Култура
Превентивни заштитни мерки на црквата „Св. Архангел Михаил“ – Берово

До крајот на годината, целосно ќе бидат изработени основните проекти по што стручните екипи на Националниот конзерваторски центар ќе пристапат кон целосната заштита на манастирот „Св. Архангел Михаил“ во Берово, значаен споменик на културата од XIX век.
Активностите за целосна реализација за сочувување на овој вреден манастирски комплекс со активен монашки живот предвидуваат непосредна заштита и санација на црквата, конаците и музејскиот дел, односно Галеријата на мозаици (поранешно училиште, односно Спомен-куќа на Дедо Иљо Малешевски), која се наоѓа во рамките на комплексот.
Според усвоената динамика на реализација, од страна на надлежната установа, целосно е завршена првата фаза која се однесува на препокривање на северозападниот конак во рамките на комплексот, а годинава, освен изработката на проектите, превентивно ќе се интервенира на критичните места на покривот на црквата „Св. Архангел Михаил“.
За 2016 година е планирана интензивна изведба на конзервацијата и реставрацијата на поединечните архитектонски единици во манастирот, а за 2017 година е предвидена целосна реализација на непосредната заштита на комлексот, со што ќе се овозможи достојна презентација и промоција на овој вреден споменик на културата, како и создавање солидна основа за збогатување на туристичката понуда на локалната самоуправа на градот Берово во насока на развој на културниот и манастирскиот туризам, што претставува стратешка определба на Министерството за култура.
Mанастирскиот комплекс „Св. Архангел Михаил“ во Берово е основан во втората деценија на XIX век, а дваесетина години подоцна се оформени и конаците со монашко сестринство кое опстојува континуирано речиси два века. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Дваесет и пет писатели доаѓаат во Охрид и Струга на конференцијата на Македонскиот П.Е.Н. центар

Од 19 до 21 јуни Македонскиот П.Е.Н. центар ќе ја одржи јубилејната ХХ Регионална конференција, на која ќе учествуваат дваесет и пет писатели од девет ПЕН центри. Темата на годинешниот Симпозиум е „Постхуманизам и книжевност“.
Писателите низ дијалог ќе се обидат да најдат одговори на низа актуелни прашања за статусот на книжевноста и уметноста во ерата на вртоглав технолошки развој поврзан со употребата на вештачката интелигенција. Излагањата од Симпозиумот ќе се сосредоточат на позитивните и негативните аспекти на примената на ВИ во книжевноста; ВИ и имагинацијата, ChatGPT и плагијаризмот; хуманистичкото образование и ВИ, со цел да се понудат одговори на прашањето за состојбата на човекот денес, односно: „дали сме веќе навлезени во добата на постхуманизмот?“
Во рамките на Конференцијата ќе се одржи состанок на Балканската ПЕН мрежа, посветен првенствено на перспективите на соработка, меѓусебното преведување, но и заедничка афирмација на балканските книжевности и културни достигнувања на меѓународен план. Програмата предвидува и две книжевни читања на делата на учесниците: во Меморијалната куќа на Григор Прличев во Охрид на 20 јуни, со почеток во 19ч., како и во Меморијалната куќа на Браќата Миладиновци во Струга на 21 јуни, со почеток во 13 ч.
Учесници на јубилејната конференција на Македонскиот П.Е.Н. центар се: Вида Огненовиќ и Владислав Бајац (од Српскиот ПЕН), Ентела Каси и Ахмет Пренчи (од Албанскит ПЕН), Петар Чухов и Иван Христов (од Бугарскиот ПЕН), Тарик Ѓунерсел (од Турскиот ПЕН), Драгана Кршенковиќ Брковиќ (од Црногорскиот ПЕН), Бинак Кељменди (од Косовскиот ПЕН), Иштван Турчи (од Унгарскиот ПЕН), Ванѓел Дуновски (од Влашкиот ПЕН), како и низа членови на Македонскиот ПЕН: Зоран Анчевски, Игор Анѓелков, Наташа Аврамовска, Бранко Цветкоски, Славе Ѓорго Димоски, Димитрие Дурацовски, Иван Џепароски, Лидија Капушевска-Дракулевска, Катица Ќулавкова, Ермис Лафазановски, Владимир Мартиновски, Александар Прокопиев и Соња Стојменска-Елзесер. Музичкиот дел од програмата ќе биде во изведба на Бранислав Николов, пејачот на составите „Фолтин“ и „Пијан славеј“.
Јубилејната Регионална конференција на Македонскиот ПЕН центар ќе се одржи со поддршка на Министерството за култура и туризам на РС Македонија, а програмата во Струга ќе биде изведена во соработка со Струшките вечери на поезијата.
Култура
На 21 јуни во Музејот на град Скопје ќе биде отворена изложбата „Зона фобија“

Во рамките на манифестацијата Скопско лето 2025 на 21 јуни во Музејот на град Скопје во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Зона фобија“ од нашиот реномиран уметник Томе Аџиевски.
Трагајки по топосите на источноевропската авангарда авторот се потсетува на филмот Сталкер од режисерот Андреј Тарковски. Во „забранетата зона“ од филмот тој препознава многу сличност со „менталната зона“ денес во Македонија.
Уметникот ќе раскаже 5 визуелни приказни за первертираната перцепција кон вистината што перманентно ни се случува од бившата држава па се до денес.
Публиката ќе биде вовлечена во „Зона фобија“рушевина од старата железничка станица сместена меѓу модерни облакодери.Утопија среде анти утопија,вистинска метафора за нашиот постземјотресен менталитет.
На изложбата симболично ќе бидат раздавани каталози од разни изложби на авторот по симболична цена,а собраните сретстве ќе бидат донирани на здружението за заштита на животноте „Anima Mundi“.
Култура
МНТ гостува во Струга со претставата „Торонто експрес“

Македонскиот народен театар ќе гостува во Струга со претставата „Торонто експрес“, која ќе се изведе на 18 јуни (среда), со почеток во 20:00 часот, на летната сцена при Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.
Ова сценско дело е работено по мотиви од збирката есеи „Тибам Штркот“ од авторот Зоран Спасов Ѕоф. Режијата е на Јордан Симонов, а адаптацијата на текстот е заедничко дело на Благоја Бошковски, Александар Микиќ и Јордан Симонов.
Во централната улога настапува актерот Александар Микиќ, кој на свој препознатлив начин ќе го оживее светот на авторот, полн со хумор, апсурд и животни контрасти.
Настанот е дел од програмата на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга.