Филм
Oкаровецот Алан Старски држи предавање за филмска сценографија на „Браќа Манаки“
Директорот на фестивалот Благоја Куновски и уметничкиот директор Гена Теодосиевска претставија уште тројца кинематографери од помладата генерација, чии филмови се дел од Главната компетиција и програмата „Перспективи на европскиот филм“.
Фестивалот е домаќин на кинематограферот Јани Петери Паси од Финска, кој работел на филмот „Најсреќниот ден во животот на Оли Маки“, како и на младите кинематографери Давид Гајч и Акос Ковач од тимот на филмот „Не е времето на мојот живот“ на унгарскиот режисер Заболч Хајду. И двата филмови котираа одлично на европските филмски фестивали оваа година.Јани Петери Паси веќе осум години работи во тандем со режисерот Јухо Куосманен, а нивниот последен филм „Најсреќниот ден во животот на Оли Маки“ е добитник на признанието „Un certain regard“ на овогодинешниот кански филмски фестивал. Во филмот се раскажува приказната за боксерот Оли Маки, кој се соочува со растргнатост помеѓу професијата и љубовта на неговиот живот. Филмот во пост-продукција е изведен во црно бело, со цел да се долови атмосферата од минатиот век. „Најпрво мислевме дека ќе го снимаме филмот во боја, но кога отидовме со материјалот во студиото за пост-продукција во Стокхолм, сфативме дека е нужно филмот да биде црно- бел, во спротивно немаше да се долови периодот од минатиот век кој го прикажува“, објасни Паси. Јани Петери Паси говореше и за предизвиците на филмската индустрија во Финска. „Финска е мала држава, а филмовите обично не добиваат големи буџети. И покрај тоа, среќни сме што годишнно имаме 15 премиери, што може да се смета за добар успех“, вели Паси. По разговорот со Јани Петери Паси, Гена Теодосиевска ги претстави младите унгарски кинематографери Давид Гајч и Акос Ковач. Тие во тим од 13 кинематографери работеа со режисерот Заболч Хајду на нискобуџетниот филм „Не е времето на мојот живот“, кој ја добија главната награда „Кристален глобус“ на фестивалот во Карлови Вари. Тие објаснија дека иако работеле во тим од 13 кинематографери, сепак во филмот нема никаква неконзистентност. „Искрено, беше малку чудно тринаесет кинематографери да снимаат еден филм. Секој ден по еден од нас снимаше, а останатите работеа како техничка поддршка. Филмот го снимивме за три недели, во станот на Заболч. Практично живеевме кај него дома и бевме како дел од неговото семејство, кое патем глуми во филмот“, вели Акос Ковач. Ковач додаде дека Заболч Хајду според него е еден од најголемите унгарски режисери на денешницата, па на почетокот како штотуку завршени студенти биле малку уплашени од помислата дека ќе работат со него. „Чувството на страв дека работиме со едно такво големо име исчезна по неколку дена и сите ние многу уживавме во текот на снимањето“, вели Ковач. Филмот е направен со многу низок буџет од околу 10 000 евра, бидејќи режисерот имал несогласувања со Министерството за култура во Унгарија, објаснија младите кинематографери. „Заболч и Министерството за култура во Унгарија не се согласуваат баш најдобро, па кога побара да направи филм не доби пари. И покрај тоа, сепак го напиша сценариото и направи театарска претстава која што беше доста успешна. Потоа ни предложи нас да направиме филм и ги замоли неговите пријатели и семејството да глумат во него. Немавме ниту професионална опрема, па понекогаш осветлувавме со лампи од „ИКЕА“, но најчесто работевме со природна светлина“, вели Акос Ковач. Давид и Акос беа видно задоволни што добија можност да гостуваат на „Браќа Манаки“ и истакнаа дека Битола е преубав град и би сакале повторно да го посетат, а можеби и да снимаат филм овде. Околу перспективите на младите филмаџии во Унгарија, кинематограферите објаснија дека во изминатите неколку години постојат добри програми за финансирање на млади режисери. Секоја година по неколку режисери кои што ги завршиле своите студии и успешно аплицирале за грант, добиваат околу 100.000 евра за да снимат филм. Давид Гајч и Акос Ковач се надеваат дека филмската индустрија во Унгарија е на добар пат и дека