Култура
Ансамблот „Танец“ поздравен со бурен аплауз по настапот во Стокхолм
Настапот на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ во концертната сала на Кралскиот филхармониски оркестар во Стокхолм, беше поздравен во понеделник вечер со бурен аплауз.
Настапот на „Танец“ е дел од манифестацијата „Македонија во Шведска“, која се организира по повод одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето на билатералните односи меѓу Македонија и Шведска.
Националниот ансамбл „Танец“, пред шведската публика се претстави со изведбата на „Тешкото“, „Тресеница“, „Беломорски бисер“, „Малешевка“, „Драчевка“, како и со рачно изработените народни носии кои ги отсликуваат македонската традиција и македонските обичаи.
Пред почетокот на концертот се обратија министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и амбасадорот на нашата земја во Шведска, Кире Илиоски.
„Овој, според многумина, подвижен музеј на најубавото, исконското, непроценливото македонско фолклорно богатство претставува идентитет и историја на македонскиот народ и слободно можеме да кажеме дека преку многубројните настапи во Карнеги хол, Опера хаус, театарот Бољшој, овој ансамбл на сите меридијани ја прослави Република Македонија и нејзините неповторливи културни вредности“, истакна Канческа-Милевска.
Таа додаде дека Република Македонија и Кралството Шведска прославуваат 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи, 20 години во кои релациите меѓу нашите две држави внимателно се градеа и се негуваа на сите политички нивоа и во сите општествени сфери.
„Токму затоа, овој историски датум, оваа година го одбележуваме со една манифестација која ќе ви ги доближи македонските врвни вредности, македонската богата култура и традиција која нè соединува со светот, но и нè прави посебни во европскиот културен простор“, рече министерката за култура.
Таа пред присутните гости најави дека во втората половина од оваа година во Шведска ќе биде претставена и изложбата на Старите словенски ракописи, која ќе ја прикаже илјадагодишната писмена традиција на Македонија.
Амбасадорот на Република Македонија во Кралството Шведска, Кире Илиоски, истакна дека манифестацијата претставува нов чин на пријателство меѓу Република Македонија и Кралството Шведска и се заблагодари за конструктивната поддршка што Република Македонија во континуитет ја добива од оваа земја во напорите за остварување на својот заслужен статус во стекнувањето на своето место во Европската Унија.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во рамките на својата посета на Кралството Шведска во текот на вчерашниот ден оствари средба со финската продуцентка Сирпа Рудман, која пред две години направи репортажа за природните убавини на Македонија, Хрватска и на Црна Гора, како и со шефот на сите почесни конзули на Финска, Гајус Гуленбогел, со кого разговараше за интензивирање на соработката со оваа земја.
Канческа-Милевска во Амбасадата на Република Македонија во Стокхолм се сретна и со претставници на Македонскиот сојуз – заедницата на иселеници во Шведска, на кои им се заблагодари за активностите со кои ја промовираат Македонија во оваа земја.
„На средбата разговаравме за издавачката дејност и за превод на македонски автори на шведски јазик и обратно. Ги информирав за сите инвестиции и активности што ги реализираме. Разговаравме и за одбележувањето 40 години од постоењето на црковната заедница во Шведска, што ќе биде реализирано со поддршка на Министерството за култура“, рече Канческа-Милевска. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.
Култура
Настап на Дуња Иванова и концерт посветен на Кире Костов во изведба на Биг бендот на фестивалот „Крај Вардарот џез“
Во рамки на втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“, утревечер на 23 април во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот на пијано ќе настапи Дуња Иванова.
Нејзиниот концертен настап „Мирисот на липите“ ќе биде проследен со текст и нарација на Тина Иванова. Музичко-поетски проект, кој раскажува приказна за познатите урбани и скриени места на Општина Центар. Липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“…
Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Получасовно патување низ симболите на Скопје, погледнати низ интимна, лична перспектива на авторите. Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител од Центар. Поетскиот наратив е оригинално креиран за овој уметнички перформанс, кој промовира иновативен пристап со содржина која пак, претставува ,,жива“ материја, блиска до човечкото срце.
Минатиот месец за „ПМГ Џез“, како 44 издание, излезе албум во живо, концерт на пијано на Дуња Иванова, кој беше реализиран во рамки на музичката програмата „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“, која изведе композиции од Ана Пандевска.
Веднаш потоа во 21 часот на истата сцена ќе започне долгоочекуваниот концерт на Биг Бендот со музика од Кире Костов. Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез композиција Кире Костов, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од страна на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Костов на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент.
Фестивалот ќе биде заокружен на 27 април во едукативно културниот центар Лабораториум со концертен настап на „Macedonian Free Society“ и со еден од највозбудливите музички проекти „Поетроника“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга
Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).