Култура
15 години од премиерата на филмот „Превртено“
На 20 октомври (четврток), со почеток во 20 часот, во Кинотеката ќе биде прикажан филмот „Превртено“ на Игор Иванов-Изи по повод 15 години од неговата премиера.
Кога во 2007 година на Интернационалниот филмски фестивал во Карлови Вари, Чешка, премиерно беше прикажан дебитантскиот долгометражен игран филм „Превртено“ (Upside Down) на Игор Иванов-Изи, каде што овој филм беше во конкуренција за наградата East of West Award; тој момент беше и своевидна потврда за целата претходна работа на овој наш филмски автор. Иванов тогаш на некој начин ја завери таа потврда кога со неговиот филм ПРЕВРТЕНО, малку подоцна ја освои наградата за најдобра режија на фестивалот во Валенсија (Шпанија) – Mostra de València-Cinema del Mediterrani; потоа Иванов таа нагорна линија ја продолжи и со своите подоцнежни остварувања, пред сè, со долгометражните играни наслови СОБА СО ПИЈАНО (2013) и ХОМО (2020), потоа со долгометражниот документарен КОБРА (2018), како и со ангажманот како режисер/креативен директор во ТВ-сериите ПРЕСПАВ, ИНСАЈДЕР, СЕНКИ НА БАЛКАНОТ (една епизода од првата сезона). Денес, Иванов е веќе едно од водечките режисерски имиња на македонската кинематографија, со десетици награди и признанија на светските филмски фестивали.

„Превртено“ ја имаше македонската премиера на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола 2007 година и е еден од последните македонски играни филмови снимени на 35 мм лента. Филмот е работен според романот „Папокот на светот“ на Венко Андоновски (кој е и косценарист). „Превртено“ е приказна за Јан Лудвик, млад човек кој ѝ припаѓа на загубената транзициска генерација во нашето општество – генерација родена во социјализмот, но живее и е сведок на рудиментарниот капитализам. Неговиот анархичен став кон животот го доведува до безизлезни ситуации, во кои не може да се реализира себеси. Меѓутоа, додека вистинските анархисти дејствуваат и ја менуваат свеста на својата околина преку акции, Јан можеби знае што не сака, но не знае што сака – момент што го става во позиција на изгубен лик од нашата околина…
„Превртено“ е урбана приказна, раскажана преку колоквијален говор за животот на младите луѓе во Скопје на почетокот на деведесеттите години на XX век, во периодот на почетокот на транзицијата, во која се вклучени повеќе елементи кои се симбол на поп-културата: рок-музика, стрипови, употреба на лесни дроги итн. Приказната, со интересно имплементирани фантастични елементи, е раскажана преку гледната точка на главниот лик Јан, во еден вид на реминисценција – сеќавање на неговото минато додека тој патува дома со воз, а всушност – тоа духот на Јан, односно неговата душа, која го придружува неговото мртво тело на патот кон дома – се сеќава на својот живот: средношколецот Јан, кој живее со татка си, нема некои конкретни, цврсти, помали или поголеми амбиции во животот; Павел, неговиот другар, е нешто повеќе заинтересиран да успее во животот, а Луција, нивната соученичка, е мистериозна девојка со која Јан се обидува да оствари врска. Тоталитарното влијание на политиката врз животот на младите луѓе е претставено преку инсистирањето за зачленување во владејачката Партија на националниот дух, што Јан го одбива, а Павел и Луција се зачленуваат. Поради одбивањето да се вклопи во доминантната матрица, Јан е санкциониран од невидливите општествени темни сили, првин со ќотек, а потоа и со обид да биде обвинет за убиство, по што тој ја напушта земјата и заминува со циркусот што престојува во неговиот град…
Главните улоги ги толкуваат Милан Тоциновски, Сања Трајковиќ, Славиша Кајевски, Никола Ристановски, Јовица Михајловски, Марија Кондовска, Елена Серафимовиќ, Јордан Симонов, Ѓорѓи Јолевски и Инес Бојаниќ, а во споредните ролји се Силвија Јовановска-Стојановска, Петар Мирчевски, Лабина Митевска, Камка Тоциновски итн…
Директор на фотографија е Томи Салковски; монтажер е Игор Андреевски; сценографијата е на Иван Бартлинг и на Игор Тошевски, костимите на Бланка Будак, а музиката е на Зоран Спасовски.
