Култура
Иницијатива Кокино да се впише во листата на УНЕСКО

Владата го прогласи локалитетот Кокино за културно наследство од особено значење во поткатегоријата исклучително значење, информираат од Министерството за култура.
Владата го прогласи локалитетот Кокино за културно наследство од особено значење во поткатегоријата исклучително значење, информираат од Министерството за култура. Во претстојниот период, како што информираат од министерството, ќе се подигне иницијатива локалитетот да биде впишан во листата на светско наследство на УНЕСКО, кој досега беше впишан на тентативната листа (листа на чекање). „Со добивањето на третманот на светско наследство, за Кокино ќе се обезбедат неопходни правни и други услови за негово натамошно зачувување, трајно ќе се задржат податоците што оваа значајна споменична целина ги носи со себе, но истовремено ќе се спречат и идни дејства кои може да предизвикаат исчезнување на сведоштвото за постоењето на праисториските култури на ова подрачје“, вели Елизабета Канчевска – Милевска, министер за култура. Паралелно со оваа активност, Министерството до Комитетот за Светско наследство во Париз ја достави и конечната верзија на Планот за управување со природното и културното наследство на охридскиот регион, по чие усвојување, според првите луѓе во култура, ќе добие многу конкретен и посоодветен третман на координирано управува од сите институции задолжени за негова заштита. Во процедура е и донесување на Закон за управување со светското природно и културно наследство на охридскиот регион, со што ќе се обезбеди правна рамка за интегрирано управување со наследството во овој регион. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Мицкоски: Да ја вратиме Битола на мапата на значајни културни центри во државата

Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на почеток на реконструкција на зградата на поранешното кино „Партизан“ во Битола при НУ Народен театар Битола.
„Со вкупна вредност од 96.000.000 денари, проектот претставува значајна инвестиција во културниот развој на нашиот град, а неговата реализација е планирана да заврши до декември 2026 година.
Со вакви проекти продолжуваме да градиме посилна културна инфраструктура и да ја враќаме Битола на мапата на значајни културни центри во државата“, вели Мицкоски.
Култура
Современ перуански филм во Кинотеката

Овој месец Кинотеката го претставува циклусот на современ перуански филм, во организација на Амбасадата на Република Перу во Букурешт, Кинотеката и почесниот Конзулат на Перу во Македонија.
Програмата на оваа прва Недела на перуанскиот филм почнува во четврток, на 19 јуни, со проекција на играниот филм „Кралици“ (Reinas, 2024) во режија на Клаудија Рејнике, а по сценарио на Рејнике и Диего Вега Видал, приказна фокусирана на односот помеѓу еден татко и неговите ќерки, и нивните општествени предизвици во денешно Перу.
Следниот ден, петок (20 јуни), ќе биде прикажан документарниот филм Мисија Кипи (Misión Kipi, 2024) на режисерката Сонали Туеста – трогателен и инспиративен филм во кој главната улога ја има роботот наменет за дружење и социјализација со деца кои поминале низ периодот на изолацијата за време на пандемијата со Ковид-19.
Циклусот завршува во сабота, 21 јуни, со играниот Вкусно сушено овошје (Deliciosa Fruta Seca, 2017) на Ана Каридад Санчез – филм што балансира меѓу фикција и документарен пристап, претставувајќи емотивна приказна жена во седмата деценија на животот соочена со финансиска криза, која го преиспитува својот идентитетот и културното наследство.
Сите три проекции се бесплатни за посетителите.
На отворањето на фестивалот свое обраќање ќе има Директорот на Кинотеката Бошко Грујоски, и почесниот конзул на Перу во Македонија Ненад Јаничевиќ. Добредојдовте на првото филмско патување низ Перу!
Култура
Започнаа пробите на претставата „Лов на дива свиња“

Македонскиот народен театар од Скопје и Градското позориште од Подгорица потпишаа Меморандум за соработка за продлабочување на културната и уметничката размена меѓу Северна Македонија и Црна Гора.
Претставувани од директорите Никола Кимовски и Сандра Вујовиќ, двете институции ја изразија својата подготвеност за заедничка работа во областа на театарот, културата и уметноста.
Меморандумот предвидува размена на театарски претстави, реализирање заеднички копродукции, спроведување едукативни програми, како и соработка во областа на техничката и логистичката поддршка, маркетингот и промоцијата на заеднички проекти. Целта е воспоставување долгорочна и одржлива соработка, со редовна комуникација и координација при реализацијата на предвидените активности.
Овој документ претставува значаен чекор кон унапредување на регионалната културна поврзаност и зацврстување на меѓународната соработка во уметничката сфера.
„Македонскиот народен театар и натаму продолжува да создава во духот на мојата визија и стратегија – создавање театар отворен за сите, современ театар кој постојано вмрежување, остварува институционални и меѓународни соработки, со цел развој на современиот театар во Македонија и регионот“, изјави директорот Никола Кимовски.
Првата меѓународна соработка започнува со реализацијата на претставата „Лов на дива свиња“, чиј автор е црногорската современа писателка Марија Сарап, а режијата е на македонската режисерка Наташа Поплавска.
Претставата ќе се реализира во копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Градското позориште од Подгорица и Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт Медиа“ од Скопје.
Во претставата учествува актерска екипа од двете земји: Ана Стојановска, Искра Ветерова и Мина Јелушиќ Јериниќ од Македонија, како и Ѓорѓе Татиќ и Вукан Пејовиќ од Црна Гора.
Претставата „Лов на дива свиња“ премиерно ќе биде изведена на 19 јули во рамки на фестивалот „Скопско лето“, а премиера во Подгорица, Црна Гора, е планирана за септември.
Претставата е дел од Националната програма за култура за 2025 година и финансиски е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и од Градот Подгорица, Црна Гора, како и од компаниите: „Виталиа“ од Скопје, хотелот „Мериот“ и рестораните „Дистрикт“, „Тренд“ и „Шпајз“.