младите генерации ќе го вратат сјајот на унгарскиот филм. Денеска, во рамки на фестивалските настани, се одржа и презентација на потпрограмата МЕДИА од програмата Креативна Европа на ЕУ, наменета за европската аудиовизуелна индустија и поддршка на европските филмските работници за развој на нови филмски проекти. Македонскиот деск на МЕДИА програмата го претстави Владимир Стојчевски, кој потенцираше дека Македоинија е членка на МЕДИА од 24 јули 2015 година, додека со конкретни проекти почна да функционира од 1 април 2016. Тој ја објасни процедурата за аплицирање на проекти за поддршка од потпрограмата МЕДИА и најави дека на 14 септември ќе биде отворен ден на МЕДИА во рамки на фестивалот „Браќа Манаки“. Инаку, Фестивалот на филмската камера Браќа Манаки и Македокс се двата фестивали што годинава добија поддршка од оваа европска програма. Грациела Билдесхајм, експерт за оценување на проектите кои ја добиваат поддршката на МЕДИА програмата, одржа работилница, на која даде поширока слика за филмските проекти што аплицираат за програмата и кои треба да се базирани на продукциска основа што се потпира на универзални правила. Таа е претставник на тренинг програмата МАИА која ги обучува филмските продуценти како се одвива продукцискиот процес на филмот. Билдесхајм ги опфти сите аспекти на продукцијата од идеја за снимање филм до обезбедување поддршка за разој на проект. Светски познатиот филмски сценограф, оскаровецот Алан Старски, кој гостува во рамките на програмата „Првите филмови први“, организирана во соработка со Гете Институтот, денеска одржа мастер клас, на кој, на студентите, младите режисери и сите заинтересирани им презентираше различни аспекти на современата филмска сценографија во рамки на продукцијата на филмовите. Алан Старски е добитник на Оскар за сценографијата на филмот „Шиндлерова листа“. Македонското здружение на кинематографери, како дел од Друштвото на филмски професионалци на Македонија е домаќин на дводневното ИАГА 2016, годишно собрание на Меѓународната федерација на кинематографери – ИМАГО, кое денеска и утре се одржува во Битола, во рамки на фестивалот. Утрово, собранието започна со работа, а делегатите, повеќе од 50 на број, ги поздравија Благоја Куновски, директор на фестивалот и Гена Теодосиевска, уметнички директор и на претставниците на асоцијациите на кинематографери им посакаа плодна и успешна работа. Големо внимание и посетеност како и секогаш на фестивалот „Браќа Манаки“ привлекуваат и проекциите на филмовите од Детската програма кои годинава се збогатени со претстави, кои децата ги подготвуваат за фестивалот./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Лондон доделени наградите БАФТА: „Една битка по друга“ прогласен за најдобар филм
Седумдесет и деветото доделување на наградите БАФТА се одржа синоќа во Лондон. За најдобар филм беше прогласен „Една битка по друга“ во режија на Пол Томас Андерсон, кој ја освои и наградата за најдобар режисер.
Иако наградите БАФТА за најдобар филм и најдобар режисер обично се делат помеѓу два одлични филма, овој пат обете награди ѝ припаднаа на акционата црна комедија.
Британецот Роберт Арамајо беше прогласен за најдобар актер за неговата улога во филмот „Се колнам“.
Во категоријата за најдобар актер беа номинирани и Тимоти Шаламет за неговата улога во филмот „Грешници“ и Леонардо Дикаприо за „Една битка по друга“.
Како што се очекуваше и заслужено, Џеси Бакли беше прогласена за најдобра актерка за нејзината изведба на сопругата на Шекспир во филмот „Хамнет“ во режија на Клое Жао.
Наградата БАФТА за најдобар спореден глумец му припадна на Шон Пен за неговата улога во „Една битка по друга“, додека наградата за најдобра споредна глумец ѝ припадна на Вунми Мосаку за нејзината улога во „Грешници“.
Најистакнат британски филм е „Хамнет“, додека наградата за најдобро сценарио му припадна на Рајан Куглер за филмот „Грешници“.
Најдобар филм прикажан на друг јазик е „Сентиментална вредност“, најдобар документарец е „Господин Никој против Путин“, додека „Зотрополис 2“ е најдобар анимиран филм.
