Култура
Фотографијата „Балет“ на Маја Златевска е најдобра на тема „Емотивната страна на културата“
Стручното жири составено од познати фотографи и уредници, ја прогласи за најдобра фотографката Маја Златевска со нејзиното дело „Балет“ на изложбата што беше отворена во понеделникот на навечер во Македонската опера и балет во Скопје, а којашто ја организира „Еуролинк осигурување“ во рамки на проектот „Денови на фотографијата“.
За освоеното прво место на тема „Емотивната страна на културата“ таа ќе добие ваучер во вредност од 60.000 денари. По неа се пласираа Виктор Поповски и Елена Илиоска кои за втората и за третата позиција освоија по ваучер од 30.000 и од 15.000 денари.Изложбата во МОБ ќе биде отворена до среда, 10-ти декември, a средствата од продажбата ќе бидат донирани во одделот за Дигитални уметности (фотографија) во Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, додека дванаесет фотографии, вклучувајќи ги и наградените, ќе се најдат во календарот за следната година.Во периодот од 15-ти октомври до 15-ти ноември годинава година пристигнаа околу 200 фотографии на тема „Емотивната страна на културата“ на Facebook профилот на „Еуролинк осигурување“. Вљубениците во оваа уметност, аматери и професионалци, испраќаа свои дела со најемотивните моменти од концерти, претстави, перформанси и други културно-уметнички и забавни манифестации.Проектот „Денови на фотографијата“ е дел од платформата за општествена одговорност „Еуролинк – Вашата врска со вистинските вредности” чија цел е поддржување и афирмирање на македонската култура и уметност./крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Излезе од печат стихозбирката „Гороцвети“ од Зора Златева
Книжевниот трезор во Охрид е побогат за уште една стихозбирка.
Деновиве во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“Охрид излезе од печат третата стихозбирка „Гороцвети“ од роднокрајната авторка Зора Златева.
Над триесетте песни и уште петнаесеттината минијатури се потврда за творечкиот и стилски растеж на поетесата Златева и се огледало на нејзиниот хабитус и ракурс на животот.
Дел од песните се лична експресија запишана на хартијата а останатите се собирани духовни приказни од околината и нечии судбини кои биле доволно инспиративни за авторката за таа да ги преточи во песни.
Претходно Златева во 2022 ја издаде стихозбирката „Блесок“ и две години подоцна „Сон“ а со свои песни е често застапена во збирки поезија издадени во Охрид и низ целата држава.
„Гороцвети“ веќе можете да ја зајмите во Библиотеката во Охрид.
Култура
Македонскиот народен театар со разнолик репертоар- од сценски спектакл, преку драми, до стендап
Македонскиот народен театар, 2026 година ја започнува со силен уметнички интензитет и разновидна театарска програма. Првиот месец во годината носи богат репертоар, кој опфаќа сценски спектакли, современи и класични драми и стендап-изведби на големата и малата сцена.
Програмата започнува на 15 и 16 јануари со големиот сценски спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“. Поради големиот интерес на публиката, двете изведби се целосно распродадени.

На 17 јануари, публиката ќе има можност да избере: драмската претстава „Бели ноќи“ на малата сцена, со почеток во 20 часот и стендап-настапот на Сашко Коцев „Широк дијафазон“, кој ќе се одржи на големата сцена со почеток во 20:30 часот.
Репертоарот продолжува на 20 јануари со претставата „Народен пратеник“, а на 21 јануари следува монодрамата „Торонто експрес“. На 22 јануари ќе биде изведена драмата „Варвари“, а на 23 јануари на репертоарот е претставата „Кец на десетка“.

На 24 јануари, големата сцена е резервирана за претставата „Бог на колежот“, со почеток во 20 часот, а истата вечер, на малата сцена во 21 часот, ќе се одржи новогодишното стендап-шоу „На терапија“ со Александар и Антонио.

На 26 јануари на репертоарот е „Мој термин“, а на 28 и 29 јануари се изведбите на претставата „12“.
Јануарската програма ќе биде заокружена на 30 јануари со претставата „Марта Верна“ и на 31 јануари со „Замисли нов свет“.
Култура
Балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“ на 23 јануари во Националната опера и балет
Балетскиот спектакл во два чина „Госпоѓа Бовари“ ќе се изведе на 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет.
На 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“, дело поставено во два чина, инспирирано од безвременскиот роман на Г. Флобер.
Балетот ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода, и стегите на општествените норми – тема која останува актуелна и денес.
Диригент е гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, додека кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19 век и емотивната комплексност на главниот лик. Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина). Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Јане Бакевски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.
Во главната улога на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Шарл Бовари, Франциско Хименез Руиз, Балаж Лочеи како Рудолф Буланже, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
„Госпоѓа Бовари“ ја претставува сложената психологија на главниот лик преку балет, музика и сценска уметност. Со внимателно избрани музички партитури и динамична кореографија, постановката ја доловува борбата на Ема Бовари меѓу личните желби и општествените ограничувања. Секоја сцена е внимателно дизајнирана да ја истакне емоционалната длабочина, визуелниот сјај и современиот пристап кон класичната приказна, создавајќи незаборавно сценско искуство.

