Култура
Галичката книжевна колонија започнува денес
Традиционалната шеснаесетта Галичка книжевна колонија ќе започне денес и ќе трае до недела 8 август.
На оваа колонија ќе учествуваат истакнати македонски автори од неколку книжевни генерации: Георги Сталев, Вера Стојчевска-Антиќ, Гордана Михаилова-Бошнакоска, Ферид Мухиќ, Тодор Чаловски, Атанас Вангелов, Науме Радичевски, Димитар Пандев, Агим Полоска, Весна Мојсова-Чепишевска, Зоран Анчевски, Тоде Илиевски, Виолета Танчева-Златева, Бобан Богатиновски и Владимир Мартиновски. Организатор е Здружението за литература, уметност и култура „Галикул”,
Колонијата ќе почне со посета на спомен-куќата на Ѓорѓија Пулевски македонски преродбеник, поет, учебникар, лексикограф, историчар и војвода и на старата и реновирана црква „Света Петка”.
„Галичката ликовна колонија си има своја традиција која треба да продолжи. Цело време се зборува за криза во културата, но мислам дека во последно време се прави нешто на овој план. Целиот овој крај дал значајни личности врз кој се базира и надградува нашето културно-историско наследство.Со големо задоволство ќе им се придружам на колегите, бидејќи секако пшрестојувам во Галичник и ќе се видам со некои од нив со кои во Скопје не можам. Мојот сопруг има куќа овде и ние по неколку месеци живееме во ова прекрасно место. Галичник е многу инспиративно место за поетите, овде настанале многу мои книги, а некои од нив се во ракопис и се уште ги работам. За пишување потребна е осаменост, но и комуникација со вредни личности. Посебно се радувам на средбата со Сталев кој посебно го почитувам како творец. Годинава е значајна за мене бидејќи е јубилејна, славам 70 години живот и 45 години од излегувањето на првата збирка поезија.“ изјави за порталот на „Форум“, Гордана Михаилова-Бошнакоска.
Во рамките на програмата, ќе се одржи чествување по повод одбележувањето на 150-годишнината од овенчувањето на знаменитиот Григор С. Прличев со поемата „Сердарот”, при што ќе биде промовирана новата верзија на ова прославено дело во препевот на Георги Сталев, а во издание на „Галикул“. Настанот ќе се случи во х.Неда со почеток во 18.30 часот. Потоа ќе следува потсетување на ликот и на делото на неодамна починатиот истакнат македонски поет и деец, учесник на Галичката книжевна колонија, Гане Тодоровски.
Програмата ќе биде заокружена во 21 часот со одржување на традиционален поетски митинг „Галичко вдахновение“, кој ќе се одржи на платото пред хотелот „Неда“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

