Култура
Охридско лето ќе одбележи половина век постоење
Фестивалот Охридско лето денес 4 август прославува 50 години постоење.
Фестивалот Охридско лето денес 4 август прославува 50 години постоење. Јубилејот ќе биде одбележан со промоција на монографијата „50 години Охридско лето“ и доделување на Златна плакета за специјални заслуги на Ана Липша-Тофовиќ, оперската певица за која се врзани почетоците на овој фестивал.Во предворјето на црквата Св.Софија, плакетата ќе биде доделена на претставник на нејзиното семејство.
Монографијата „50 години Охридско лето“ ја подготвија Снежана Анастасова-Чадиковска пијанист и музички публицист, Марко Коловски музиколог, Роза Нолчева-Ангеловска-музиколог и музички организатор, Ристо Стефановски-театролог, Александра Бошковска-театролог и Стојанчо Баковски музичар.
„Оваа монографија издадена од фестивалот, а поддржана од Министерството за култура претставува продолжение на сопствената издавачка дејност на фестивалот. Иако е петта по ред, сепак е прва во одбележувањето на сите програмски содржини во последните педесет години. Поделена е на три големи дела. Во првиот дел воведни текстови имаат покровителот на фестивалот претседателот Ѓорге Иванов, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска и генералниот секретар на европската асоцијација на фестивали.Потоа следуваат хрониките на петте фестивалски децении бидејќи секоја деценија има свои карактеристики. Битни се четири сегменти кои опфаќаат воведни текстови за развој на организацијата и суштината на музичкиот и драмскиот дел од програмата, потоа цитирање на сите програми, извадоци од печат и рецензии и фотогалерија. Целта е овој документ да послужи како основа за натамошни истражувања, но и да сведочи за самобитноста и растежот на македонската музичка култура видена низ призмата на Охридско лето“ изјави за „Макфакс“ Снежана Анастасова-Чадиковска. Монографијата ќе биде промовирана од Фимчо Муратовски.
Вечерва во рамките на прославата на јубилејот ќе се одржи и гала оперски концерт со оркестарот на МОБ во кој ќе учествуваат Славица Петровска-Галиќ-сопран, Весна Ѓиновска Илкова-сопран, Ирена Кавкалевска-мецосопран,Цветан Стојановски-тенор и Горан Начевски-баритон.
Како збогатување на овој настан ќе бидат и солистите од московскиот Бољшој театар: Марина Шутова-мецосопран и Роман Муравицкиј-тенор. крај/сж
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.

