Култура
Кавадарци избран за „Град на културата“ во 2010, Охрид допрва се претставува
Охридската локална власт денеска ја презентираше својата културна програма и кандидатура за нмманифестацијата „Град на Културата“ за 2010 г., незнаејќи дека Кавадарци е веќе избран
Додека Општина Охрид ја презентираше културната програма со која аплицирал за „Град на културата“, Кавадарци се подготвува за реализирање на своите културни проекти. Министерството за култура го избра градот Кавадарци и тоа го соопшти во својата годишна програма на официјалната веб страна. „Изработивме обемна културна програма и аплициравме заедно како општина Кавадарци заедно со Домот на културата.“ изјави Димитар Мурџев од Општина Кавадарци и додаде дека ќе се финансираат над 120 настани од областа на културата.Надлежните во охридската локална самоуправа не биле информирани за оваа одлука на Министерството, па се надеваат дека ќе имаат средства за да ги реализираат овие проекти кои се важни не само за Охрид туку и за Македонија, пренесува ohridnews.comОпштините Кавадарци, Кочани и Охрид годинава се пријавиja на конкурсот што го распиша Министерството за култура за организирање на манифестацијата „Град на културата“. По разгледувањето на пристигнатите пријави, стручна комисија одлучи дека Каварадци со програмата што ја понуди ќе биде општинaта – годинашен организатор на оваа значајна манифестација што се одржува по седми пат. Досега домаќини на ова случување, чија главна цел е создавање на рамномерен културен развој и достапност на граѓаните до културните вредности и нивно масовно користење, беа Битола, Прилеп, Куманово, Штип, Велес и Радовиш кој беше ланскиот домаќин. Радовиш, како „Град на културата” во 2009 година, целосно ги оправда одлуката и определбата оваа значајна манифестација да се одржи токму во ова место кое изобилува со богата културна историја и досегашен домаќин на голем број културни настани. Радовиш во 2009 г. беше епицентарот на низа културни активности, театарски претстави, изложби, книжевни настани, концерти на класична, забавна и на народна музика. Радува реакцијата на жителите на овој град и на сите посетители кои живееја со културата во изминатиот период. Позитивните коментари само не’ обврзуваат и понатаму цврсто да стоиме на нашите определби за дисперзија и развивање на културата и во помалите места со цел културните содржини што ги финансира Министерството за култура да бидат достапни до сите граѓани на Република Македонија. Преку оваа манифестација се создаваат и услови за развој на културниот туризам како фактор за социјалниот и за економскиот развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Ремек-делото од Џакомо Пучини, операта „Тоска“, во Националната опера и балет
На 6 март со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини, музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој „оперски трилер“.
Гостинот од Италија, Џанлука Мартиненги ќе диригира со изведбата на оваа драматична трагедија на Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Во насловната улога (Флорија Тоска) ќе настапи Злата Тошевска Димовска, во улогата на Каварадоси – Миша Шешаберидзе (Грузија), во улогата на Скарпија – Леон Ким (Јужна Кореја), во останатите улоги настапуваат: Игор Дурловски, Драган Ампов, Марјан Николовски, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Tоска е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по италијанското либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза. Либретото се базира на драмата „Тоска“ од Викториен Сарду. Светската премиера на операта е одржана на 14 јануари 1900 г. во Рим, Италија. Повеќе од еден век подоцна, оваа опера останува еден од најизведуваните и највпечатливи наслови на светските сцени – дело во кое интимната човечка драма се издигнува до трагедија со универзална сила и актуелност.
Култура
„Јас сум Невенка“, победник на San Sebastián International Film Festival, ќе се прикажува во Кинотека
Кинотека на Македонија го најавува шпанскиот филм „Јас сум Невенка“, победник на фестивалот San Sebastián International Film Festival во категорија: Euskadi Basque Country 2030 Agenda Award – won 2024
Настанот е во организација на Амбасада на Кралството Шпанија во Северна Македонија и Кинотека на Македонија.
„Јас сум Невенка“ е филм на режисерката Исијар Бољаин од 2024 година, инспириран од вистинска приказна чие дејство се одвива на крајот на минатиот и почетокот на овој век.
Дваесет и четиригодишната Невенка Фернандез, советничка во градското собрание на Понферада, е сексуално вознемирувана од градоначалникот – моќен човек навикнат да ја наметнува својата волја и на политички и на личен план. Кога младата жена поднесува тужба против својот претпоставен, иако свесна за цената што ќе ја плати, се соочува со жестока осуда од средината која го поткопува нејзиното достоинство.
Нејзината истрајност подоцна ќе стане пример за многу жени во нивната борба против злоупотребите на работното место во Шпанија.
Проекцијата ќе се одржи на 7 март, со почеток во 20:00 часот. Влезот е слободен.
Книги
Единаесет романи во конкуренција за наградата „Роман на годината“
Единаесет романи останаа во конкуренција за наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Жири комисијата во состав Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), во втората селекција ги одбраа 11-те романи што остануваат во трката за оваа престижна награда.
На годинашниот конкурс пристигнаа 46 романи. Во првата селекција беа одбрани 22 наслова.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 13 март што ќе се одржи во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје.
Наградата, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а исто така е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, годинава се доделува 27-ми пат. Таа се состои од плакета, уникатна статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Минатата година наградата ја доби романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или – или“.

