Култура
Прогласени лауреатите на Струшките вечери на поезијата

Добитник на „Златен венец“ за 2024 година, главната награда на Струшките вечери на поезијата (СВП), е истакнатиот француски поет Жан Пјер Симеон.
Добитничка на наградата „Мостови на Струга“ за 2024 година, која Струшките вечери на поезијата во соработка со УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска збирка, е германската поетеса Катрин Пиц за стихозбирката „Вакви денови имало отсекогаш“.
Директорот на СВП, Тодорче Тасевски, ја објави соработката на Струшките вечери на поезијата со Делегацијата на ЕУ, која од оваа година ќе биде покровител на наградите ЕНХАЛОН и МЛАДА СТРУГА преку „Јуроп хаус“ – Струга (Europe House – Struga), најновата членка на мрежата на „Јуроп хаус“ (Europe House).
Возобновената награда „Млада Струга“ ќе се доделува за необјавен поетски ракопис на млад поет или поетеса што дотогаш немаат објавено поетска збирка. Добитникот ќе биде избран по распишан конкурс, а освен паричен износ, наградата вклучува и објавување на поетската збирка како дел од изданијата на СВП и учество на фестивалот по урнек на поранешниот конкурс на Книжевната младина на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Ајде, слушаш слушај…“ одекна во Белград, македонската култура доби свој дом

Со свечена програма насловена „Ајде, слушаш слушај…“ синоќа во Белград беше отворен македонскиот Културно-информативен центар – новото седиште на македонската култура, јазик, уметност и традиција во српската престолнина.
На отворањето присуствуваа бројни гости од културниот и политичкиот живот на двете земји, а свои обраќања имаа потпретседателот на македонската влада Иван Стоиљковиќ, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, српскиот министер за култура Никола Селаковиќ, македонскиот амбасадор во Србија Никола Тупанчевски и директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Министерот Зоран Љутков во своето обраќање истакна дека отворањето на Културно-информативниот центар во Белград претставува значаен чекор напред во билатералната соработка на културно поле.
„Да се отвори македонски културен центар овде во Белград, токму на улица која го носи името ‘Македонска’, не е само случајност, ова е и порака и сведоштво дека културата ги поврзува не само државите туку и луѓето“, рече Љутков.
Тој нагласи дека центарот ќе биде духовен дом за македонската заедница во Србија, но и место отворено за сите што сакаат да ја запознаат македонската уметност и традиција.
„Овој центар ќе биде и духовен дом за македонската заедница што живее и создава во Србија – место каде што ќе се негува сопствениот идентитет, но и ќе се отвораат врати за нови пријателства и заеднички иницијативи“, додаде министерот.
Настанот помина во атмосфера исполнета со музика, уметност и симболика, со цел да се претстави богатото македонско културно наследство на публиката во Србија и да се зајакнат културните врски меѓу двете земји.
Култура
30 години смеа со К-15, шоу за паметење во „Борис Трајковски“

Со овации и смеа од почеток до крај публиката во преполната арена „Борис Трајковски” вечерва ги поздрави Бранко Огњановски, Васко Тодоров и Љупчо Бубо Каров по првото шоу во живо со кое прославуваат 30 години К-15. Вечерта помина многу музика, смеа и емоции. На сцената се редеа некои од најлегендарните скечеви, но и неочекувани нови скечеви, со кои се коментираше и сегашната состојба во земјата – духовито, храбро и препознатливо по стилот на К-15.
Посебна реакција предизвикаа громогласната изведба на „Ти си некаде” од Цацко и раскажувањето на „Кичмата”, пеглањето на Тошо, Климе, Тошо и појавувањето на Бапчо.
Целиот настап беше придружуван од голем оркестар со над 30 врвни музичари, диригирани од маестро Џијан Емин, кој стои зад оркестрациите на песните на „Дуо Трио”, а публиката имаше можност да чуе и сосема нова песна. Режијата е дело на Синиша Евтимов, кој ја обликуваше вечерта во вистинско театарско и музичко доживување.
Ова е само првата од трите планирани вечери – нешто што досега не му успеало на ниту еден македонски артист: три последователни настапи во најголемата арена во земјава.
Саботното „Второ полувреме” е распродадено, но остануваат уште мал број билети за третата вечер, кои може да се купат на www.kupikarta.com или на билетарницата во „Борис Трајковски”.
Култура
Македонскиот филм „Лена и Владимир“ освои две Златни Реми награди на фестивал во Хјустон

Македонскиот филм „Лена и Владимир“ освои две Златни Реми награди на 58-от Меѓународен филмски фестивал WorldFest-Houston: во категоријата Странски Игран Филм, и за Специјални Ефекти во Шминка (доделено на дизајнерот на маска Горан Игњатовски и уметникот за специјални ефекти во шминка Валентин Валов).
Режиран од Игор Алексов, „Лена и Владимир“ ја раскажува приказната за мистериозен човек со трагична тајна кој засолнува младо побегнато девојче со насилно минато. Нивната неочекувана врска придонесува секој од нив да ја надмине својата лична трагедија наоѓајќи надеж на неочекувано место.
Режисерот Игор Алексов, кој присуствуваше на фестивалот во Хјустон, ја изрази својата благодарност за признанието:
„WorldFest-Houston има богата историја на признавање на независната кинематографија, и да бидеме признаени меѓу толку висококвалитетни филмски творци од целиот свет е навистина oгромна чест за целиот тим. Моето време во Тексас беше, едноставно кажано, извонредно и инспиративно. Вистинска бајка“.
Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Македонија и Филмскиот центар на Србија (Терирем продукција).
Главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска и Тони Наумовски, а во филмот се појавуваат и Дениз Абдула, Луран Ахмети, Петар Мирчевски, Петре Арсовски, Благоја Чоревски, Kирил Коруновски.
Сценариото е на Александар Русјаков. Продуценти се Дејан Илиев (ДМФ Филм) и Илија Циривири (МИНД Продукција). Кинематографер е Душан Кардалевски, сценографијата е на Влатко Зафирковски, а монтажер е Мартин Иванов.
Музиката е на Дарко Спасовски и Горан Керкез, костимограф е Раде Василев, дизајнер на маска е Горан Игњатовски, а кастинг директор е Катерина Грубач.