Култура
Објавен конкурсот за откуп на музички композиции од областа на класичната музика
Министерството за култура во вторник во средствата за јавно информирање и на веб-страницата на Министерството го објави Конкурсот за откуп на музички композиции од областа на класичната музика од домашни автори.
На Конкурсот, кој се распишува еднаш годишно и трае во текот на целата година, македонските композитори можат да конкурираат со по една композиција во една категорија, а најмногу со две композиции во еден конкурсен рок, односно со четири композиции годишно. Категоризацијата на композициите во Конкурсот е направена според видот на изведувачкиот апарат на делата, времетраењето и жанрот на делата.
За изборот на делата ќе одлучува стручна комисија, составена од композитори, претставници на СОКОМ и на СМУМ, домашни и странски автори и репродуктивни уметници, која ќе ги разгледува пристигнатите дела. Приоритет при одлучувањето на Конкурсот ќе имаат квалитетни музички дела од автори од Република Македонија, автентични музички содржини кои ќе придонесат за унапредување на македонската современа музичка култура. По изборот на најдобрите дела, Министерството за култура ќе склучи договор со авторите согласно со кој, авторските права за покрупните форми ќе им бидат отстапени на Македонската опера и балет и на Македонската филхармонија, а за камерните состави, авторските права ќе му бидат отстапени на СОКОМ.
Во февруари минатата година Министерството за прв пат објави Конкурс за откуп на дела од областа на класичната музика во чии рамки во текот на двата конкурсни рока беа поддржани вкупно 42 композиции на 27 автори. Несомнено, овој проект на Министерството за култура, кој наиде на особен интерес кај македонските уметници, има многу придобивки во контекст на поттикнувањето на домашното творештво и афирмацијата на улогата на авторот.
Стимулирањето на домашното уметничко творештво е еден од врвните приоритети на Министерството за култура кој се поддржува и се развива во сите дејности од областа на културата. Министерството за култура преку своите програми континуирано обезбедува поддршка за создавање нови дела со кои се збогатува македонската уметничка продукција. Исто така, во изминатиот период, согласно со Стратегијата за развој на културата за периодот 2013-2017, беа спроведени и низа посебни мерки, нарачки и откупи на дела кои веќе даваат извонредни резултати во насока на збогатување на националните фондови, афирмација на статусот на авторот и, се разбира, промоција на домашното творештво во меѓународни рамки. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Вечер на новоприбрани архивски материјали во Кинотеката
На 27 декември, сабота, со почеток во 20 часот, во Кинотеката ќе се одржи Вечер на новоприбрани архивски материјали, во која ќе бидат прикажани дел од филмовите набавени во 2025 година преку откуп на материјал или меѓу-архивска размена. Проекцијата на оние филмски материјали кои намаат звук ќе бидат прикажани со музичка придружба во живо на ИВЛ.
Една од основните дејности на Кинотеката, поточно на Филмскиот архив (односно Одделението за прибирање, заштита, обработка и чување на филмови и филмски материјали) при оваа институцаја е токму прибирањето на филмови и филмски материјали кои се поврзани со Македонија. Кинотеката години наназад води истражување, идентификација, пронаоѓање и прибирање на филмови и филмски материјали кои се однесуваат или се снимени во Македонија со цел збогатување на збирките, фондовите на кинотека и нивно зачувување.
Вечерта на 27 декември, сабота, ќе бидат прикажани дел од набавените архивски материјали – репортажите на „Филмске новости“ и патеписната репортажа „Од Сава до Вардар“ преземена од Белгискиот филмски архив.
Музичка придружба: ИВЛ.
Влезница: 150 мкд.
Култура
„Виртуози на хорна“ – завршен концерт на јубилејното издание на Скопскиот брас-фестивал
На 29 декември 2025 година, со почеток во 19:00 часот, во малата сала на Филхармонија ќе се одржи концертот „Виртуози на хорна“, последниот настан од петтото јубилејно издание на Скопски Брас Фестивал.
Покрај домашниот хорнист Благоја Василевски, на концертот ќе настапат и реномирани музичари од регионот: Михајло Булајиќ, прва хорна во Лондонски симфониски оркестар и Оркестарот на РТВ Словенија, Никола Чириќ, прва хорна во Белградска филхармонија, Илир Кодима, прва хорна во Косовска филхармонија и професор на Факултетот за музичка уметност во Тирана, како и Милан Роксандиќ од Театарот во Нови Сад.
Настанот претставува пример за меѓународна соработка и културна размена, со фокус на камерната музика за хорни и современ пристап кон брас сцената во регионот. Публиката ќе има можност да слушне програма што ги истакнува изразните можности на инструментот, со дела од класичниот репертоар и божиќни аранжмани за ансамбл хорни.
На програмата се најавени „Унгарска рапсодија бр. 5“ од Јоханес Брамс, „Радецки марш“ од Јохан Штраус, како и избор на божиќни композиции во аранжмани за хорни.
Култура
Белград се сеќава на Зафир Хаџиманов: музичка вечер во македонскиот КИЦ
Македонскиот КИЦ во Белград во своите простории на Македонска 30, на 26 декември 2025 година во 19 часот, организира музичка вечер посветена на Зафир Хаџиманов.
Настанот ќе го отвори директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров, со краток осврт за културата на сеќавање кон големиот бард на културата Зафир Хаџиманов, за огромното културно наследство кое го остави како на македонската, така и на српската култура.
„Јас сонувам, јас творам, јас водам љубов на двата јазика”, знаеше често да каже Зафир, во неговите интервјуа за српските и македонските медиуми.
Вечерта посветена на Зафир Хаџиманов, ќе започне со неколку одбрани музички инсерти и грст фотографии, меѓу кои неколку и за првпат јавно презентирани, а ќе продолжи со интимен концерт посветен нему, со неговите најблиски, Бисера Велетанлиќ и Васил Хаџиманов.
Потретот на Зафир Хаџиманов е инициран и организиран од македонскиот КИЦ во Белград и поддржан од Министерството за култура и туризам.
Зафир Хаџиманов е роден на 25 декември 1943 година во Кавадарци. Дипломирал на Факултететот за драмски уметности во Белград, во 1967 година. Тој речиси целиот животен век го поминал во Белград, во брак со една од најпознатите југословенски пејачки Сенка Велетанлиќ – Хаџиманов, со која го добиле синот Васил Хаџиманов, познат џез-музичар. Значаен е како пејач кој настапувал на голем број фестивали, композитор, поет и актер, со препознатлив придонес во македонската и српската култура, особено преку спојот на традиционалните македонски музички елементи со современи и популарни форми. Во 1991 година, Хаџиманов бил еден од основачите на друштвото за македонско-српското пријателство „Шар Планина“ и на здружението на Македонците во Белград, „Македониум“. Поради неговите заслуги за промоцијата на македонската култура во Србија, во 2007 година, тој бил промовиран во почесен амбасадор на културата на Македонија во Србија.
Хаџиманов почина на 27 март 2021 година, на 77-годишна возраст, од компликации предизвикани од Ковид-19. Постхумно беше одликуван со „Златен медал за заслуги“ од претседателот на Србија, како и со „Орден за заслуги за Република Северна Македонија“ од претседателот Стево Пендаровски, за неговиот исклучителен придонес во уметничкото и музичкото творештво.

