Книги
„Антолог“ Ве води на новогодишно патување со најубавите книги
Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје ги најавува празничните попусти и подароци, кои почнуваат од вторник, а ќе траат до средината на јануари следната година.
На прашањето Каде за Нова година?, „Антолог“ ви нуди неколку „локации“ за неповторливо книжевно патување.
– Овој период од годината сите постојано си го поставуваме прашањето „Каде за Нова година?“ и размислуваме каде да ги поминеме новогодишната вечер и воопшто сите празнични денови. Токму тоа нè инспирира на метафоричен начин на читателите да им понудиме неколку атрактивни „локации“, т.е. пакети со книги што може да им ги подарат на своите драги луѓе и на тој начин да им ги доближат Бразил, Италија, Канада, Русија и други земји на најубавиот начин: преку книгата. Бидејќи ова е период кога на сите ни е потребна ведрина и насмевки, сакавме малку да се пошегуваме, па направивме и два малку поинакви пакети со наслов Кафана и Дома, алудирајќи на можеби најчестите одговори на ова прашање во нашата средина – велат од „Антолог“.
А еве каде „Антолог“ ве води за Нова година…
Прославете ја „најлудата ноќ“ во сензуалниот Бразил, преку најчитаниот бразилски роман Габриела, каранфилче и цимет од Жорже Амадо, неповторливиот Армада од Жоао Жилберто Нол, забавниот Макунаима од Марио де Андраде, романтичниот роман Петте годишни времиња на љубовта Жоао Алмино и возбудливиот Деликатно злосторство од Сержио Сант’Ана. Овој прекрасен пакет со новогодишно намалување од 1 220 на 899 ден.
Ве водиме и во недоволно откриената Канада преку книгите Книга на тајни од М.Г. Васанџи, Девојчето што премногу ги сакаше кибритчињата од Гаетан Суси, Ру од Ким Туи и Блуз од мешана крв од Еси Едуџин. Сето ова со специјален попуст од 1 000 на 699 ден.
Италија секогаш е интересна локација за патување, без разлика во кој период од годината, а ние ви ја доближуваме преку Емаус од генијалниот Алесандро Барико, Месечината и огновите од безвременскиот Чезаре Павезе и Челик од современата италијанска писателка Силвија Авалоне, со празнично намалување од 750 на 599 ден.
Ако сакате малку поинакво патување, тука е Русија со книгите Домот во кој… од Маријам Петросјан, Жените на Лазар од Марина Степнова, Случајот Кукоцки од Људмила Улицкаја и Градот Ен од Леонид Добичин, намалени од 1 290 до 999 ден.
Ве водиме и во блиската Турција преку пакетот во кој се вклучени возбудливите трилери Убиство во Капали чаршија од Есра Туркекул, Песните на кои не ме научи мајка ми од Селчук Алтун и Убиство во хотел Босфор од Есмахан Ајкол. Пакетот е намален од 790 на 599 ден.
За овие празници може да ја посетите и Скандинавија преку прекрасните книги од скандинавски автори: Роман 1987 од Даг Солстад, Сплендорвил од Елен Матсон, Победниците од Рој Јакобсен, Ножот на Аврам од Отар М. Нордфјорд и Божикен ораториум од Јоран Тунстром. Овој пакет може да го добиете со празнично намалување од 1 700 на 999 ден.
Ако сакате празниците да ги поминете на некоја уште подалечна локација, ви го нудиме пакетот Егзотично, кој ги содржи Дланка полна бои од сингапурскиот писател Сучен Кристин Лим, Брик лејн од авторката Моника Али, родена во Бангладеш, Сведок од Аргентинецот Хуан Хосе Саер и Сушен период од Габриела Бабник за животот во Африка. Пакетот може да го набавите со специјален попуст од 1 220 на 899 ден.
Ако сепак се одлучите за Кафана, за вас совршен избор е пакетот со книгите: Жедниот од Абелардо Кастилјо, Џин од Мартин Шимечка, Зуење во главата од Драго Јанчар, Гаргара од Игор Станојоски и Седумтемина луди од Роберто Арлт, намален од 1 220 на 799 ден.
На оние што решиле овие празници да ги поминат во семејна атмосфера им го предлагаме пакетот Дома со книгите Спиј! од Анелис Вербеке, Повторно дома од Анти Тури, Родители и деца од Емил Хакл, Растењето на Лулу од Алмудена Грандес и Трошки од Миха Мацини. Овој пакет е намален од 1 180 на 799 ден.
„А за подарокот да биде комплетен, сите пакети се спакувани на оригинален начин, во специјални и торбички и пакетчиња“ – додаваат од „Антолог“.
Празничните попусти и пакети на „Антолог“ ќе важат во Книжевниот центар „Антолог“ на ул. „Ѓорѓи Пулевски“ бр. 29 лок. 1, онлајн на kupikniga.mk, а наскоро и во електронската продавница на antolog.mk./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Книги
Единаесет романи во конкуренција за наградата „Роман на годината“
Единаесет романи останаа во конкуренција за наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Жири комисијата во состав Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), во втората селекција ги одбраа 11-те романи што остануваат во трката за оваа престижна награда.