Филмот е продуциран со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, Министерството за култура на Република Хрватска, Министерството за култура на Република Србија, The Global Film Initiative и Македонската радиотелевизија. Продуценти се „Сектор филм“ – Скопје, Mainframe Production и Cinears.
Игор Иванов-Изи кариерата ја почнува работејќи авторски и коавторски проекти на првата приватна македонска телевизиска станица „А1“ и од тој период датираат ТВ-проектите САБВЕЈ (1993-1994), НЕП (1995), НАШЕ МААЛО (1999-2003).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
„Шумите не се само наши“: Се отвори уметничка изложба посветена на балканскиот рис
Во пријатна атмосфера синоќа во КСП Центар – Јадро беше отворена изложбата „ЗОРА – Нејзината заборавена шума“ на визуелната уметница Драгослава Ѓуриќ, инспирирана од континуираната работа на Македонското еколошко друштво (МЕД) за зачувување на балканскиот рис. Токму затоа, лицето на изложбата е младата балканска рисица Зора, како дел од кревката популација што сè уште преживува во балканските шуми.
„Отсекогаш сум ги сакала животните и сум се чувствувала поврзано со нив. Сакав да помогнам да се заштитат така што ќе го правам она што најдобро знам – а тоа е сликањето. Истовремено, решив да се фокусирам на непопуларни и недоволно финансирани видови, па открив дека помалите диви мачки се прилично непознати во споредба со нивните покрупни роднини. Така дознав за балканскиот рис и за Македонското еколошко друштво, од каде што веднаш ме поканија да дојдам со нив на терен и од прва рака да видам како изгледаат живеалиштата на ова животно. Идејата за мојава изложба се роди во текот на таа една недела што ја поминав со нив, кога увидов колку се професионални и упорни, колку ја сакаат својата работа, но и животните што се трудат да ги заштитат“, истакна уметницата Драгослава Ѓуриќ пред присутните посетители.
Токму затоа, сакајќи да ги поддржи натамошните заложби за зачувување на балканскиот рис, таа одлучи нејзината изложба да биде продажна, покажувајќи дека уметноста не е само начин емоционално да се поврземе со насликаното, да си ја нахраниме љубопитноста и да си ги прошириме видиците, туку и конкретно да придонесеме кон зачувувањето на дивиот свет.
Насликани со маслена техника, изложените платна му нудат на посетителот искуствена можност да влезе во балканската шума, да го почувствува нејзиниот пејзаж и да си замисли како изгледа светот на Зора. Во април 2025 година на Зора ѝ беше поставен околувратник за да се добијат значајни информации за однесувањето, движењето и навиките на балканскиот рис, со крајна цел да се планираат подобри мерки за неговата заштита.
„Зора вистински постои. Таа не е апстрактен концепт или бројка, туку вистинско живо суштество што во тој шумски свет живее хармонично со многу други видови, од кои тука се претставени само некои. Сликите во случајов не се само декорација на ѕидот, тие се мала шума во која може
да влезете и можеби да го почувствувате истото што го почувствував и јас додека бев на терен со тимот на МЕД – дека природата не е далеку од нас и дека треба одново да научиме како да ја гледаме“, додаде уметницата.
Како што истакна д-р Диме Меловски, раководител на програмата за заштита на дивите животни во МЕД, на барање на уметницата, изложбата е дополнета со дел од најефектните теренски фотографии на рисот, од кои повеќето се „уловени“ со фотозамки, како и со теренски видеоснимки од Зора и од останатите животни во овдешните краишта. Преку нив, се доловуваат не само реалните опкружувања на балканскиот рис, туку и теренската работа што МЕД веќе 20 години ја спроведува во рамки на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“ заедно со партнерските организации од Косово и Албанија.
