Филм
Свечено затворање и доделување награди на „Анимакс Скопје Фест“
Четвртото издание на Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“ завршува денеска (06.12) со свечено доделување на наградите Златна, Сребрена и Бронзена Тула, како и Златна Тула за најдобар анимиран филм за деца, во Кинотека на Македонија.
На последниот, трет, фестивалски ден, ќе се одржат и проекција на филмови за деца, работилница за деца како и прикажување на официјалната програма во 20 часот.
Во 13 часот Андреј Рубетској ќе одржи работилница за деца на возраст од 8 до 13 години, под наслов „Трикови на анимирање“ во Кинотека на Македонија.
Исто така, во Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА ќе се одржи работилница за традиционална 2Д анимација, на која најдобрите двајца учесници ќе добијат стипендија од по 3.000 евра од ЕСРА.
Официјалната програма во 20 часот ќе ја отвори италијанскиот „Beauty“ (Убавина). По 100-минутната проекција ќе бидат прогласени најдобрите филмови од трите фестивалски денови во рамки на кои беа прикажани 52 анимации од кои 44 за возрасни и осум за деца. За наградите ќе одлучува четиричлено жири М-р Мими Ѓоргоска-Илиевска од Кинотека на Македонија, Андреј Рубетској од Русија – режисер, аниматор, сликар и сценарист, Дорис Бауер од Австрија – ко-директор на филмскиот фестивал за краток филм Еспресофилм и главен куратор на меѓународната програма за фикција и документаристика при VIS Vienna Independent Shorts и Диме Ратајкоски – главен и одговорен уредник на МРТ и автор на повеќе од 50 документарни емисии,филмови и репортажи.
Организаторите од продукцијата „Аурипигмент“ велат дека се презадоволни од посетеноста на фестивалот во изминатите два денови како на проекциите така и на работилниците.
Во петокот, односно вториот ден на „Анимакс Скопје Фест“ утрото започна со преполни сали на проекциите за деца, попладнето беше резервирано за работилница на гостинката од Австрија, Дорис Бауер.
Работилницата на тема „Филмските фестивали-поттик и потреба“ се одржа во Кинотека на Македонија, а заклучокот што произлезе од неа е дека „Фестивалите се заштитници на филмската уметност и нудат специфична и разновидна програма која што не може да се види секој ден во кино-салите“.
Бауер истакна дека фестивалите нудат разноликост. Кината нудат ограничен репертоар, и тоа најчесто се холивудски блокбастери, додека на фестивалите има одбрана и специфична програма на филмови кои што не може да се видат во кино. Како пример таа ги наведе фестивалите за кратки филмови, за документарни филмови, и токму фестивалите како „Анимакс Скопје Фест“.
Вчера гости на „Анимакс Скопје Фест“ беа студентите од Факултетот за ликовни уметности заедно со нивниот професор Ладислав Цветковски кои се дружеа и разговараа со гостинот од Русија, аниматорот Андреј Рубетској кој им го пренесе неговото искуство.
Вечерта, секако беше резервирана за проекција на филмови од официјалната програма. Прв на репертоарот беше францускиот „Kiki of Montparnasse“ (Кики од Монтпарнас). Публиката уживаше во 100-минути квалитетна анимација од цел свет.
„Анимакс Скопје Фест“ е во организација на продуцентската куќа „Аурипигмент“, во соработка со здружението на граѓани Креативен центар Тинтири-Минтири од Скопје, со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија и Град Скопје, а во соработка со Кинотека на Македонија.
Мотото на фестивалот оваа година е „Ако сите светат, ти блескај“.
Билетите чинат 50 денари и може да се набават на билетарата на Кинотека на Македонија.
Повеќе информации за фестивалот се објавени на веб страната www.animaxskopjefest.mk и на Facebook https://www.facebook.com/animaxskopjefest1.крајмф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Лондон доделени наградите БАФТА: „Една битка по друга“ прогласен за најдобар филм
Седумдесет и деветото доделување на наградите БАФТА се одржа синоќа во Лондон. За најдобар филм беше прогласен „Една битка по друга“ во режија на Пол Томас Андерсон, кој ја освои и наградата за најдобар режисер.
Иако наградите БАФТА за најдобар филм и најдобар режисер обично се делат помеѓу два одлични филма, овој пат обете награди ѝ припаднаа на акционата црна комедија.
Британецот Роберт Арамајо беше прогласен за најдобар актер за неговата улога во филмот „Се колнам“.
Во категоријата за најдобар актер беа номинирани и Тимоти Шаламет за неговата улога во филмот „Грешници“ и Леонардо Дикаприо за „Една битка по друга“.
Како што се очекуваше и заслужено, Џеси Бакли беше прогласена за најдобра актерка за нејзината изведба на сопругата на Шекспир во филмот „Хамнет“ во режија на Клое Жао.
