Култура
Подобрени условите во Македонската опера и балет

Зголемена посетеност и поголем квалитет на претставите се резултат на инвестициите на Владата за подобри услови на вработените во Македонската опера и балет (МОБ) , истакна на денешната прес-конференција Министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска.
Зголемена посетеност и поголем квалитет на претставите се резултат на инвестициите на Владата за подобри услови на вработените во Македонската опера и балет (МОБ) , истакна на денешната прес-конференција Министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска.
„Во изминатиот период во МОБ успеавме редовно да вработиме 150 лица, започнавме со голем број инвестиции, како што е промената на целата технологија, санација на покривната конструкција, фасадата и целокупните санитарни јазли, комплетно реновирање на работните простории„ рече Канческа – Милевска.
Според неа извршено е реновирање и на фоајето, реновирање на главниот влез, оркестарската школка, промена на целокупниот трансформаторски систем.
„Во голем број институции сега условите се многу подобрени. За прв пат сега има поврзаност меѓу балетот и оркестарот“ додаде Канческа – Милевска.
Директорот на МОБ, Оливер Арсовски на денешната прес – конференција истакна дека голем дел од објектот се реновирани.
„Реновиран е главниот и службениот влез, направена е билетара, постои фитнес сала, реновирани се гостинските апартмани, салата за балет, фоајето, како и тоалетите“ рече Арсовски.
Според него се прават преговори за реновирање на салата со седиштата и подот.
„Инвестициите се значајни, а со тоа уметниците се среќни што можат да работат во една обновена зграда и обновени простории“ додаде Арсовски./крај/ир/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на романот „Арагон“ од Михајло Свидерски

Вечерва, 12 мај, во 19 часот, на Саемот на книгата, во Арена Борис Трајковски, на штандот на издавачката куќа Антолог, ќе се одржи промоцијата на романот од македонскиот писател Михајло Свидерски. Промотор ќе биде младиот македонски писател на крими романи Анде Јанков.
Романот „Арагон“ е структуриран во три поглавја, Овој свет (Олам ха Зе), Светот што ќе дојде (Олам ха Ба), и Дрвото на животот (Ец Хаим).
Во „Арагон“ Свидерски ја обработува темата на животот на Сефардските Евреи кои живеат во Битола, сè додека не се соочат со суровоста на војната. Централната приказна се движи околу Алегра, која е заробена во брак без љубов, и се осмелува да побегне со својот љубовник Јешуа, но нивната забранета љубов завршува со трагичен крај кога нејзиниот сопруг, Рахамим, го убива Јешуа. Во една конзервативна заедница, која дотогаш живеела спокоен живот, покрај присутниот страв и злокобните најави за депортацијата се случува и убиство.
Младиот Елиезер, кој случајно ја избегнува депортацијата, се вљубува во Марија. И двајцата успеваат да се спротистават на забраните на домашните. Приказната се испреплетува со храброста на Несима Ерен, муслиманка која во тие сложени времиња ризикува сè за да ги спаси Алегра и Елиезер од депортацијата. Понекогаш и во најтешките моменти има мигови на среќа. Некои членови на организацијата „Хашомер Хацаир“ кратко пред депортацијата, преку илегални канали, заминуваат за ветената земја, и така ќе се спасат.
Во поговорот на книгата, истакнатата критичарка, книжевна теоретичарка и универзитетски професор, Елизабета Шелева ќе напише: „Арагон на Свидерски е проникнат во духот на парадокасалната (загадочна) метафизика на загубата и на тежината, вградена во чинот на (принудниот) избор, заедно со ироничната лаовност на светот, што му се разоткрива на Елиезер, небаре оксиморонски исход од бегството како негов животен и судбински хазард“.
Култура
Француската иновативна танчерска претстава MYSELVES ќе го затвори Танц-фест

Дваесет и првото издание на Танц-фест ќе биде затворено утре, 13 мај, со иновативната и интерактивна танцова претстава „MYSELVES“, на француската група K. DANSE
Настанот ќе се одржи со почеток во 20 часот, во Македонскиот народен театар.
Оваа извонредна танцова претстава е дијалог помеѓу танчерот и неговите повеќекратни идентитети, отелотворени во визуелно и звучно единство. Танцовата креација ги вкрстува современиот танц и дигиталната уметност, прикажувајќи интеракција помеѓу изведувачот и неговите многубројни лица низ најразновидни трансформации.
Со употреба на телесни и оптички сензори, танчерката нè внесува во единствено ументичко искуство каде површините за проекција стануваат портали кон невидливото, а виртуелните идентитети на изведувачот се појавуваат и исчезнуваат.
Францускиот институт во Скопје и Фестивалот Танц-феат ги поканува сите љубители на современиот танц и дигиталната уметност да ни се придружат и да бидат дел од ова единствено уметничко доживување.
Култура
Промоција на „Кошница со калинки“ од Марина Мијаковска

Денес во 12.00 часот во Промотивниот центар на Саемот на книгата ќе се одржи промоција на книгата за деца „Кошница со калинки“ од Марина Мијаковска која е македонска поетеса, есеист, прозаист и книжевен критичар.
Таа е доктор на науки и активен член на Друштвото на писатели на Македонија. Мијаковска пишува поезија, есеи, проза и книжевни критики. Добитник е на бројни награди како на пример: на наградата „Караманов“ и Македонска книжевна авангарда, наградата Крсте Чачански, наградата „Бели мугри“, наградата „Даница Ручигај и други.
Автор е на повеќе од 10 дела за возрасни и две за деца. „Кошница со калинки“ е втора нејзина книга за деца.
Книгата – сликовницата „Кошница со калинки“ е иновативна, инвентивна и едукативна сликовница наменета за децата од предучилишна и од рана училишна возраст. Приказната во книгата ги едуцира децата на сликовит начин да дознаат каде, кога и како расте, цути и созрева калинката, каква боја има цутот, а каква плодот, што содржи и зошто е здраво да се јадат калинки. Книгата ја развива љубопитноста кај децата и говорните вештини преку ликот на девојчето со име Калина која набљудувајќи го дрвото со калинки во бабината градина, учи за нив. Тајната на Калина се крие во благословот на кошницата со собраните калинки.
Книгата е живописно илустрирана од страна на илустраторот Игор Јовчевски. Илустрациите во оваа книга се живи, сликовити, тие се во функција на текстот и говорат на сите светски јазици наместо текст, со што ја оживуваат приказната со изразен приказ на дејство и динамичност. Тие го поттикнуваат мисловниот процес и ја развиваат имагинацијата кај детето.
Промотор на книгата е Јованка Ефтимова заедно со децата од градинката „Павлина Велјанова“ од Кочани, кои денес ќе допатуваат специјално за оваа промоција на Саемот на книгата.