Daily news
Почнува првиот меѓународен самит за фото и видео
Во градот на реката Дрим, утре почнува интернационален самит за фото и видео, што е прва ваква манифестација кај нас. Струга два дена (до 13 април) ќе биде домаќин на врвни меѓународни професионалци, практичари и теоретичари од Полска, Франција, Русија, Португалија и Македонија.
Преку Првиот меѓународен самит за фотографија и видеографија, Македонија конечно ќе се појави на мапата на светски реномирани случувања во светот на овие дигитални уметности и бизниси. Организатори на настанот се “Ангеловски Фтографија” од Македонија и “Грег Момент Фотографија”.
Самитот ќе има едукативен и изложбен карактер, збогатен со содржини од областите на видео продукција, како и модната, уличната и новинарската фотографија.
Во рамки на триденевниот Самит, учесниците ќе имаат можност да следат предавања и работилници од врвни, меѓународно признати и докажани професионалци, практичари и теоретичари. Своите совети, искуства и пристапи ќе ги споделат Грег Момент (Полска) и Дејвид Бренот (Франција) во делот на свадбена фотографија, Димитри Усанин (Русија) во делот на свадбена и семејна фотографија, Серџо Дуарте (Португалија) и Бојан Митковски (Македонија) во делот на кинематографијата, Роџер Тан (Малезија) во делот на свадбена и портрет фотографија, Ани и Дими (Македонија) во делот на портрет и модна фотографија, Томислав Георгиев (Македонија) во делот на улична фотографија и Роберт Атанасовски (Македонија) во делот на новинарска фотографија.
За да биде повозбудливо, иновативно и креативно, во рамки на тридневната агенда, на учесниците ќе им бидат презентирани најновите технолошки и дигитални производи и достигнувања, претставени од компаниите и партнерите кои ја помагаат реализацијата на Самитот: Pix+, I-Style, Wacom, Nikon, Canon,Sony, Sigma, Smart Solution, Inter Foto, Polyesterday.
Ова инспиративно дружење ќе заврши со натпревар по фотографија на кој учесниците ќе можат да ги пријават и изложат своите фотографии кои ќе бидат оценувани од стручно жири, составено од говорниците и презентерите на самитот.
“Ангеловски Фотографија” и “Грег Момент Фотографија” ги повикуваат сите професионални, полупрофесионалци, аматери и почетници, фотографи и видеографи од Македонија и регионот да бидат дел од овој незаборавен настан и помогнете да прерасне во традиционална платформа за вмрежување и споделување знаења, техники и искуства. крај/мф/ав
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.