Култура
Промоција на „Биоскопија“
Скопје Џез Фестивал го промовираше албумот „Биоскопија“ на Елена Христова и Горан Трајкоски.
Скопје Џез Фестивал го промовираше албумот „Биоскопија“ на Елена Христова и Горан Трајкоски.Музичарите кои го реализираат албумот, Елена Христова и Горан Трајкоски, добро се познати на македонската јавност. Елена Христова е вокален солист на групата „Баклава“, а во последниве две години соработува и со турската група „Баба Зула“. Горан Трајкоски е музичар кој работеше во повеќе значајни македонски групи, како „Падот на Византија“, „Апореа“, „Анастасија“ и „Мизар“.„Првата соработка на Елена Христова и Горан Трајкоски можеби на многумина им е чудна, меѓутоа кога убаво ќе го преслушате нивното заедничко остварување ќе сфатите дека станува збор за добитна комбинација“ – нагласи Костадин Шурбановски од Скопје Џез Фестивал.Во обид однапред да се дефинира звукот на албумот „Биоскопија“ веќе се појавија споредби со музичкото творештво на култната група „Dead Can Dance“, и дека албумот на Христова и Трајкоски би претставувал македонски одговор на истата. Споредбата е направена во контекст на преплетувањето на традиционалната музика и современиот музички израз, што е карактеристика и во двата случаи.„Албумот содржи 14 композиции кои се базирани на исто толку традиционални македонски песни. Процесот на создавањето на албумот траеше повеќе години и првобитно беше инициран од желбата да создадам приказна од архаични македонски песни кои допреле длабоко во мене. Станува збор за мешавина од песни кои се различни по тематика и по сензибилитет. Процесот на практичната реализација на албумот се случи од моментот кога песните од мојата приказна во една чиста вокална форма се сретнаа со Горан Трајкоски. Оттогаш нивната функција се мултиплицираше за, конечно, да се појават во форма на финален продукт со овој албум“ – објасни Елена Христова.„Сметам дека на музичарот му е забрането да се изразува со зборови, туку само со музика и затоа ви благодарам за присуството на промоцијата и ќе ве поканам наесен на концертната промоција на албумот“ – изјави Горан Трајкоски на промоцијата на „Биоскопија“ во арт-кафе „Менада“ во Скопје.Како 31 издание на Скопје Џез Фестивал албумот е објавен во соработка со Младинскиот културен центар во Скопје. Во реализацијата на албумот учествуваат музичарите Марија Ѓаковска на виолина, Игор Василев-Новоградска на контрабас, Дејан Теодосиевски на чело и Анастасиј Ивану на кларинет. Албумот е снимен и продуциран во студиото „Тра-ла-ла“ на Димитар Димовски. Дизајнот е на Деан Петровски и Љубиша Петровски./крај/макфакс/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

