Сцена
Со бурен аплауз за гостите од Бугарија затворен Битола Шекспир фестивал

Со бурен аплауз и овации беше поздравена актерската екипа на Драмскиот театар од Габрово, Бугарија, во вторникот вечерта на затворањето на третото издание на меѓународниот театарски фестивал „Битола Шекспир фестивал“, што од 22-ри до 28-ми јули се одржуваше во Народниот театар во Битола.
Претставата „Ромео и Јулија“ од Вилијам Шекспир, во режија на Петринел Гочев, којашто е една од најдобро оценетите претстави во тековната театарска сезона во Бугарија, презентираше исклучителна актерска умешност со режисерски концепт кој изобилува со динамични сценски движења и кореографија, мошне впечатлива сценографија со префинети визуелни реженија и модерна и провокативна изведба која кај битолската публика наиде на особен прием.
На третото издание на „Битола Шекспир фестивалот“ беа понудени неколку нови и различни читања на Шекспировите дела. Дел од фестивалот беа и премиерната изведба на претставата „Антониј и Клеопатра“ на Битолскиот театар, во режија на Џон Блондел, како и претставите на Народното позориште од Сомбор, Србија, театарот „Лит Мун“ од Санта Барбара, САД, Турскиот театар од Скопје, како и театарскиот перформанс на актерот Ги Сонен од Холандија.
Во рамките на фестивалот се одржа и работилница за создавање нов драмски текст инспириран од сонетите на Шекспир, во која освен актерите на битолскиот театар и актерите од Лит-Мун театарот, беа вклучени и драматурзи, шекспиролози и режисери. Резултатот на оваа работилница како една голема коопродукција предвидено е да се реализира на четвртото издание на шекспировиот фестивал.
Претходните две години на сцената на Битолскиот театар, како дел од овој фестивал кој се реализира со поддршка на Министерството за култура и општината Битола, продефилираа големи театарски компании како што се Глоуб театарот, Кинескиот национален театар, Мексиканскиот национален театар и многу многу други што секако е една од главните причини за одличната посетеност на фестивалот.Битолскиот театар, инаку, е еден од театрите кој има најмногу поставени пиеси на Шекспир во Македонија и во регионот и тоа во моментот на репертоарот има три шекспирови дела на репертоарот: „Отело“, „Хенри VI“ трет дел и „Антони и Клеопатра“./крај/мф/аш
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Соопштени наградите на МТФ Денови на комедија Куманово 2023

Жирито на 26 МТФ Денови на комедија 2023 Куманово во состав на претседателка Магдалена Ризова Черних и членови: Драгана Гунин, Кети Пауновска Стевковска, Петар Андоновски и Стефан Јакимовски ги донесе следниве одлуки за награди на Фестивалот:
- Најдобра претстава „Чекајќи го лекарот“ Театар Лесковац, Србија;
- Најдобра режија Дамјан Тенев „Седумте стола“ Театар Ловеч, Бугарија;
- Најдобра актерка Наталија Теодосиева „Илуминати“ Театар комедија – Скопје;
- Најдобар актер Александар Степанулески „Кафез кај кокони“ Драмски театар – Скопје;
- Најдобра споредна улога Бранко Атанасов „Кафез кај кокони“ Драмски театар – Скопје;
- Најдобра сценографија Радостина Тодорова „Седумте стола“ Театар Ловеч, Бугарија;
- Најдобра костимографија Раде Василев и Елена Вангеловска „Кафез кај кокони“ Драмски театар – Скопје
Култура
Претставата „Народен непријател“ гостува на два меѓународни фестивала во Црна Гора

Македонскиот народен театар во јули со претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ, ќе гостува на два меѓународни фестивала во Република Црна Гора.
Од 5 јули до 22 август ќе се одржи XXXVII фестивал „Град театар“ во Будва, кој оваа година е со слоганот „Сила, храброст и глупост“. Во текот на 49-те фестивалски дена на овој престижен собир на уметности ќе настапат околу 620 учесници во драмската, литературната, музичката и визуелната уметност, а нашата претстава ќе биде изведена на 16 јули во 21 часот.
Програмата е конципирана на повеќе локации: на сцената меѓу црквите, во црквата „Санта Марија“, Плоштадот на поетите, улиците на Стариот град, на платото пред хотелот „Авала“ и во амфитеатарот на манастирот „Стањевиќи“.
Второто гостување ќе се биде на XVIII меѓународен театарски фестивал „Пургаторије“ – Тиват, а покрај скопската претстава, чија изведба е закажана на 18 јули на летната сцена со почеток во 21.30 часот, во натпреварувачката програма ќе учествуваат уште 8 (осум) претстави од Белград, Загреб, Нови Сад, Подгорица, Тиват и од Сплит.
„Народен непријател“, во која играат: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска/Лана Грпчевски, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски/Григор Јовановски, Нино Леви и Мартин Ѓоргоски, совршено кореспондира со кризата со која повторно се соочува нашето општество. Доктор Стокман е ангажиран маж, но е и идеалист, кој верува дека промената е можна и дека е неопходна итна жртва колку и да е тоа болно, а Ибзен е вешт и ги покажува механизмите како поединецот да зборува за системската неправда и автоматски се карактеризира како предавнички.
ПР
Култура
МНТ со „Нема да биде крај на светот“ гостува во Италија

Копродукциската претстава „Нема да биде крај на светот“ на Македонскиот народен театар, Перипетија продукција – Скопје и Сараевскиот воен театар САРТР – Сараево, ќе учествува на италијанскиот фестивал „Монте Сакро“ во Фоџа.
Фестивалот „Монте Сакро“ (Monte Sacro) потекнува од Апулија во областа Гаргано, а се одржува во спомен на младиот прерано починат писател Матео Латино. Фестивалот е во режија на композиторот Артуро Анекино и има цел да ги вкрсти различните јазици на уметноста.
Фестивалот на музика, танц и театар – „Монте Сакро“, ја препозна режисерската и естетската актерска игра на Дарја Ризова, Саша Ханџиќ и Џана Џаниќ, која пред италијанската публика ќе се одигра на 25 јуни.
„Нема да биде крај на светот“ од својата премиера до денес е една од најнаградуваните претстави, а до сега доби повеќе од 10 (десет) награди.