Изложбата во Скопје е отворена за сите возрасти и ќе трае до 12 февруари.
Култура
Прилепскиот дувачки оркестар повторно активен по 10 години
По десет години пауза, повторно започна со работа еден од најпрепознатливите музички симболи на градот – Прилепскиот дувачки оркестар. Возобновувањето на оркестарот се реализира со почетна логистичка и финансиска поддршка од Општина Прилеп, во согласност со можностите и програмските активности на новооформениот состав.
Првиот јавен настап на возобновениот Прилепски дувачки оркестар ќе биде во рамки на карневалот „Прочка 2026“, додека програмата на оркестарот ќе се темели на оригиналност и разновидност.
Дејан Проданоски, градоначалникот на Општина Прилеп, присуствуваше на првата проба на возобновениот оркестар и истакна дека Прилеп континуирано инвестира во културата и во зачувувањето на локалниот културен идентитет. Притоа, тој истакна големо задоволство на фактот што по десетгодишен прекин, Градскиот дувачки оркестар повторно е активен и ќе биде составен од млади, професионални и талентирани музичари од Прилеп, кои продолжуваат традиција подолга од еден век.
Прилепскиот дувачки оркестар привремено ќе ги одржува своите проби во просториите на ООУ „Блаже Конески“, а во моментов брои 14 академски образовани млади музичари од Прилеп. Како дел од идни активности, во репертоарот на оркестарот се вбројуваат учество на градските празници, свечености и културни манифестации.
Градот Прилеп, со повеќе прекини низ годините, последен пат имал активен градски дувачки оркестар до 2015 година, иако традицијата на вакви оркестри е децениска. Првиот прилепски дувачки оркестар бил формиран во 1924 година, а во 1930 година бил основан првиот поголем оркестар од околу 20 членови, составен од лимено-дувачки инструменти, формиран од железничарите и железницата, под диригентство на Ѓорѓи Шабаноски – Шабанче.
Во подоцнежниот период, со одредени прекини, градскиот дувачки оркестар функционирал сè до 2015 година, при што значаен придонес во развојот и зачувувањето на оваа традиција дал Илија Јанчулески, кој со генерации музичари ја одржувал оваа културна вредност.
Култура
Холандија му врати на Египет украдена скулптура стара 3.500 години
Холандија во четвртокот му врати на Египет скулптура стара 3.500 години, откако украдениот артефакт повторно се појави на холандски саем за уметност во 2022 година.
Истрагата на холандската полиција и инспекторатот за културно наследство минатата година потврди дека скулптурата била украдена и незаконски изнесена од Египет, најверојатно за време на немирите на Арапската пролет во 2011 година, по што се појавила на меѓународниот пазар на уметност.
Експертите веруваат дека артефактот, камена глава која првично била дел од статуа, потекнува од Луксор во јужен Египет. Таа прикажува висок функционер од времето на владеењето на фараонот Тутмос III, кој владеел од 1479 до 1425 година пред нашата ера.
Скулптурата била запленета во 2022 година на саем за уметност во Мастрихт. Галеријата за трговија со уметност „Сикомор Еншнт Арт“, која го стекнала делото, но имала сомнежи за неговото потекло, доброволно го предала по спроведената истрага.
„Нашата политика е да го вратиме она што не ни припаѓа и секогаш да го вратиме на законската културна заедница или на земјата на која ѝ припаѓа“, изјави холандскиот министер за култура Гуке Моес, предавајќи го артефактот на египетскиот амбасадор.
Египетскиот амбасадор Емад Хана изјави дека неговата земја систематски ги следи артефактите што се појавуваат на изложби или аукции.
„Тоа ни значи многу кога станува збор за туризмот и економијата, бидејќи на крајот на денот, кога туристите доаѓаат во Египет за да ги видат тие предмети, тоа дефинитивно прави разлика“, рече Хана.
Плановите на Египет за изложување на скулптурата засега не се познати.

