Убиј се, тато“, „Мамо, смееме ли денес да умреме“ и „Убави ентериери“. Некои од нив се преведени на: француски, полски и германски јазик и играни се во театрите во Хрватска. Режирала и неколку пократки форми според сопствени текстови, како и долгометражната документарна радиодрама „Потресни приказни“ за Хрватското радио, а во моментов го привршува нејзиниот прв краток документарен филм „Јосо“, што го потпишува како режисерка и сценаристка.
Култура
„Мајка храброст и нејзините деца“ на Пројковски за затворање на 50 МОТ
Со антивоената приказна на Бертолд Брехт „Мајка Храброст и нејзините деца“, во режија на македонскиот режисер Дејан Пројковски во 20 часот во МНТ се затвора јубилејното 50 издание на МОТ. Оваа безвременска драма е третата театарска претстава која Пројковски ја поставува во Новосадскиот театар и која силно резонира со актуелното време во кое живееме исто како во времето кога Брехт ја напишал.
„Живееме во специфични времиња во кои времето се мери според војните и жртвите. Историјата не не научи да се промениме на подобро. Човештвото лесно заборава и повторно се враќаме на истите состојби. Играме слични игри, повторуваме исти трагедии. Светот постојано произведува крв и детски солзи. Достоевски нè потсетува дека никаков идеал не вреди кога ќе падне и само една детска солза. „Мајка Храброст“ е огледало кое го открива вистинското лице на општеството и човекот. Таа, како и човештвото, постојано ја губи својата суштина. Живееме во свет на амбалажа, без суштина каде што се сè препакува.
„Мајка Храброст“ е како Сизиф кој повторно и повторно ги води своите деца низ војната и ги губи. Тоа е бескраен циклус. Ми потсетува и на Диоген кој со свеќа во рака бара каде исчезнал човекот, што се случува со него во војната, но и во кризите како короната, бидејќи секогаш кога амбалажата ќе падне суштината ја нема. Претставата е универзална приказна за војната, антивоена драма, но и антидрама со структура на античка трагедија. Во античката трагедија има катарза, но овде таа се трансформира во V-ефект – ефект на оттуѓување што се раѓа во спојот помеѓу актерите и публиката“ – вели режисерот Пројковски пред изведбата на претставата на МОТ.
Мајка Храброст доаѓа – продава чизми, гас-маски, борбен дух натопен во крвава пареа, солзи и религиозно лудило. Таа е хиената на бојното поле, некрунисаната кралица на воениот капитализам. Оваа претстава е искрена, трогателна семејна сага за тоа како војната ги голта своите деца – но и за тоа како работата мора да продолжи, без разлика на сè.
Во ова театарско ремек дело, покрај Пројковски како дел од македонската авторска екипа работеа и Олга Панго, кореограф, Валентин Светозарев, сценографија, Горан Трајковски, музика и Стефан Светозарев, дизајн на постер.
Во „Мајка Храброст и нејзините деца“ играат: Емина Елор, Дина Дедовиќ Томиќ, Даниел Тот, Чаба Бенце Кемивеш, Золтан Ширмер, Роберт Ожвар, Арпад Месарош, Иштван Кереши, Атила Немет, Даниел Хуста, Габриела Црнковиќ, Даниел Гомбош, Габор Понго, Бенце Салаи, Ливиа Банка.
Култура
Изложба „Откритија“ во македонскиот КИЦ во Белград
Македонскиот КИЦ во Белград, од 25 до 29 ноември, ќе биде организатор и домаќин на изложбата „Откритија“, прва од серијата изложби посветени на македонски ликовни уметници, чии дела се наоѓаат во приватни белградски колекции. На оваа изложба, ќе бидат претставени 14 дела од македонски ликовни уметници, меѓу кои и дела од основоположниците, кои се сопственост на приватната колекција на слики на г-н Игор Станковиќ.
Станува збор, за мали ремек-дела на големите мајстори на македонската ликовна уметност, за кои македонската стручна и ликовна јавност многу малку знае, бидејќи освен во Галеријата на САНУ во Белград, овие дела, во најголем дел, ретко или никогаш не биле изложувани во нашата држава.
Во каталогот за изложбата, историчарката на уметноста, г-ѓа Викторија Васева Димеска, пишува:
Се́ поголемата отвореност на приватните колекции и нивната достапност, е од непроценлива помош при евидентирањето на делата, датирањето, споредбите, особено за можноста тие да бидат изложени на проблемски, тематски, монографски…изложби. Тоа е и голем придонес во проучувањето на историјата на уметноста на одредена почва. Излагањето на збирките во приватни аранжмани, ги отвори вратите и ја проблематизира потребата од нивното презентирање и во државните институции. Секако, овој транспарентен начин на соработка со богатствaтa што се под закрила на приватните амбиенти, дава можност да се откријат, пронајдат, непознати податоци кои можат да предочат одредени пропусти или некои поместувања во постоечките теоретизирања.
Сите автори застапени во оваа колекција се еден хронолошки патепис и дел од историјата на македонската ликовна уметност. Во нив е вткаена широка лепеза на ракописи, од граѓанскиот портрет на Папрадишки, сочната палета на Личеноски, извонредниот цртеж и суптилните тонски соодноси на Мартиноски, хармоничните колористички конструкции на Коџоман, силната колористичка екстаза и извонредната композиција на Петар Мазев, религиозниот занес со возвишените остварувања на византиската уметност на Глигор Чемерски, преку лирските, екстатичните сцени од длабочините на човечката психофизичка егзистенција на Владимир Георгиевски, имагинарните, романтични сцени и амбиенти на Рубенс Корубин, звукот на пораката за изгубените простори на сеќавањата во мирисот на глуварките на Танас Луловски, геометриска апстракција на Ѓоко Матевски, придушената гама на Весна Бајалска….
Збирките не се само материјално богатство, тие се дел од историјата, од начинот на живеење на еден народ, од културната и духовната баштина, но тие се и чувари на духот на оној што со љубов ги собирал.
Иницијатор и домаќин на овој несекојдневен ликовен настан во огранизација на нашиот КИЦ во Белград е директорот Васко Шутаров, кој ќе го отвори настанот, а изложбата за отворена ќе ја прогласи Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Овој проект, кој е само почеток на една поголема и повеќегодишна активност за презентирање на сите поважни дела од македонски ликовни автори кои се наоѓаат во белградски приватни колекции е поддржан од Министерството за култура и туризам.

