Култура
Распишан конкурс за наградата „Маџирмаалски поетски бранови“
Извршниот одбор на традиционалните „Маџирмаалски средби“ и комисијата за реализација на манифестацијата „Маџирмаалски поетски бранувања“ распишуваат јавен конкурс за доделување на главната награда „Маџирмаалски поетски бранови“ за 2019 година и две придружни награди за песни кои тематско-содржински треба да кореспондираат со заложбите за афирмација на урбаниот живот, навиките и традициите и во нив да е присутен мотив поврзан со Маџир Маало.
На конкурсот имаат право да учествуваат сите граѓани на државата. Секој автор може да испрати најмногу две свои необјавени поетски творби напишани на македонски јазик, од кои само една може да биде наградена. Песните треба да се во духот на соживотот и верската и национална толеранција. Учесниците на конкурсот треба да ги достават поетските творби анонимно, под одредена шифра, заедно со друг (помал) плик, на кој од надворешната страна треба да ја напишат шифрата, а внатре во пликот на посебен лист да ги наведат името и презимето на авторот, насловот на песната и податоците за контакт (адреса и телефон).
Поетите може да ги испраќаат своите песни кои содржат мотив поврзан со Маџир Маало и тематско-содржински кореспондираат со заложбите за афирмација на урбаниот живот, навиките и традициите до 30 ноември 2019 година по пошта на следнава адреса: „Маџирмаалски средби“ (за конкурсот на манифестацијата „Маџирмаалски поетски бранувања“), ул. „Маџирмаало“ бр. 28, 1000 Скопје.
Комисијата од сите пристигнати поетски творби ќе избере една што ќе биде прогласена за најдобра песна на манифестацијата и на авторот ќе му биде доделена главната награда „Маџирмаалски поетски бранови“ за 2019 година, а покрај првонаградената поетска творба, ќе бидат селектирани уште две песни за кои на авторите ќе им бидат доделени придружни награди. На авторот на првонаградената песна ќе му биде доделена диплома – плакета и паричен износ од 400 евра во денарска противвредност, а авторите на двете придружни поетски творби ќе добијат диплома – плакета и паричен износ од 150 евра во денарска противвредност.
Манифестацијата „Маџирмаалски поетски бранувања“, на која авторите пред присутните љубители на поезијата ќе ги презентираат наградените и другите песни пристигнати на конкурсот, е предвидено да се одржи на 13 декември 2019 година.
Авторите се обврзуваат песните што ќе ги испратат на конкурсот да ги отстапат на организаторот за објавување во публикација на манифестацијата „Маџирмаалски поетски бранувања“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Георги Шарески – Есенски музички свечености
Фестивалот „Есенски музички свечености“ продолжува на 31.10.2025г. (петок) со концерт на Георги Шарески – соло гитара со авторска музика, кој ќе се одржи со почеток во 20:00 часот во Салон 19:19.
Георги Шарески е гитарист, композитор и аранжер кој се истакнува со својот препознатлив стил, спојувајќи балкански ритми со џез, фјужн и современа класична музика. Неговата музика се карактеризира со длабока емоционалност, комплексна хармонија и суптилна виртуозност. Со девет авторски албуми, Шарески настапува како соло артист и со врвни музичари од Македонија и пошироко. Неговите проекти ги надминуваат жанровските граници, спојувајќи традиција и современ израз. Редовно настапува на реномирани фестивали и сцени во Европа и светот,
придонесувајќи за меѓународната афирмација на македонската современа музика.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.
Култура
Македонската филхармонија во Златната сала на „Музикферајн“ – Виена аплаудира на македонската уметност
Во чест на 80-годишниот јубилеј, Македонската филхармонија синоќа одржа концерт во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена – еден од најзначајните храмови на класичната музика во светот.
Касинос Австрија Интернешенал Македонија со гордост ја поддржа оваа исклучителна музичка вечер, потврдувајќи ја својата долгорочна заложба за унапредување на културниот живот и промоција на македонската уметност пред светот.
Настапот под диригентство на Јерухам Шаровски, со солистите Ана и Игор Дурловски, донесе импресивен спој на македонска и европска класика, кој ја воодушеви виенската публика. Преполната сала со стоечки овации и долги аплаузи ја поздрави изведбата на нашите музичари, особено делата на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на Сони Петровски.
На сцената во срцето на Виена, градот каде што се роди класичната музика, оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство.
Култура
Операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало на 7 ноември на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и балет на 7 ноември со почеток во 20.00 часот, ќе биде изведена драматичната опера „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало – едно од највеличествените дела на оперскиот веризам, кое со децении ја освојува публиката ширум светот.

Приказната за љубовта, страста и одмаздата, преточени во операта „Палјачи“ на нашата сцена ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Унгарија, Кочар Балаж, во режија на Дејан Прошев, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографијата е на Никола Булески, кореографијата е на Олга Панго, концерт – мајстор е Климент Тодороски, а хор – мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Дешира Амети Крлиу (Неда), Антонело Паломби од Италија (Канио/Палјачо), Марјан Јованоски (Тонио), Драган Ампов (Силвио), Јане Дунимаглоски (Арлекин), заедно со хорот, оркестарот и балетските солисти на Националната опера и балет.

Операта „Палјачи“ е едно од најпознатите дела на италијанскиот веризам. Премиерно е изведена во Милано во 1892 година, а Леонкавало сам го напишал либретото, инспириран од вистински настан. Делото ја ја открива тенката линија помеѓу уметноста и реалноста, љубовта и љубомората, смеењето и солзите. Со незаборавната арија „Vesti la giubba“, ова ремек-дело го допира секое срце и потсетува дека и зад маската на насмевката може да се крие болка. „Палјачи“ претставува едно од најемотивните и најизведуваните оперски дела во историјата.

