Книги
Правописот да се стави на интернет

Апел до Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје по повод објавувањето на Правописот на македонскиот јазик во печатена верзија, да се дигитализира и да се постави на интернет, со што би станал достапен за поширока публика.
Минатата недела беше промовиран новиот Правопис на македонскиот јазик од страна на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ Скопје, кој е достапен за продажба во печатена верзија. Со оглед на тоа дека се работи за образовно средство изработено со јавни пари, постои одлична основа истото издание да биде достапно до целата јавност во дигитална форма, преку интернет во форма на отворен образовен ресурс.Апелираме до Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ да овозможи пристап до Правописот во дигитална форма бесплатно како отворен образовен ресурс за сите граѓани на Македонија – кои како даночни обврзници веќе имаат платено за овој труд, а и луѓето од целиот свет кои се заинтересирани за правописот на македонскиот јазик, велат од фондацијата Метаморфозис.Отворени образовни ресурси (ООР), се образовни средства и содржини кои се слободни за употреба, појаснуваат. Тоа се образовни алатки кои се бесплатни и можат без никаков надомест да се користат во едукативни и истражувачки цели. Покрај тоа, ООР се слободни и за дистрибуција врз претходно дефинирани авторски и сопственички права кои промовираат слободна дистрибуција и го овозможуваат умножувањето на овие алатки.Отвореното образование е светско движење кое влијае на создавање на политики во ЕУ чијашто цел е да стимулираат висококвалитетни, иновациски начини на учење и настава преку дигиталните технологии и содржини, со мерки на ниво на ЕУ и на национално ниво, на пр. поддршка за институциите за учење, наставниците и учениците од сите возрасти во стекнувањето дигитални вештини, со воведување на нови методи за учење./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Книги
Промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори

На 29 април во 18 часот во Студентскиот културен центар ќе се одржи промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори.
Двете изданија се резултат на соработката меѓу студентите и наставниот и соработничкиот кадар од Факултетот за ликовни уметности, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Издавањето на книгите е поддржано од Инситутот „Данте Алигиери“ во Скопје, Здружението Данте Алигиери во Рим и Министерството за култура и туризам.
Книги
Книгата „Мајсторот“ од Димитар Башевски објавена во Софија

Во издание на издавачката куќа „Изида“ од Софија, деновиве е објавена книгата раскази мајсторот од Димитар Башевски. Тоа е трета книга од Башевски објавена во Бугарија. Претходно објавени се неговите романи „Бунар“ и „Круг“. Преводот на книгата „Мајсторот“ од македонски на бугарски јазик е на Тања Попова.
Во текстот кон објавената книга се вели дека „Димитар Башевски го води читателот на книжевно патување низ длабоките слоеви на човечките емоции и вечните потраги. Со екстремна леснотија и чувство за јазични нијанси, авторот слика живописни слики на љубов, страст и копнеж кои се испреплетени со огромните прашања за смислата на животот и човечкото место во светот“.
Димитар Башевски е автор на дваесеттина книги проза и поезија. Добитник е на највисоките книжевни и општествени награди во земјата. Неговите книги се преведувани и објавувани на повеќе европски јазици.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга

Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).