Филм
Најдолгиот филм во историјата ќе трае 720 часа
Шведскиот филм „Ambiance“ има тенденција да стане најдолгиот филм во историјата на кинематографијата.
Филмот би требало да трае 720 часа, а во кината треба да стигне во 2020 година. Нестрпливите до 20-ти јули може сега да го погледнат „тизерот“ кој трае 72 часа.
Режисерот Андерс Веберг се надева дека тој ќе биде доволен да ги заинтригира гледачите. Тој планира да објави два трејлера – еден во траење од седум часа и 20 минути, што ќе биде објавен во 2016 година, а другиот од 72 часа е планиран за 2018 година.
„Ambiance“ ќе биде прикажан на 31-ви декември 2020 година. Проекцијата ќе трае 30 денови, а по одјавната шпица Веберг има намера да го уништи целиот проект.
Сите детали и прогресот на проектот може да се следи на веб страната thelongestfilm.com.
Моментно, најдолгиот филм во светот е „Modern Times Forever“ што трае 240 часа./крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почнува 24. „Синедејс“ со репертоар од над 50 европски остварувања
Со слоганот „Се гледаме од другата страна“ од 3 до 10 декември се одржува 24. „Синедејс“ – Фестивал на европски филм.
Осумте селекции, повеќе од 60 филма, кои ја одбележаа тековната европската филмска година и врвната работилница „Маркетинг на филм“ се фактографски белег на годинешниот „Синедејс“.
„Оваа година публика не ја водиме на филмско патување, туку ја водиме низ премин. Типично за Дејвид Линч, кому му го посветуваме ова издание, надреално, сонувачки, убаво и контрастно. Тој премин и покрај сѐ е богат со најновите и најнаградувани филмови. Свесни сме дека земја како Македонија, со мал продукциски импакт, филмот се докажа како најголем амбасадор и за да може да виреат такви креативци, но и на таквата префинета публика должни сме да ѝ го дадеме најдоброто што знаеме да го правиме, а тоа е фестивал, пред сé“, вели Маргарита Арсова, програмски координатор на „Синедејс“.
Два филма се на почетокот на фестивалот – „Тоа беше само несреќа“ во режија на Џафар Панахи, добитник на наградата „Златна палма“ на Канскиот фестивал и „Човек лавина“ на Слободанка Рудин, филм за еден од најдобрите музичари и тапанари во поранешна Југославија, Драгољуб Ѓуриќиќ.
„Ова издание на ‘Синедејс’ ги носи и ‘Тајниот агент’ на Мендонса Фило, ‘Домот на младата мајка’ на браќата Дарден, и двата номинирани за ‘Златна палма’, ‘Татко мајка сестра брат’ на Џим Џармуш, кој е добитник на наградата ‘Златен лав’ во Венеција и досега не е прикажан во кината во Европа, потоа филмови во кои македонските филмски екипи се копродуценти, како ‘Оче наш’ на Горан Станковиќ, ‘Ера’ на Парта Келменди, ‘Павиљон’ на Дино Мустафиќ… А ќе гледаме и филмови на Сорентино, Парк Чан-Вок. Особено сме благодарни што годинава и ‘Македокс’ ни се придружува со своја селекција, победници од нивниот фестивал. Многу гости, музика и филмски завршок на годинава за МКЦ“, дополнува Арсова.
Селектор на програмата на 24. „Синедејс“ е Бернд Будер и годинава ќе ги гледаме филмовите структурирани во повеќе селекции: официјална селекција, гала-програма, МК во ЕУ, МК-премиери на кратки филмови, музички документарци, СЕЕ-програма, селекција на Дејвид Линч и „Македокс“.
Жири-комисијата во состав: Сара Климовска – актерка, Северна Македонија, Арсен Оремовиќ – режисер, Хрватска, и Алеш Павлин – режисер. Словенија ќе одлучува за филмовите во официјална конкуренција, а Ана Опачиќ – режисерка, Хрватска, Фатос Бериша – режисер, Албанија, и Јасмина Карајловиќ – продуцентка, Црна Гора, за филмовите во СЕЕ-програмата.
На 4 и 5 декември во клубот МКЦ, во рамките на вечерите „Синемјузик“ имаме специјална селекција од десетина млади европски бендови, поддржани од програмата „Лајвјуроп“. Влезот за концертите е бесплатен.
Фестивалот ќе се случува во просториите на МКЦ, во киното „Фросина“ и во Дансинг-салата „25 мај“.
Билетите за годишното издание на „Синедејс“ ќе бидат по цена од 200 денари за сите филмови, а може да се купат онлајн, преку bileti.mkc.mk (препорачуваме онлајн-продажба), како и на самиот влез на МКЦ.
Фестивалот во најголем дел е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ. Други финансиски покровители се Град Скопје, Делегацијата на ЕУ преку програмата за поддршка на европските филмски фестивали, како и мрежата „Лајвјуроп“.