Наградата БАФТА за најдобар спореден глумец му припадна на Шон Пен за неговата улога во „Една битка по друга“, додека наградата за најдобра споредна глумец ѝ припадна на Вунми Мосаку за нејзината улога во „Грешници“.
Најистакнат британски филм е „Хамнет“, додека наградата за најдобро сценарио му припадна на Рајан Куглер за филмот „Грешници“.
Најдобар филм прикажан на друг јазик е „Сентиментална вредност“, најдобар документарец е „Господин Никој против Путин“, додека „Зотрополис 2“ е најдобар анимиран филм.
Водител на 79-тото доделување на наградите БАФТА беше шкотскиот актер, водител и режисер Алан Каминг.
Култура
Вим Вендерс од Берлинале: Филмовите можат да го променат светот, но не на политички начин
Берлинскиот филмски фестивал започна во четврток во изразен политички тон, откако натпреварувачкото жири, предводено од режисерот Вим Вендерс, одговараше на повеќе прашања за актуелната состојба во светот, вклучително и војната во Газа.
На прашањето дали филмовите можат да влијаат на промени во политичката сфера, славниот германски режисер изјави дека „филмовите можат да го променат светот“, но „не на политички начин“.
„Ниту еден филм всушност не го променил мислењето на кој било политичар. Но можеме да ја промениме претставата што луѓето ја имаат за тоа како треба да живеат. На оваа планета постои голем јаз меѓу луѓето што сакаат да ги живеат своите животи и владите што имаат поинакви идеи. Затоа мислам дека филмовите влегуваат во тој јаз“, изјави Вендерс, пренесува „Варајети“.
Вим Вендерс е претседател на овогодинешното жири, во кое се и американскиот режисер Рејналдо Маркус Грин („King Richard“), јапонската режисерка Хикари („Rental Family“), продуцентката на филмот „The Zone of Interest“ Ева Пушчинска, непалскиот режисер Мин Бахадур Бам („Shambala“), јужнокорејската актерка Бе Дуна и индискиот режисер и продуцент Шивендра Синг Дунгарпур („Celluloid Man“).
„Мораме да се држиме подалеку од политиката“
Претседателот и членовите на жирито беа прашани конкретно за конфликтот во Газа и поддршката што германската влада – која финансира голем дел од фестивалот – му ја дава на Израел.
Пушчинска прва одговори, оценувајќи дека прашањето е „малку неправедно“.
– Секако, се трудиме да разговараме со луѓето – со секој поединечен гледач – да ги поттикнеме да размислуваат, но не можеме да бидеме одговорни за тоа каква одлука ќе донесат, дали ќе го поддржат Израел или ќе ја поддржат Палестина – рече Пушчинска и додаде:
– Постојат многу други војни во кои се врши геноцид, а за нив не зборуваме. Затоа ова е многу комплицирано прашање и мислам дека е малку неправедно да нè прашувате што мислиме, како поддржуваме или не поддржуваме, дали разговараме со нашите влади или не.
Вендерс додаде дека како филмски автори „мораме да се држиме подалеку од политиката“.
– Ако снимаме филмови што се изрично политички, влегуваме во полето на политиката. Но ние сме противтежа на политиката, ние сме спротивност на политиката. Мораме да ја работиме работата на луѓето, а не работата на политичарите.
Берлинале – фестивал на „лицата на светот“
За време на прес-конференцијата, Вендерс – кој во 2015 година ја доби почесната Златен мечка – зборуваше и за тоа по што овој фестивал се издвојува од другите.
– Можете да бидете сигурни дека тука ќе видите повеќе лица на светот отколку на кој било друг фестивал. Тоа е неговата голема сила, нели?
Берлинскиот меѓународен филмски фестивал (Берлинале) ќе се одржи од 12 до 22 февруари во Берлинале Паласт, а 76. издание ќе го отвори светската премиера на филмот „No Good Men“ на наградуваната авганистанска режисерка Шарбана Садат.
На свеченото отворање ќе ѝ биде врачена Почесната Златна мечка за исклучителен придонес во филмот и кинематографијата на актерката Мишел Јео.
Во селекцијата Главна натпреварувачка програма се вклучени 22 филма, меѓу кои „A New Dawn“ на Јошитори Шиномија, „A voix basse“ на Лејла Бузид, „At the Sea“ на Корнел Мундуцo, „Dust“ на Анке Блонде, „Everybody Digs Bill Evans“ на Грант Ги и „Josephine“ на Бет де Араужо. Во програмата се и „Nightborn“ на Хана Бергхолм, „Rose“ на Маркус Шлајнцер, „The Loneliest Man in Town“ на Рајнер Фримел, „The Blood Countess“ на Улрике Отингер и други.
Церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на 21 февруари, ден пред затворањето на фестивалот.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“

