Култура
Признание за културен менаџмент за министерката за култура Канческа-Милевска
Во Струга во четвртокот во присуство на бројни гости од културниот живот и поети, на министерката за култура Елизабета Канческа -Милевска и’ беше врачена престижната Гран-При награда за културен менаџмент која ја доделува меѓународната академија „Михаил Еминеску“ од Романија.
Во образложението за доделувањето на високата награда, претседателот на оваа меѓународна академија од Романија, Јон Деаконеску, кој специјално пристигна во Струга по повод овој настан и манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“ истакна дека Канческа-Милевска се наградува заради нејзината разновидна и богата активност за заштитата на културното наследство.
„Сакавме да ги нагласиме конзистентните и постојаните напори за промовирањето, од страна на госпоѓата министер, на културните политики за европска интеграција, постојано негувајќи го достоинството на македонската култура, реална тенденција за совладување на сопствените пречки, на “ѕидот на молкот“, едно многустрано европеизирање, конструктивен соживот во овој континентален простор и со широко отворање кон универзалноста. Тоа е, всушност, иднината на еден народ, едно богато минато и, госпоѓата министер многу убаво сфати дека секоја култура треба да биде призната како и прифатена и од страна на другите, во разновидноста и различноста, но и на интерферентностите, понудувајќи еден поинаков израз на големите егзистенцијални постоења’, потенцираше Деаконеску.
Канческа-Милевска истакна дека признанието е од голема важност за Македонија и македонската култура воопшто.
„Значењето на оваа награда е уште поголемо поради фактот што Академијата во целокупното свое делување на најдобар начин ја афирмира културната размена на романската и останатите култури од европскиот мозаик, во кој романските творци дадоа значаен придонес“, истакна Канческа-Милевска.
Таа додаде дека со чинот на менаџирање во културата, денеска можеме да се гордееме со сето она што како држава успеавме да го постигнеме во насока на заштита на македонското културно наследство, стимулирање на уметничкото творештво и презентирање на културната политика во Република Македонија и на меѓународен план.
„Горда сум на богатото културно наследство и целиот уметнички потенцијал со кој располага нашата држава, како и на сите признанија и награди со кои се промовира македонската култура и културно наследство и ќе продолжиме во таа насока. Признанието ќе ни даде поттик повеќе да продолжиме со посветеноста, да продолжи соработката со земјите од регионот, отворајќи простор за креирање нови уметнички подвизи кои ќе ја промовираат македонската култура“, нагласи Канческа-Милевска.
Наградите на Меѓународната академија се доделуваат секоја година на личности кои даваат особен придонес во културното живеење на национално и меѓународно ниво. Основачи и членови на меѓународната академија „Михаил Еминеску“ се и двајца лауреати на Нобеловата награда, што зборува за кредибилитетот на ова признание. Досегашни добитници на оваа награда се референтни имиња од областа на култура, лауреати и носители на други меѓународни признанија од повеќе земји од светот како САД, Бразил, Унгарија, Србија, Романија, Русија, Финска и други. /крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

