Култура
Стручен тим од Стоби:Приведувањето на Паско Кузман е јавно понижување на целата археолошка фела

Стручниот тим кој во изминативе неколку години работеше на археолошкиот локалитет Стоби, во отвореното писмо-реакција испратено до јавноста, приведувањето на Паско Кузман го доживува како јавно понижување на целата археолошка фела.
Текстот во писмото-реакција го пренесуваме интегрално.
„Шокирани и згрозени од она што се случуваше изминативе две недели, обидувајќи се да си го објасниме немилиот настан, дозволете ни да го искажеме својот став во врска со јавното понижување кое го доживеа нашиот многу почитуван колега, Паско Кузман. За сите кои за своја животна определба ја избрале оваа професија, тоа беше доживеано како јавно понижување на целата археолошка фела.
Со години наназад сешто можеше да се прочита на тема Паско Кузман, археологија, антиквизација, грнињата злато, потрагата по Александар. Жално е што многу невистини беа кажани за една личност, која со огромна љубов и посветеност си ја врши својата работа, во обид професионално и објективно да го протолкува минатото, да допринесе за заштитата и промоцијата на културната историја на државата Македонија. Уште пожално е што се носат судови врз основа на искажани невистини. Ако постои вина, таа е само во огромниот напор што Паско го вложи во обидот да ги реши проблемите наталожени 50 години наназад. Вината на општеството нема само едно име и презиме, а правдата, искрено веруваме, не е само мртов збор на хартија.
Познавачите се сеќаваат на времето кога археологијата беше на маргините на државните интереси и стратегии, на состојбата на нашите најзначајни локалитети зараснати во трева или на музејските витрини во кои поставките едвај беа освежени со по некој нов предмет, а кои, меѓу останатото треба да се лицето на државата. Во минатите десетина години работите се сменија, благодарение на визионерството на човекот со три часовници.
Жално е што малкумина се обидуваат да ја разберат нашата работа и проблемите со кои се соочуваме секој ден во обид професионално да ја вршиме работата. Малкумина знаат колку време, средства и напор се потребни за истражувања, конзервација, сè додека не дојдеме до презентација на ископаното, било да е објект, било да е предмет. Многумина сметаат дека предметите наутро извадени од земја, искршени во десетици парчиња или со корозија од која едвај се распознаваат, попладне треба да се конзервирани, утре идентификувани и стручно и научно обработени (патем со свртени десетици илјади страници литература од цел свет, испишани на конкретната тема, а која ја немаме по нашите библиотеки, па се снаоѓаме како знаеме и умееме), а веќе ден потоа, изложени во витрина за јавност и тоа во музеј по светски стандарди. Дали некој се запрашал зошто до сега навистина не е изложена златната маска и многу други предмети вредни за науката и нашата историја? Дали некој се запрашал која музејска куќа има соодветни услови да ги изложи? Тоа се обидува Паско да го смени, а нештата кои се заборавени со децении, не се оправаат за кратко време.
Му бил зад петици на Александар и ги барал нашите антички корени! Така е, ама и нашите бронзенодопски и железнодопски и раноантички и римски и доцноантички и средновековни. Злобниците нив не ги констатираат , зашто така им чини. Во потрага е по Александар од 10 век пред н.е. и оној од 4 век од н.е. и Александар од 13 век. Некој Александар од Вардарски Рид, од Стоби, Марвинци, Хераклеја, Скупи, Баргала, Плаошник, Кале. Само, кој го разбра Паско… Постојано со нови проекти, нови визии, нови барања, понекогаш и да се праша човек од каде толкава енергија, на која му завидуваат и помладите колеги.
За ‘награда’, како круна на професијата и точно пред одењето во пензија, доби лисици на рацете. Ако барем и малку го познавате, ќе сфатите дека тој не е човек кој на било каков начин би му наштетил на културното наследство, кое толку многу се труди да го заштити.
Стручниот тим кој во изминативе неколку години работеше на археолошкиот локалитет Стоби, му ја изразува својата безрезервна и огромна поддршка на почитуваниот колега Паско Кузман. Впрочем, големите луѓе историјата никогаш не ги заборава“. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Марко Виденовиќ и „Мевлем“ вечерва на „Бит-фест“

