Култура
Директорката на Музејот на современата уметност, Мира Гаќина, се повлече од функцијата
Музејот на современата уметност – Скопје ја известува јавноста дека првиот човек на институцијата, Мира Гаќина, по шест години успешно извршување на должноста директорка на музејот, се повлекува од лични причини.
Мира Гаќина, која на директорската позиција на МСУ беше од средината на 2017 година, по вокација е историчарка на уметноста, магистер по музеологија, со докторат од продукција и управување институции од културата – студија на случај МСУ – Скопје. Формирајќи и успешно работејќи со тим од искусни и докажани професионалци во својата струка, Мира Гаќина изминатите години успеа да го стави МСУ на мапата на европските и светските музејски центри реализирајќи повеќе капитални изложбени проекти.
Еден од последните големи меѓународни проекти, кој e сè уште во тек, е изложбата „Ниедно чувство не е конечно: Колекција на солидарноста, МСУ – Скопје“ во „Кунстхале“ во Виена, изложба што го реафирмира основниот карактер на МСУ како музеј на интернационалната солидарност. Изложбата в година ќе патува и во Прага, а во тек се контакти и со други музеи за проширување на димензиите на овој проект.
Серијата изложби „Сè што ни е заедничко“, која вклучуваше дела и лично присуство на редица релевантни светски и регионални уметници, потоа соработката на изложбени проекти во Краков, Солун и копартнерството со „Манифеста“, една од најзначајните светски манифестации на современата уметност, се исто така само дел од листата на успешни меѓународни проекти на МСУ. Тука треба да се спомене и извонредно успешната интердисциплинарна програма, која заедно со обновеното издавање на списанието „Големото стакло“ го овозможи претставувањето на денес релевантните теориски и критички практики. Овие меѓународни успеси беа крунисани со приемот на МСУ во CIMAM (Меѓународно здружение на музеите на модерната уметност), како и со меѓународната награда „Жива“ доделена на МСУ за креативност и посебни постигнувања.
Во својот мандат Мира Гаќина и тимот на МСУ во континуитет продуцираа и поставки во кои изложуваат светски познати и домашни докажани уметници.
Од исклучително значење за Музејот и македонската уметност и култура е и повторното заживување на донаторската димензија на МСУ збогатувајќи ги збирките со над стотина нови подароци од странски и македонски уметници и донатори. Во овој период МСУ ја подигна на многу повисоко ниво и важноста на своите едукативни програми како една од суштинските социјални димензии на Музејот.
„Веројатно, многу скопјани, како и јас, биле и уште се фасцинирани од објектот на МСУ, кој спокојно го набљудува градот, без да се наметнува. Но, каква е вистинската вредност на неговата колекција, а особено на неговиот концепт, како музеј инициран и остварен од страна на уметниците, спознав со време преку моите студии и споредби со други светски музеи. Стремежот да се демонстрира севкупниот потенцијал на МСУ како релевантна институција во полето на современата уметност и култура беше причината поради која ја прифатив оваа многу одговорна позиција во 2017 година. Водена од сознанието за колективниот ентузијазам во сите нас, за повторно заживување на пионерските идеали на солидарност, втемелени во самата идеја на оваа по многу нешта единствена институција кај нас и пошироко. Овој Музеј на солидарноста го замисливме како отворен музеј, отворен за сите генерации, за сите групи, за сите заедници, пред сè, за скопјани како интегрален дел на старо Скопје, со целата негова културна различност, следејќи ја оригиналната мисија. Но, најважно е што инспириравме нова генерација меѓународни и наши уметници да му подаруваат дела на Музејот. Солидарноста како вредност се издигна над спонтаната реакција предизвикана од земјотресот во музејски концепт преку трансгенерациска врска на авторите. И покрај моето повлекување, засекогаш ќе останам мотивирана да учествувам во натамошниот развој на МСУ, задоволна што по 60 години од неговото основање, повторно е една од најубедливите вредности на скопскиот урбан живот“, вели Гаќина.
Истакнувајќи некои од позначајните постигнувања, стручниот тим и вработените во Музејот на современата уметност се надеваат дека овој тренд на подигнувањето на нивоата на работата на институцијата ќе биде соодветно препознаен и ќе наиде на уште поголема поддршка од Министерството за култура и долгогодишните партнери и поддржувачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.
Култура
Локомотива на Canal 2026 во Витри-сир-Сен (Париз)
Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата (Северна Македонија) ќе учествува на Canal 2026, дводневна професионална платформа иницирана од CN D – Centre national de la danse.
Настанот обединува 10 француски танцови институции и 6 институции од Балканот (Грција, Словенија, Бугарија, Северна Македонија) и го претставува работењето на 32 уметнички тима преку извадоци/перформанси, разговори, работилници, дебати, проекции и презентации на проекти.
Canal 2026 се одвива во Витри-сир-Сен на три локации—La briqueterie CDCN, MAC VAL – Musée d’art contemporain du Val-de-Marne и Théâtre Jean Vilar, како и на cnd.fr, со онлајн издание што започнува од март 2026.
Локомотива ќе биде претставена од Биљана Тануровска-Ќулавковски, која ќе ја презентира работата на Локомотива и ќе ги претстави кореографките/танчерки од Северна Македонија поврзани со организацијата: Тереза Лазарев и Викторија Илиоска. Дополнително, Биљана Тануровска-Ќулавковски ќе учествува и на дискусија, во петок, 30 јануари (11:00–12:30, во MAC VAL) на тема: „Кои се специфичностите на кореографскиот екосистем на Балканот…?“
Уметнички презентации од Северна Македонија
Викторија Илиоска ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Hope for the Best – Prepare for the Worst, перформативен тренинг што го третира телото како ресурс, а театарскиот диспозитив како заедничка инфраструктура. Развиена во услови на кратења во културата и екстрактивни економии, работата ја поставува публиката како активен материјал на ситуацијата, а не како набљудувач—каде вниманието, физичкото присуство и издржливоста циркулираат како заеднички ресурси. Делото прашува: За што треба да се тренираме како колективно тело за иднината што доаѓа?
Тереза Лазарев ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Passionate Animal, кореографски истражувачки проект што ја истражува врската помеѓу колективната меморија и личната танцова меморија, и прашува како нестабилноста и колапсот го трансформираат телото. Како дел од истражувањето, таа ќе изведе краток танцов сегмент на музика од Александар Гроздановски.
Оваа активност е поддржана од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд, CN D (Centre national de la danse) и Театроскоп – програма иницирана од Францускиот институт, Министерството за култура и Министерството за Европа и надворешни работи.