Водител на 79-тото доделување на наградите БАФТА беше шкотскиот актер, водител и режисер Алан Каминг.
Култура
Вим Вендерс од Берлинале: Филмовите можат да го променат светот, но не на политички начин
Берлинскиот филмски фестивал започна во четврток во изразен политички тон, откако натпреварувачкото жири, предводено од режисерот Вим Вендерс, одговараше на повеќе прашања за актуелната состојба во светот, вклучително и војната во Газа.
На прашањето дали филмовите можат да влијаат на промени во политичката сфера, славниот германски режисер изјави дека „филмовите можат да го променат светот“, но „не на политички начин“.
„Ниту еден филм всушност не го променил мислењето на кој било политичар. Но можеме да ја промениме претставата што луѓето ја имаат за тоа како треба да живеат. На оваа планета постои голем јаз меѓу луѓето што сакаат да ги живеат своите животи и владите што имаат поинакви идеи. Затоа мислам дека филмовите влегуваат во тој јаз“, изјави Вендерс, пренесува „Варајети“.
Вим Вендерс е претседател на овогодинешното жири, во кое се и американскиот режисер Рејналдо Маркус Грин („King Richard“), јапонската режисерка Хикари („Rental Family“), продуцентката на филмот „The Zone of Interest“ Ева Пушчинска, непалскиот режисер Мин Бахадур Бам („Shambala“), јужнокорејската актерка Бе Дуна и индискиот режисер и продуцент Шивендра Синг Дунгарпур („Celluloid Man“).
„Мораме да се држиме подалеку од политиката“
Претседателот и членовите на жирито беа прашани конкретно за конфликтот во Газа и поддршката што германската влада – која финансира голем дел од фестивалот – му ја дава на Израел.
Пушчинска прва одговори, оценувајќи дека прашањето е „малку неправедно“.
– Секако, се трудиме да разговараме со луѓето – со секој поединечен гледач – да ги поттикнеме да размислуваат, но не можеме да бидеме одговорни за тоа каква одлука ќе донесат, дали ќе го поддржат Израел или ќе ја поддржат Палестина – рече Пушчинска и додаде:
– Постојат многу други војни во кои се врши геноцид, а за нив не зборуваме. Затоа ова е многу комплицирано прашање и мислам дека е малку неправедно да нè прашувате што мислиме, како поддржуваме или не поддржуваме, дали разговараме со нашите влади или не.
Вендерс додаде дека како филмски автори „мораме да се држиме подалеку од политиката“.
– Ако снимаме филмови што се изрично политички, влегуваме во полето на политиката. Но ние сме противтежа на политиката, ние сме спротивност на политиката. Мораме да ја работиме работата на луѓето, а не работата на политичарите.
Берлинале – фестивал на „лицата на светот“
За време на прес-конференцијата, Вендерс – кој во 2015 година ја доби почесната Златен мечка – зборуваше и за тоа по што овој фестивал се издвојува од другите.
– Можете да бидете сигурни дека тука ќе видите повеќе лица на светот отколку на кој било друг фестивал. Тоа е неговата голема сила, нели?
Берлинскиот меѓународен филмски фестивал (Берлинале) ќе се одржи од 12 до 22 февруари во Берлинале Паласт, а 76. издание ќе го отвори светската премиера на филмот „No Good Men“ на наградуваната авганистанска режисерка Шарбана Садат.
На свеченото отворање ќе ѝ биде врачена Почесната Златна мечка за исклучителен придонес во филмот и кинематографијата на актерката Мишел Јео.
Во селекцијата Главна натпреварувачка програма се вклучени 22 филма, меѓу кои „A New Dawn“ на Јошитори Шиномија, „A voix basse“ на Лејла Бузид, „At the Sea“ на Корнел Мундуцo, „Dust“ на Анке Блонде, „Everybody Digs Bill Evans“ на Грант Ги и „Josephine“ на Бет де Араужо. Во програмата се и „Nightborn“ на Хана Бергхолм, „Rose“ на Маркус Шлајнцер, „The Loneliest Man in Town“ на Рајнер Фримел, „The Blood Countess“ на Улрике Отингер и други.
Церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на 21 февруари, ден пред затворањето на фестивалот.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“

