Македонија
Арсовска: Информатички ИНОПАРК за искористување на потенцијалите на ИТ-индустријата и за економскo јакнење на градот

Една од мерките за економски развој на Скопје е искористување на потенцијалот на ИТ-секторот преку создавање услови за работа во Скопје за ИТ-секторот. Арсовска на денешната прес-конференција ја претстави програмата за економски развој на градот и зајакнување на постојните капацитети. Првата мерка е иницирање меѓународен проект „Скопје ИНОПАРК“.
„’Скопје ИНОПАРК’ е информатичко-иновациски парк, кој ќе биде сместен во непосредна близина на градот на површина од повеќе од 7.000 квадратни метри. Наменет за научно истражување, поврзување и напредок на технолошките компании, менторирање и поддршка на стартап-претпријатија, но и за привлекување ИТ-гиганти од светот. Ефектот за градот ќе биде зголемена потреба од добро платена работната сила на пазарот на труд, вмреженост во заеднички систем (Co-working), додадена вредност преку истражувачки и развојни центри (R&D), позиционирање на Скопје како технолошки центар во Западен Балкан, но и позитивен економски ефект врз пошироката заедница“, истакна Арсовска.
Со овој проект, што го предлага Арсовска, ќе бидат искористени потенцијалите на ИТ-индустријата во Скопје, но и ќе им се овозможат на младите луѓе услови за професионален раст и можности за економско јакнење.
Мапирање на потенцијалот и капацитетите на инвестициските зони на градот Скопје е уште еден проект од програмата на Арсовска за економско јакнење на градот. Со овој проект ќе се зголеми ефикасноста при промоција на зоните и ќе се определат нови потенцијални подрачја за инвеститори, особено во општините во кои има деловно опкружување погодно за претприемаштво и нови можности за инвестиции.
„Ова ќе претставува и зголемен потенцијал за развој на помалку развиените населени места, како и за креирање нови работни места. Мора да се даде поддршка на постојните економски зони во градот за подобрување на инфраструктурата (комунална, сообраќајна), услугите во градот, полесни административни процедури, пристапноста во зоните и други погодности. Во соработка со општините во градот, ќе предвидиме и проектирање нови економски зони, кои ќе бидат центри на висока технологија, иновации и нови информациски достигнувања“, истакна Арсовска.
Арсовска ќе ги мобилизира сите капацитети, домашни и меѓународни експерти, стопанските комори за економски развој на градот, со цел решенија за малите и средните претпријатија, но и развој на локални политики за привлекување странски инвеститори.
„Во малите и средните претпријатија во Македонија се вработени над 80 % од лицата вработени во приватниот сектор. На овие претпријатија треба да им овозможиме едноставни комунални и инфраструктурни решенија, но и нови форми за поддршка за самовработување на младите претприемачи. Ќе се изработи стратегија и акциски план, со кој ќе се предвидат правците за развој на нови форми на соработка во насока на привлекување странски инвеститори и обезбедување соработка со домашни компании и пласман на нивните производи на светските пазари. Со организирање годишни деловни форуми Скопје ќе се промовира како инвестициска дестинација“, додаде Арсовска.
Арсовска уште дополни дека новата градска власт ќе им даде поддршка на жените менаџери со градење политики за родова рамноправност во администрацијата, квалитетно родово и одговорно буџетирање, како и финансиска поддршка за почнување нови бизниси.
„И кога зборуваме за економијата, на Скопје му недостига скопскиот саем. Саемот беше препознатлив по многубројни саемски манифестации, културни настани и општествени случувања. Ќе иницираме постапки за обезбедување нов објект за скопски саем. Само така Скопје ќе биде модерен град. Со издржани проекти, брзи и сигурни решенија“, потенцира Арсовска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Без вода делови од Гази Баба и Кисела Вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска ( четврток) поради изведување на водоводен приклучок од ф – 80 мм на ул. Михаил и Евтихиј бр. 33 во населба Кисела Вода, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од ул. Михаил и Евтихиј. ( општина Кисела Вода).
Од таму со соопштение дека поради изведување на водоводен приклучок од ф – 100 мм на ул. 30 во населба Трубарево, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од населба Трубарево. ( општина Гази Баба ).