Култура
„Имагинариум на доктор Парнаус“ во кино Милениум
Филмот на Тери Гилијам на репертоарот до кинот во скопски Градски трговски центар, ќе се прикажува викендов, а проекциите се во термините 11:00, 13:30, 20:30, 22:30 часот
Во „Имагинариум на доктор Парнаус“, двочасовен филм од жанрот на авантура, фантазија и мистерија, се појавува врвна актерска екипа предводена од Џони Деп, Џуд Лоу, Колин Фарел и починатиот млад актер Хит Леџер. Мина повеќе од една година од смртта на талентираниот холивудски актер, Хит Леџер, кој потсхумно беше награден со Оскар за својата улога на негативецот Џокер во „Мрачниот витез“. Смртта го затекна актерот на снимањето на филмот на Тери Гилијам, „Имагинариумот на Доктор Парнасус“, но преостанатата екипа успеа да го заврши снимањето на филмот.Гилијам не се откажа од снимањето ангажирајќи ги: Џони Деп, Колин Фарел и Џуд Лоу со цел да биде комплетирана улогата. По последната клапа на филмот, режисерот Гилијам ќе изјави: „многу тешко е кога ќе се загуби пријател во текот на снимањето, но екипата целосно се посвети на завршувањето на филмот.“„Имагинариумот на Доктор Парнасус“ е фантазија за човек стар илјада години и за неговиот патувачки театар. Главната улога во филмот ја игра Кристофер Палмер, а славниот музичар Том Вејтс ја толкува улогата на ѓаволот. Најновиот филм од опусот на Тери Гилијам (режисерот на „Страв и параноја во Лас Вегас“, „12 мајмуни“, „Монти пајтон и Светиот Грал“) не води во свет во кој се истражуваат границите на човечката фантазија и цената која се плаќа за остварување на соништата. Дејствието се случува во Лондон каде што патувачкиот театар на докторот Парнасус на љубителите им дава прилика, со поминување низ огледалото, да влезат во светот на својата фантазија. Посетителите не знаат дека докторот Парнасус има склопено договор со ѓаволот. Докторот така се има здобиено со младост, а ѓаволот со правото да ја добие неговата ќерка Валентина кога таа ќе наполни шеснаесет години. Тој момент се наближува и докторот Пaранасус склопува уште еден договор со ѓаволот – Валентина ќе ја добие оној кој прв ќе успее да заведе пет души.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

