Култура
Скопје ги отвора портите на уметноста
Под мотото „Уметноста ќе најде начин“ утревечер свечено ќе биде отворено 14-то издание на Биеналето на млади уметници од Европа и Медитеранот, најголемиот уметнички и културен настан досега организиран кај нас
Скопје со сите свои културни институции и специфични локации во овие десет дена ќе биде центарот за соработка на 713 млади уметници од 43 земји.Скопје ќе им се придружи на многу поголеми центри кои досега беа домаќини на Биеналето: Барселона (1985/1987), Солун (1986), Болоња (1988), Марсеј (1990), Валенсија (1992), Лисабон (1994), Торино (1997), Рим (1999), Сараево (2001), Атина (2003), Неапол (2005) и Бари (2008), а граѓаните на нашиот главен град ќе станат дел од милионската публика која досега имаше можност да види над 10 илјади уметници.За време на својата 24-годишна историја Биеналето се смета за двигател на креативноста и имагинацијата на младите европски и медитерански култури и нивно меѓусебно запознавање и поврзување.Легендата за седумте порти на Скопје е избрана за тема на претстојното Биенале. Секој оној што ќе помине преку седумте патишта ќе може да гледа преку очите на Скопје, да го слуша и разбира говорот на овој град. Симболично, седумте уметнички дисциплини на Биеналето – визуелни уметности, применети уметности, шоуа, музика, литература, гастрономија и филм/видео ќе влезат низ седумте порти и ќе се поврзат меѓусебно. Ќе бидат прикажани над 400 уметнички продукции, меќу кои: 1000 слики, скулптури и графички дела, 50 краткометражни филмови и 60 видео и кибернетички дела, 50 литературни читања, 30 дела од областа на танцот и театарот, 40 музички концерти и 1 модна ревија. Освен тоа, на уметниците ќе им се даде можност да учествуваат и на најразлични работилници, семинари, конференции и паралелни активности на кои ќе се промовира македонската традиција и уметност, да уживаат во гостопримството и одличната кујна, да посетат различни локации, книжевни водичи…Покрај уметниците, на Биеналето ќе присуствуваат и околу 90 претставници на БЈЦЕМ – членови на министерства, на локалната самоуправа, национални институции, културни организации и асоцијации, 40 ВИП гости – познати уметници, критичари, менаџери, 70 национални и интернационални новинари, потоа културни оператори, уметнички критичари и куратори.Со Биеналето ќе се афирмира целиот град и сите капацитети со кои располага ќе бидат искористени. Патеките од Мала станица и Музејот на Град Скопје, преку центарот на градот, галериите во Старата скопска чаршија, Калето, до Музејот на Македонија и од Драмскиот театар, преку Градскиот парк до Младинскиот културен центар ќе се испреплетуваат секојдневно до 12 септември. Како мултикултурален град кој нема единствена определена културна нишка Скопје претставува одлично место за искусување на различните уметнички дисциплини, отворен простор за претставување на младата културна сцена од светот.Честа да го отворат Биеналето утревечер во 20 часот на плоштадот Македонија ќе ја имаат познатите светски џез музичари „Concpiracy Band“. Настанот е организиран од Асоцијацијата за меѓународна младинска соработка од Скопје, со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија и Град Скопје, а промовиран од БЈЦЕМ – асоцијација на Биеналето на млади уметници од Европа и Медитеранот. Патрон на овој настан е еврокомесарот за култура Јан Фигел, кој ќе биде присутен во нашиот град.
Организаторите очекуваат дека овој настан ќе вклучи 250 илјади луѓе: публика, професионални оператори и куратори, фондации, галерии, уметници, актери, културни работници, професионалци и студенти, политичари и медиумски работници.„Со реализирањето на овој значаен настан Македонија ќе се стави во фокусот на внимание не само на културната, туку и на европската публика, потврдувајќи го историски заслуженото место меѓу развиените, напредни европски цивилизации“ – Елизабета Канческа – Милевска, министер за култура„За претстојните десет дена Скопје ќе пречека многу познати уметници и тоа ќе биде добра можност да се презентира како град и да ја презентира својата отвореност кон светот; одлижна можност да се презентира себе си како мултиетничка и мултикултурна структура“ – Коце Трајановски, градоначалник на Град Скопје„Сите ние цврсто сакавме Биеналето да биде добредојдено во оваа млада земја, но со многу длабоки корени во античките времиња и со богато мултикултурно наследство, да овозможиме сите присутни уметници од Европа и Медитеранот да дојдат во контакт со младите од Македонија, со нејзината територија, делејќи знаења и соработувајќи во насока на размена на искуства, поставувајќи ги притоа темелите на цврсти и добри односи за надминување на мостовите и бреговите на Медитеранот“ – Луиџи Ретклиф, претседател на БЈЦЕМ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.
Култура
Настап на Дуња Иванова и концерт посветен на Кире Костов во изведба на Биг бендот на фестивалот „Крај Вардарот џез“
Во рамки на втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“, утревечер на 23 април во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот на пијано ќе настапи Дуња Иванова.
Нејзиниот концертен настап „Мирисот на липите“ ќе биде проследен со текст и нарација на Тина Иванова. Музичко-поетски проект, кој раскажува приказна за познатите урбани и скриени места на Општина Центар. Липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“…
Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Получасовно патување низ симболите на Скопје, погледнати низ интимна, лична перспектива на авторите. Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител од Центар. Поетскиот наратив е оригинално креиран за овој уметнички перформанс, кој промовира иновативен пристап со содржина која пак, претставува ,,жива“ материја, блиска до човечкото срце.
Минатиот месец за „ПМГ Џез“, како 44 издание, излезе албум во живо, концерт на пијано на Дуња Иванова, кој беше реализиран во рамки на музичката програмата „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“, која изведе композиции од Ана Пандевска.
Веднаш потоа во 21 часот на истата сцена ќе започне долгоочекуваниот концерт на Биг Бендот со музика од Кире Костов. Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез композиција Кире Костов, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од страна на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Костов на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент.
Фестивалот ќе биде заокружен на 27 април во едукативно културниот центар Лабораториум со концертен настап на „Macedonian Free Society“ и со еден од највозбудливите музички проекти „Поетроника“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга
Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).