Македонија
Бектеши на министерски состанок на Советодавниот совет на Јужниот гасен коридор во Азербејџан
Министерот за економија, Крешник Бектеши, учествуваше на седмиот министерски состанок на Советодавниот совет на Јужниот гасен коридор, што се одржа преку видеоконференциска врска во главниот град на Азербејџан, Баку.
Тој во своето обраќање истакна дека за Владата изградбата на национален гасоводен систем, неговото поврзување со регионалните гасоводни системи, како и изградбата на дистрибутивните системи за природен гас, е еден од приоритетите во делот изградба на енергетска инфраструктура. Како што појасни Бектеши, природниот гас е исклучително корисен енергент бидејќи неговата употреба има широк опсег, и тоа во домаќинствата, во индустријата и во сообраќајот, како и за производство на електрична енергија и топлина.
Република Северна Македонија оваа година првпат учествува на овој министерски состанок, кој е од клучна важност во делот на диверзификација на снабдувањето со гас на повеќе пазари во Европа.
„Гасификацијата на земјата е круцијално значење за економијата и е од бенефит како за граѓаните така и за компаниите, за животната средина и за општеството во целост. За обезбедување на прогнозираните количини природен гас, за наредниот период во тек се активности за натамошна изградба на постојниот гасоводен систем во Република Северна Македонија, негово поврзување со регионалните гасоводни системи особено со Jужниот гасен коридор, како и планот развојот на дистрибуцијата на гасот да се врши преку јавно-приватно партнерство, но и почнување преговори за обезбедување на дополнителните колични природен гас“, потенцира министерот Бектеши во своето обраќање.
Тој додаде дека на средината на оваа година е предвидено да почнеме со изградба на интерконекторот за гасно поврзување со Грција, со што Северна Македонија ќе се поврзе со Јужниот гасен коридор, на тој начин гасот од Азербејџан ќе стигне и на нашиот пазар.
„Заедно со нашата компанија ‘Национални енергетски ресурси’ веќе работиме на заокружување на проектите за изградба на интерконектор за гасно поврзување со нашите северни соседи Косово и Србија, а дополнително како дел од планираните проекти е и изградба на дополнителен интерконектор со Бугарија, како и изградба на интерконектор за гасно поврзување и со Албанија“, потенцира министерот Бектеши.
Во делот на инвестициите во гасификацијата министерот информира дека до крајот на оваа година ќе биде избрана и компанија што ќе ја гради дистрибутивната гасоводна мрежа во државата, што претставува еден од најголемите капитални инвестиции во земјата и ќе обезбеди пристап на природен гас до домаќинствата и стопанството.
На отворањето на министерскиот состанок се обрати азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, а свои излагања за плановите за проширување на испораката на гас во Европа и на Балканот дадоа ѝ комесарот на ЕУ за енергетика, Кадри Симсон, еврокомесарот за европска соседска политика и преговори за проширување, Оливер Вархељи, како и високи претставници на САД, Албанија, Велика Британија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Грузија, Хрватска, Италија, Унгарија, Црна Гора, Романија, Србија, Турција, Туркменистан и на Грција. Компаниите што учествуваат во проектот, Светската банка, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Азиската банка за развој, Азиската инфраструктурна банка за инвестиции и други меѓународни финансиски институции.
Јужниот гасен коридор, проект вреден 40 милијарди долари, минува низ 3.500 километри територија, од Баку до јужна Италија, преку Грузија, Турција, Грција и Албанија.
Главен извор на гас за системот е наоѓалиштето „Шах Дениз“ во Каспиското Море со резерви од 1,2 трилион кубни метри.
Со завршувањето на етапата I на Јужниот гасен коридор во декември 2020 година засегнатите страни испитуваат проширување на проектот на нови пазари, како што е Балканот, и транзит на гас од други достапни извори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