На годинашниот конкурс пристигнаа 46 романи. Во првата селекција беа одбрани 22 наслова.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 13 март што ќе се одржи во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје.
Наградата, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а исто така е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, годинава се доделува 27-ми пат. Таа се состои од плакета, уникатна статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Минатата година наградата ја доби романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или – или“.
Книги
„Матица“ ја заокружува иницијативата „Подари книга, подари свет“ со голема донација за Македонците во Албанија
Со голема донација од книги за Македонците во Албанија, издавачката куќа „Матица македонска“ денеска ќе ја заокружи иницијативата „Подари книга, подари свет“ по повод Меѓународниот ден на дарувањето книги и во рамките на чествувањето на 35-годишнината од нејзиното основање.
-Клучни книги за македонската историја, студии за македонскиот јазик, избрани дела од дел од најзначајните македонски поети и прозаисти, дела од и за македонската книжевна историја, монографски изданија за македонската култура и антологии се само дел од донацијата на „Матица македонска“ за Македонското друштво „Илинден“ од Тирана. Друштвото е формирано во 2009 година со цел да се заштити македонското национално малцинство во Република Албанија и е првото друштво на Македонци надвор од матичната држава што е рамноправен член со право на глас во Федералната унија на европските националности (ФУЕН). Донацијата од „Матица македонска“ е најголемиот и највреден дар од книги на македонски јазик што досега е даден за Македонците во Албанија, соопшти „Матица“.
Издавачката куќа информира дека Македонско друштво „Илинден“ – Тирана упатува искрена благодарност за вредната донација со македонска литература.
-Оваа значајна иницијатива претставува силна поддршка и дополнителен поттик за зачувување, негување и афирмација на македонскиот јазик, култура и идентитет меѓу Македонците во Република Албанија. Со вакви дела на солидарност и соработка се зацврстуваат културните врски и се создаваат нови можности за понатамошна поддршка и заеднички активности. Гестот и заложбата на првата издавачка куќа во самостојна Македонија, Македонците од Албанија, вклучително и младите генерации да имаат можност да читаат и да се едуцираат на македонски јазик од вредни дела, притоа осознавајќи многу за македонскиот идентитет, е од суштинско значење за нас и за остварување на нашата цел, истакнува претседателот на Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, Никола Ѓурѓај.
Во соопштението е наведено дека донацијата од „Матица македонска“ содржи изданија што ќе можат да ги опфатат сите предели каде што живее македонското национално малцинство во Албанија и каде што Македонкото друштво „Илинден“ има активности, вклучително и преку органокот во Голо Брдо.
-Оваа акција на првата издавачка куќа во самостојна Македонија се случува во клучен период на предизвици за македонското национално малцинство во Албанија, а непосредно откако Македонското друштво „Илинден“, на 6 февруари, одбележа 17 години постоење, соопшти издавачката куќа.
Во текот на изминатите недели, во рамките на иницијативата „Подари книга, подари свет“, „Матица македонска“ донираше книги и за Друштвото на иселениците од Македонија „Егемакгоч“ во Измир, Турција, за училиште во Света Недела, Хрватска, каде што се изучува македонскиот јазик, како и за Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана
-Во ова Друштво, покрај иселеници Турци, кои иако отселени во 1957 година сѐ уште со гордост го зборуваат македонскиот јазик, членуваат и нивните потомци – до најмладите генерации родени таму во 21 век, коишто имаат желба да го научат и да зборуваат, читаат и пишуваат на јазикот на земјата од којашто потекнуваат – македонскиот, и љубовта кон него и кон Македонија да се пренесува од генерација на генерација. Само еден ден откако беше објавено дека во уште едно училиште во Хрватска, во градот Света Недела во близина на Самобор, ќе се изучуваат македонскиот јазик и култура, веќе се случи првата донација од Македонија за училиштето. „Матица македонска“ испрати голема донација од книги во Хрватска, за учениците што ќе го учат предметот Македонски јазик и култура во Света Недела. На Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, заедно со „Алкалоид“, „Матица македонска’ донираше капитални дела за македонистиката на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана – првиот македонистички центар на универзитет надвор од Македонија. Во пресрет на јубилејот 65 години од отворањето на првиот лекторат по македонски јазик во светот, оваа донација е и првата поддршка во ваков формат упатена од Македонија до љубљанската македонистичка катедра по овој повод, соопшти „Матица македонска“.
Книги
Промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори
На 29 април во 18 часот во Студентскиот културен центар ќе се одржи промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори.
Двете изданија се резултат на соработката меѓу студентите и наставниот и соработничкиот кадар од Факултетот за ликовни уметности, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Издавањето на книгите е поддржано од Инситутот „Данте Алигиери“ во Скопје, Здружението Данте Алигиери во Рим и Министерството за култура и туризам.