Култура
(Видео) Објавен првиот трејлер за контроверзниот биографски филм за Мајкл Џексон
По бројните извештаи за проблематичната продукција, студиото „Лајонсгејт“ го објави првиот трејлер за биографскиот филм „Мајкл“, кој го режира Антоан Фукуа и го следи животот на кралот на поп-музиката, Мајкл Џексон.
Трејлерот започнува со сцена во студио каде Џексон снима со Квинси Џонс (го игра Кендрик Семпсон), кој вели:
„Знам дека долго го чекавте ова. Песните се снимени, подготвени се. Да почнеме од почеток.“
Следуваат кадри од детството на Џексон, неговите легендарни настапи и видеа, меѓу кои и „Трилер“, додека во позадина свири хитот „Вана би стартин самтинг’“ од 1982 година.
Филмот го прикажува патот на Џексон од детска ѕвезда до светска икона, со „интимен поглед во животот и наследството на еден од највлијателните уметници на сите времиња“, стои во синопсисот.
Снимањето завршило во мај 2024 година, но поради дополнителни снимања во јуни, премиерата беше одложена за 24 април 2026 година.
Иако се шпекулираше дека проектот ќе биде поделен на два дела, трејлерот покажува дека сепак станува збор за еден филм.
Режисер е Антоан Фукуа, познат по акциските хитови „Training Day“, „The Equalizer“ и „Olympus Has Fallen“. Сценариото го напиша Џон Логан, автор на „Gladiator“, „The Aviator“ и „Hugo“.
Главната улога ја толкува Џафар Џексон, вистинскиот внук на Мајкл Џексон.
Продуцентот Греам Кинг изјави дека филмот ќе го прикаже Џексон со човечка страна, без да се „исчисти“ неговата биографија:
„Мајкл имаше сложен живот. Сакам да ја прикажам највозбудливата и најнепристрасна приказна што можам, а публиката сама нека одлучи како ќе се чувствува по филмот.“
Контроверзии повторно се појавија поради обвинувањата за сексуално злоупотребување на деца, кои беа обновени во документарецот „Leaving Neverland“ (2019) на Ден Рид.
Рид изјави дека сценариото за „Michael“ било „изненадувачки неискрено“ бидејќи, според него, ги игнорирало обвиненијата и тужителите.
Филмот ќе добие ново финале, бидејќи режисерот Фукуа мора повторно да сними делови поврзани со контроверзните обвинувања за злоупотреба на деца.
Како што пренесува „Анадолија“, првичната верзија на филмот прикажувала Џексон како се грижи за болни деца, што предизвикало реакции и притисок врз продукцијата да направи измени.
Култура
Холивуд се збогува со Редфорд: „Замина еден гениј“
Веста за смртта на Роберт Редфорд го потресе филмскиот свет. Холивудската икона и основач на филмскиот фестивал Санденс почина денес, а бројни реакции од колеги и соработници продолжуваат да пристигнуваат.
Актерката Марли Матлин ја истакна неговата клучна улога во независниот филм. „Нашиот филм, CODA, го привлече вниманието на сите поради Sundance. А Sundance се случи поради Роберт Редфорд. Почина еден гениј“, напиша таа на социјалната мрежа Икс.
Film at Lincoln Center, исто така, му оддаде почит на легендата, нарекувајќи го „вистинска икона на големото платно, неуморен застапник на филмските режисери во подем“.
Our film, CODA, came to the attention of everyone because of Sundance. And Sundance happened because of Robert Redford. A genius has passed. RIP Robert. pic.twitter.com/nwttVD1GvL
— Marlee Matlin (@MarleeMatlin) September 16, 2025
Новинарот Пирс Морган се потсети на некои од неговите најпознати улоги. „Почивај во мир Роберт Редфорд, 89. Една од најголемите филмски ѕвезди на сите времиња. Вистинска холивудска легенда која глумеше во толку многу од моите омилени филмови: Butch Cassidy and the Sundance Kid, The Sting, The Way We Were, All The President’s Men. Каква кариера, каков актер, каква тажна загуба“, рече тој.
Robert Redford has passed away. He was part of a new and exciting Hollywood in the 70s and 80s. Hard to believe he was 89.
— Stephen King (@StephenKing) September 16, 2025
Писателот Стивен Кинг го нагласи неговото влијание врз филмската индустрија: „Роберт Редфорд почина. Тој беше дел од новиот и возбудлив Холивуд од 70-тите и 80-тите години. Тешко е да се поверува дека имаше 89 години.“
Маријана Вилијамсон се осврна на неговите пошироки општествени придонеси. „Малкумина во својот живот направиле повеќе за да придонесат за американското општество од Роберт Редфорд. Во области од филмот до екологијата и политиката, тој ја користеше својата огромна моќ за да помогне во создавањето подобар свет“, напиша таа.
Бројни други познати личности, вклучувајќи ја и Роузи О’Донел, му оддадоа почит на социјалните медиуми.

