Книги
Фасцинантниот скандинавски трилер романот „Смила го чувстува снегот“ на македонски
Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го најави објавувањето на романот „Смила го чувствува снегот“ од данскиот писател Петер Хег.
Оваа „зимска“ книга е вистински избор за овој период од годината и совршено „друштво“ за претстојните празнични денови. Преводот на македонски е на Лара Крстева- Ичокаева.
Смила Јесперсен, половина Данка, половина Гренланѓанка, се обидува да ја растајни чудната смрт на едно момченце што паѓа од врвот на зградата во која таа живее. Полицијата веднаш објавува дека е несреќен случај. Но Смила знае дека нејзиниот сосед не паднал сам од покривот. Детството поминато на Гренланд ѝ дава можност поинаку да гледа на снегот и, кога ќе сфати дека стапалките на детето покажуваат дека тоа трчало по снегот пред да умре, одлучува да открие кој го бркал. Како што се обидува да ја реши мистеријата така открива редица заговори и прикривања на вистината и сфаќа дека не може никому да верува. Истрагата ја води од улиците на Копенхаген до замрзнатиот Гренланд.
Овој роман е еден од најфасцинантните трилери на сите времиња. Петер Хег стана светски познато име токму како автор на овој бестселер од 1992 година, според кој е снимен и филм во 1997 година, со Џулија Ормонд и Габриел Брн во главните улоги. Изданието на англиски јазик е испечатено во тираж од 4 милиони примероци, што претставува вистинска сензација за дотогаш непознатиот дански писател. До денес романот е продаден во над 20 милиони примероци низ светот.
Во издание на „Антолог“, конечно и македонската читателска публика ќе има можност да го прочита ова врвно дело, кое веднаш по објавувањето од многумина било прогласено за книга на годината, меѓу кои и списанијата „Тајм“ и „Пипл“.
Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија.
Петер Хег (1957) е еден од најзначајните дански писатели на XX век. Завршил книжевност, а потоа и актерство и танц. Работел како актер, танчар, морнар, писател. Многу патувал, особено на Карибите и во Африка. Извесен период своите приходи ги прелевал во фондација за поддршка на жените и на децата во Африка и на бегалските кампови во Индија. Живее во Данска, заедно со својата сопруга со потекло од Кенија и со двете ќерки.
Лара Крстева-Ичокаева е родена во 1971 година во Скопје. Завршила гимназија во Еснес, Данска. Дипломирала германски и француски јазик и литература во Загреб, Хрватска. Магистрирала во Женева, Швајцарија, на тема од областа на современата француска литература. Има мастер и од деловно право. Работи како раководител на Германската стопанска комора во Република Македонија. Преведува од дански, германски, француски, српски и од хрватски јазик./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Книги
„Единствен матичен број“ на Лидија Димковска прогласен за роман на годината
Новиот роман на Лидија Димковска, „Единствен матичен број“, е добитник на годинешната награда „Роман на годината“.
Романот е во издание на „Три“ и уште по своето објавување, ја освои читателската публика. Жири-комисијата, составена од Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева, одлучи токму романот на Димковска да се закити со една од најпрестижните и несомнено најпосакувани признанија во домашната книжевност.
„Единствен матичен број“ е четврти роман на авторката, од кои „Резервен живот“ исто така беше во најтесниот круг за оваа награда во 2012 година.
Наградата „Роман на годината“ првпат е доделена во 1999 година од „Утрински весник“, а од 2017 до денес се доделува од Фондацијата „Славко Јаневски“.
За издавачкиот центар „Три“ ова е петта награда „Роман на годината“. Лидија Димковска се придружи на низата квалитетни автори, кои во издание на „Три“ претходно го добиле ова признание – Венко Андоновски со „Папокот на светот“ (2000), Кица Колбе со „Снегот во Казабланка“ (2006), Јагода Михајловска-Георгиева со „Индиго Бомбај“ (2008) и Митко Маџунков со „Птиците од ланските гнезда“ (2012).
Критиката веќе се огласи за многузначноста и значајноста на ова прозно остварување на Димковска. Читателите исто така ја препознаа неговата вредност, а во меѓувреме сите го очекуваме второто издание на романот.
Лидија Димковска веќе има освоено повеќе награди за нејзината проза, од кои ги издвојуваме – двапати наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија и награда на Европската Унија за литература за романот „Резервен живот“. Токму затоа таа сосем заслужено е една од најпреведуваните домашни авторки.
Книги
Пет романи во најтесен избор за наградата „Роман на годината“
„Единствен матичен број“ од Лидија Димковска („Три“), „Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка“ од Блаже Миневски („Матица македонска“), „Заборав“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“), „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска („Или – или“) и „Зелениот дворец“ од Сибо („Арс Либрис“) се петте романи што се најдоа во најтесен избор за наградата „Роман на годината“ за 2023 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Оваа одлука ја донесе жири-комисијата во состав Влада Урошевиќ (претседател и минатогодишен лауреат), Бранко Цветковски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата).
Наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје и која е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, годинава се доделува по јубилеен 25-ти пат. Таа се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Жири-комисијата ќе го соопшти името на лауреатот на оваа престижна награда на прес-конференција што ќе се одржи во петок, 15 март, во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, со почеток во 12 часот.
Книги
Десет романи во трката за „Роман на годината“
Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2023 година што ја соселува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, во состав: Влада Урошевиќ (минатогодишен лауреат и претседател на Комисијата), Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата), селектираше десет романи што останаа во трката за наградата „Роман на годината“.
На годинашниот конкурс пристигнаа 36 романи. Жири-комисијата во првата селекција одбра 19 наслови, а сега списокот го стесни на десет романи.
Наградата „Роман на годината“ е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, а нејзин генерален покровител е Комерцијална банка АД, Скопје. Наградата се состои од паричен износ од 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 15 март.