Култура
Хрватско народно казалиште гостува во Македонија
Хрватско народно казалиште од Загреб кон крајот на месецот ќе гостува во македонија со претставата „Важно је звати се Ернест“ од Оскар Вајлд, во режија на Томислав Павковиќ.
Хрватско народно казалиште од Загреб кон крајот на месецот ќе гостува во македонија со претставата „Важно је звати се Ернест“ од Оскар Вајлд, во режија на Томислав Павковиќ.По тој повод, во среда во скопје ќе се одржи прес конференција, на која ќе бидат соопштени деталите околу гостувањето на Хрватскиот народен театар.Предвидено е Хрватско народно казалиште да одржи две претстави во Скопје, на 29 и 30 јануари, со почеток од 20 часот. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Бесплатни проекции на регионални филмови на Зимското издание на Фестивалската мрежа на Јадранскиот регион
Зимското издание на Мрежата на фестивали на Јадранскиот регион ќе се одржи од 22 јануари до 5 февруари, со што публиката во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Северна Македонија ќе има можност бесплатно да гледа избор на наградувани регионални филмови – во кината и онлајн.
Публиката на земјите-членки на Мрежата ќе има можност да гледа шест наградувани регионални филмови: „Семејна терапија“ од Соња Просенц, „Fiume o morte!“ Игор Безиновиќ, „After the Summer“ од Данис Тановиќ, „Мајка Мара“ од Мирјана Карановиќ, „Живи и здрави“ од Иван Мариновиќ и „Планета 7693“ од Гојко Бекуљан.
Програмата започнува на 22 јануари со бесплатни кино проекции во Белград, Сараево, Загреб, Љубљана, Херцег Нови и во Скопје, додека сите филмови ќе бидат достапни онлајн од 23 јануари преку платформата ondemand.kinomeetingpoint.ba.
Во рамките на програмата, во Скопје ќе биде прикажан филмот „Мајка Мара“ во режија на Мирјана Карановиќ. Проекцијата ќе се одржи во „Синеплекс“ на 22 јануари со почеток во 19 часот. На проекцијата ќе присуствува режисерката и главна актерка Мирјана Карановиќ, актерот Вучиќ Перовиќ, кој ја толкува главната машка улога и кинематограферот Игор Маровиќ.
„Мајка Мара“ е приказна за средовечна успешна бизнисменка и самохрана мајка, уништена од прераната смрт на нејзиниот син единец. Таа емотивно се отуѓува и одбива да комуницира со семејството и пријателите, но кога го запознава блискиот пријател на покојниот син, Милан (Вучиќ Перовиќ), наоѓа утеха и мир во односот со него. Заедно тие откриваат сè повеќе факти за животот и смртта на Немања, што и дава можност на Мара да се соочи со сопствениот живот и емоции.
Меѓу филмовите во програмата е и „Fiume o Morte!“ Игор Безиновиќ – документарна драма за шеснаесетмесечната окупација на Риека и контроверзната историска фигура на италијанскиот поет, новинар, аристократ и воен офицер, фашистот Габриел Д’Анучи, раскажана преку гласовите на современите жители на градот, кои го доведуваат во прашање наследството од тој период и неговото влијание врз денешниот идентитет на Риека. Филмот „По летото“ од Данис Тановиќ носи комична драма за млада жена која доаѓа на островот по наследство, но се соочува со сопственото минато, семејни тајни и прашања за идентитетот. „Мајка Мара“ во режија на Мирјана Карановиќ е интимна драма за загубата, тагата и неочекуваната блискост помеѓу мајка и пријател на нејзиниот починат син. Филмот „Живи и здрави“ од Иван Мариновиќ, приказна за свадба што се случува и покрај одлуката на невестата да се откаже од бракот, ќе додаде горчливо-духовита нота на програмата. Семејна и топла приказна донесува „Планета 7693“ од Гојко Бекуљан, филм за едно момче кое, со помош на еден необичен пријател, се обидува да ги поправи раскинатите односи во своето семејство.
Зимското издание се реализира како заеднички проект на водечките филмски фестивали во регионот – Белградскиот филмски фестивал, Сараевскиот филмски фестивал, Меѓународниот филмски фестивал во Љубљана, Загрепскиот филмски фестивал, Херцег Нови филмскиот фестивал и фестивалот „Браќа Манаки“ од Северна Македонија. Ова е четврто зимско издание на Фестивалската мрежа на Јадранскиот регион, организирано со цел поголема видливост, достапност и промоција на квалитетна современа регионална кинематографија.
Култура
Националниот џез оркестар ја почнува концертната сезона на 30 јануари
На 30 јануари, со почеток во 20:00 часот, во Македонската филхармонија, Националниот џез оркестар ќе ја отвори концертната сезона со концерт насловен National Jazz Orchestra with String Ensemble.
На концертот, Националниот џез оркестар ќе настапи заедно со гудачки ансамбл составен од музичари на Националната опера и балет. Во овој редок и внимателно обликуван спој, оркестарскиот звук се проширува и продлабочува, создавајќи нова звучна димензија.
Под диригентство на маестро Џијан Емин, ќе бидат изведени авторски композиции на Трајче Велков, Гордан Спасовски, Зоран Костадиновски, Џијан Емин, Гоце Стевковски, Сашко Николовски и Георги Шарески. Како солисти ќе настапат Кирил Кузманов на саксофон и флејта, како и Бојан Цветковиќ на пијано.
Како гостин на вечерта ќе настапи Георги Шарески — гитарист и композитор, чиј израз и музички сензибилитет природно се впишуваат во звучниот карактер на оваа концертна целина.
Со овој концерт, Националниот џез оркестар ја започнува новата концертна сезона, поканувајќи ја публиката на вечер во која музиката зборува сама за себе и нè носи надвор од секојдневниот ритам.
Билетите за концертот се достапни онлајн на платформата MKTickets, како и на нивните продажни места.
Култура
Оперскиот бисер „Кавалерија рустикана“ на сцената на МОБ на 28 јануари
Трагичната приказна за љубовта, страста, честа и одмаздата, раскажана преку операта „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи, повторно ќе оживее на сцената на Националната опера и балет на 28 јануари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова оперско дело претставува едно од најзначајните остварувања на италијанскиот композитор Маскањи и останува еден од најизведуваните наслови на светските, како и на домашната оперска сцена.

Изведбата ќе биде под диригентската палка на Иван Еминовиќ, во режија на Џандоменико Вакари (Италија). Сценографијата е на Зоран Николовски, костимографијата на Елена Дончева, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстори се Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Благица Поп Томова во улогата на Сантуца, Зоран Сотиров како Туриду, Ристе Велков во улогата на Алфио, Александра Лазаровска Василевски како Лола и Марика Поповиќ во улогата на мајка Лучија, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

„Кавалерија рустикана“ е оперски бисер во кој човечките страсти и неминовната судбина се прикажани со директна драматичност и силна музичка моќ, оставајќи длабок впечаток кај публиката уште од својата премиера до денес.