Битолското културно лето „Бит фест“, вечерва во Офицерскиот дом во Битола со почеток во 21:00 часот, ќе биде домаќин на прекрасна вечер во која музиката низ Проектот „Мевлем“ ќе зборува за љубовта, болката и надежта…
Проектот „Мевлем“, претставува уникатен спој на авторска музика и поезија од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој наиде на извонреден прием и сериозен одек меѓу публиката и културната јавност, како во земјава така и надвор од неа.
Со секој од досега реализираните концерти, „Мевлем“ не само што ја потврдува својата уметничка автентичност, туку и се етаблира како проект со исклучителен емотивен и социјален капацитет. Неговата досегашна реализација покажа дека публиката, без оглед на културниот контекст, препознава искреност, длабочина и убавина.
Музичкиот состав „Мевлем“ е составен од музичарите: Памела Велкова – виолина, Верица Ајтовска – виола, Енис Аљи – виолончело, и самиот автор Марко Виденовиќ – пијано и глас, кои досега концерти одржале во: Загреб, Белград, Скопје, Битола, Охрид, Гевгелија и Велес.
Во вечерашната програма се вбројуваат композиции кои се специјално создадени за проектот „Мевлем“ и претставуваат иновативен пристап кон камерната музика и современата поезија.
„Мевлем“ е повеќе од концерт – тој е уметничка исповед, место каде поетскиот збор не се чита туку се чувствува, каде што музиката не се слуша туку се доживува. Создаден од композиторот и поет Марко Виденовиќ, овој проект е интимен дијалог помеѓу музиката и зборот, меѓу солистите и тишината, меѓу публиката и нејзините најдлабоки емоции.
Композициите, инспирирани од лична и колективна болка, љубов, надеж и тишина, се изведуваат од музичари кои со секој тон ја раскажуваат таа внатрешна вистина. Влијанието што овој проект го има врз публиката е од оние ретки, длабоки уметнички впечатоци што долго остануваат со човекот.
„Мевлем“ во својата суштина има потреба – да се понуди лековитост преку уметноста, да се овозможи допир со нешто исконско, нешто што ги надминува жанровите и формите.
„Целта никогаш не беше само да се приреди концерт, туку да се отвори простор за уметнички дијалог, за разбирање и заедништво. Резултатите од тоа не се само мерливи преку број на публика, аплаузи или медиумски интерес – туку преку тишината меѓу две композиции, преку солзите по последниот акорд, преку луѓето што приоѓаат по концертот не за да честитаат, туку за да споделат своја приказна. А токму тоа, всушност, беше и крајната цел“, вели Марко Виденовиќ, автор на Проектот „Мевлем“, кој вечерва ќе биде претставен пред публиката во Битола.
Култура
Концертна промоција на албумот „Егрерор“ на „ФИН проект“ и Тања Царовска

Концертната промоција на албумот „Егрерор“ на Никола Стојковски (ФИН Проект) и Тања Царовска ќе се одржи денеска со почеток во 20:30 часот во Куршумли ан.
На концертот, како гости ќе настапат и Петар Христов (саксофон и кларинет) и Горан Трајкоски – Готра, на пијано Билјана Петровска, бас и контрабас Андреа Мирческа, како и Илија Јовчев – виолина, Ева Ристеска – виолина, Ангела Винтовска – виола, Александар Ицковски – виолончело.
Албумот „FIN Project Orchestra“ е издаден во декември 2022 година од М-Сол Рекорд и е поддржан од Министерството за култура на Р.С. Македонија. Следуваше „FIN Project – Contemplation“ кој е издаден во јануари 2024 година.
Музичкиот материјал на албумот е подготвен во соработка со кларинетистот Петар Христов. А, како последно издание во 2024 година, FIN Project во соработка со светски реномираниот композитор и продуцент на извонредната Лиза Жерар, Марсело Ди Франсиши, го објави „Indie Monastery – One Big World (remixes)“ каде како вокален интерпретатор се појавува иранската дива Бахар Шах.
Култура
Љутков: Културното наследство не е минато што го чуваме по инерција, туку иднина што ја градиме со свест

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, австрискиот амбасадор Мартин Памер, претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Волфганг Мајер, и директорката на Археолошкиот музеј на Македонија, Магдалена Манаскова, го посетија археолошкиот локалитет Тумба Маџари по повод потпишување Договор за долгорочно користење на парцела во сопственост на ЕВН што е во рамките на локалитетот.
Локацијата што денес се отстапува за долгорочно користење, во рамките на археолошкиот локалитет Тумба Маџари, станува дел од живата мрежа на научна работа, теренски истражувања, едукација и развој.
Кога јавниот и приватниот сектор застануваат на иста страна, на страната на заедничките општествени вредности, тогаш и ефектот никогаш не изостанува. Со потпишувањето на денешниот договор, локалитетот Тумба Маџари добива нова перспектива.
Љутков упати благодарност до Волфганг Мајер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија, до ЕВН како компанија и до австрискиот амбасадор Мартин Памер за континуираната соработка во областа на културата.
Министерството за култура и туризам стои зад оваа иницијатива, активно поддржувајќи ја соработката меѓу јавниот и приватниот сектор, создавајќи широк круг на поддршка и ангажман. Оваа партнерска врска не само што го зајакнува нашиот културен идентитет туку, исто така, го поттикнува развојот на туризмот и на економијата, притоа создавајќи нови можности за локалните заедници. Потпишувањето на денешниот договор не е само правен акт, ова е чин на зрелост на заедницата што го препознава културното наследство како вредност што има смисла само кога заеднички се чува и се споделува.