Култура
„Скулптури на новото време 2009“ – изложба во Куманово
Во Изложбениот салон на НУ „Трајко Прокопиев“ во Куманово во четврток, 23 јули, ќе биде отворена биеналната изложба „Скулптури на новото време 2009“. Оваа изложба по петти пат ќе промовира збирка скулптури работени во периодот од 2000 – 2009 година
Учество на изложбата зедоа 22 академски едуцирани скулптори со по едно дело на различна тема и индивидуален пристап на самите автори. На изложбата ќе можат да се погледнат делата на: Беди Ибрахим, Ангел Димовски – Чауш, Дарко Дуковски, Александар Јанкуловски – Цане, Елена Дуковска, Александра Богоеска, Љупчо Камењаров, Маја Стојанова, Марија Стојаноска, Марјан Стојаноски, Никола Смилков, Мирослав Величковски, Ристо Станковски, Сашо Саздовски, Сергеј Дамовски, Софија Грабулоска, Стојмир Петров, Валентина Конеска, Васил Николовски, Влатко Зафирковски, Габриела Ацеска и Томе Бундовски. „Дијапазонот на делата што се вклучени во оваа изложба е доста широк со оглед на специфичните пристапи на самите автори, но генерално видување е дека истите се темелат на концептите на скулпторските трудови од 60-тите до 80-тите години на минатиот век со минимални влијанија од современите скулпторски тенденции. Тој континуитет станува сосема разбирлив ако се земат во обзир околностите и можностите на скулпторите во Македонија иако во светот актуелните движења во скулптурата се врзуваат со употребата на современите технологии како што се високо електронските технологии, холограми, биотехнологии, композитни материјали и нанотехнологии споени во интерактивни електронски софистицирани објекти, со неколку збора: потполно ново дефинирање на уметноста“ – Роберт Цветковски, историчар на уметноста.Во Куманово ќе се претстават и голем број на млади автори кои ќе имаат можност да го презентираат своето творештво. Самата изложба е дел од „Топол културен бран“ во Куманово, манифестација поддржана од Министерството за култура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

