Македонија
Актерот Оливер Митковски е единствениот што се спротивстави на одлуките за годишната распределба на пари во културата
Лавина реакции и обвинувања за селективност и отсуство на критериуми за потребите во културата кога Министерството за култура на веб-страницата ги објави резултатите од годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2019 година.
Актерот Оливер Митковски, еден од четирите членови на комисијата што даде препораки и мислења за распределба на буџетот во Министерството за култура, доставил издвоено мислење до Министерството поради несогласувања со изборот.
„Макфакс“ интегрално ви го пренесува писмото на Митковски во кое тој ги лоцира клучните проблеми при распределбата на парите.
„Со оглед на транспарентноста на која инсистира Владата преку достапност на информации од јавен интерес, се надевам дека со овој документ јавноста ќе биде поконкретно запознаена со деловите од извештајот со кои делумно или во целост не се согласувам. Ќе понудам и предлози во вид на конкретни идеи, кои, се надевам, ќе бидат сериозно разгледани од страна на надлежните лица со цел да се воспостави во блиска иднина поправеден систем на одлучување при распределбата на средствата на граѓаните за драмската дејност.
Најнапредби сакал да информирам дека комисијата е советодавно тело кое предлозите ги носи со мнозинство гласови, а конечниот збор секогаш го има министерот за култура.
И покрај исклучително нискиот буџет одобрен од страна на Владата за драмската дејност и, генерално, потценувачкиот однос кон културата, моите најголеми забелешки се однесуваат на одобрениот износ за работење на националните установи, кои во суштина би требало да бидат приоритет на овој ресор.
Ќе наведам само неколку примери во кои сметам дека постои флагрантно отсуство на слух за потребите на институциите и игнорантски однос кон институциите, кои квалитетно ја вршеле својата работа и одговорно ги трошеле доделените средства во изминатата година.
Така, МНТ е оштетен со цели четири милиони денари во однос на лани и притоа не се одобрени средства за неопходните материјални трошоци за одржување на објектот, Драмскиот театар понуди извонредно квалитетна програма, но иако е одобрена во целост, не ги доби потребните средства за нејзина реализација, Народниот театар од Битола, наместо награда за упорноста во одржувањето на високите естетски вредности, е казнет со намалување на средствата, одличниот ансамбл на „Марко Цепенков“ од Прилеп е повторно потценет, а условно кажано помалите театри, покрај рестриктивниот буџет за реализација на проекти, веројатно ќе се соочат и со проблеми во одржувањето на хигиената во објектите.
Поради очигледниот недостиг на законска регулатива во форма на утврдување критериуми при распределба на средствата, а со цел да биде сведен на минимум просторот за нивно паушално доделување, предлагам да се воведе ДЕЛЕГИРАН начин на распределба на буџетот за националните институции. Да се постават јасни критериуми за успешноста, квалитетот и одговорното работење на институциите во текот на една репертоарска година и токму тие да бидат одлучувачки фактор при распределбата на средствата за следната година.
Во овој еластичен систем на вреднување, ќе се стимулираат квалитетот и одговорноста, а во суштина самите театри ќе бидат креатори на сопствената судбина. Директорите ќе имаат поголема слобода, но и поголема одговорност во трошењето на народните пари, а улогата на стручната комисија би била сведена на оценување според утврдените критериуми и за проверка на фактите за работата на националните установи. Исто така, предлагам и поголема финансиска стимулација за членовите на комисијата, што би значело мотив плус во зачувувањето на сопствениот интегритет наместо досегашното потпирање на нивните морални човечки вредности. Во овој случај сметам дека е неопходно и формирање внатрешна контрола, која би ја следела работата на комисијата и би претставувала пречка за евентуалниот конфликт на интереси на членовите, како и за остварување незаконски профит преку мито и корупција.
Освен горенаведените примери, би сакал да обрнам внимание на уште една нелогичност, и тоа во распределбата на буџетот за фестивали од областа на драмската дејност. Имено, сметам дека главниот проблем лежи во новодонесената одлука според која се воведува лимит за финансирање фестивали во износ од четири милиони денари.
Со оваа одлука, која веројатно е ненамерен превид од страна на Министерството, му се скратува можноста на МОТ, единствениот македонски фестивал што го следи ритамот на модерните светски театарски трендови и е единствен фестивал кој до денар го оправдува своето постоење, да ја добие заслужената поддршка од државата. Уверен сум дека Министерот го дели истото мислење и вели дека ќе преземе сè што е во негова моќ за пронаоѓање начин со кој ќе се коригира оваа неправда.
За крај, неколку забелешки, но и предлози за конкурсот на таканаречената независна сцена, која во изминатата деценија беше тенденциозно руинирана и претворена во евтин пазар, со можност за брза и лесна екстра заработувачка на поединци блиски до партијата на власт.
Ако постои вистинска желба за прекин на злоупотребата и искрена потреба од закрепнување на оваа сцена, која е од витално значење за едно демократско општество, ги предлагам следниве чекори: Поголеми ингеренции на комисијата во однос на соработка со други државни институции, со цел утврдување на вистинските носители на проектите;
Воведување построги критериуми за аплицирање не само во бирократскиот дел туку и во смисла на потенцијал што понудените проекти треба да го содржат со цел отворање перспектива кон која оваа сцена би требало да се стреми (иновација преку експеримент, потрага по нови театарски изразни средства и тенденција кон сосема нови театарски форми). Измената со новиот начин на бодирање и конкретно насочување на средствата за хонорари, костим или сценографија е солидна и ја отежнува злоупотребата, но не ја елиминира.
Расплинувањето на малиот буџет во корист на квантитетот не е од ничиј интерес. Неопходно е барем во следните неколку години да бидат финансирани само мал број проекти од оваа сцена, но проекти што навистина заслужуваат внимание, и тоа со одличен буџет.
Искрено верувам дека со воведувањето ваков тип регулативи полека ќе исчезне создавањето паратеатри преку аплицирање сестрински фирми и здруженија, како и злоупотребата на средства под параванот на детска едукација, злоупотребата на лица со посебни потреби преку проекти што ниту вистински имаат цел ниту може со својот квалитет да имаат каков било социјален импакт неопходен за надминување на предрасудите кон овие лица и нивна интеграција во сите сегменти на општественото живеење.
Како позитивен пример за ултразначаен проект со извонреден потенцијал да пополни алка што веќе долго време недостига за правилен развој на драмската уметност кај нас би сакал да го издвојам проектот на Јована Ѓорѓиовска од Скопје, кој има цел преку низа работилници и предавања да создаде нови, млади, театарски образовани критичари, кои, според мене, би можеле да бидат од круцијално значење за воспоставување поинакви вредности и критериуми.
Во некои подобри времиња овој проект би имал приоритет и би добил многу повеќе од мизерна сума со која организаторот може да им ги задоволи единствено основните човечки потреби на учесниците во вид на четврт бурек со јогурт“, напиша Митковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

