Македонија
Бектеши побара да се донесе акт дека рудниците ќе ја загадат животната средина за веднаш да се раскине договорот за концесија

Акт што ќе покаже дека рудниците ја уништуваат животната средина може да го спречи нивното отворање. Министерот за економија, Крешник Бектеши, денес во детали објаснуваше дека за споените концесии за рудници во Министерството за економија нема ниту едно негативно мислење од сите засегнати институции, сите се изјасниле позитивно. Во документацијата има позитивни мислења од Министерството за животна средина, но нема ниту еден елаборат за влијание врз животната средина. Токму таков документ министерот Бектеши вели дека може да ги спречи рудниците, а на земјата да не ѝ се закани нова арбитражна постапка.
„Министерството за економија мисли дека најдобра опција, имајќи предвид дека се повикуваме на заштита на животната средина, е да се донесе акт, каде што се утврдува дека одредена потенцијална инвестиција е спротивна на стандардите за заштита на животната средина. Откога ќе се донесе тој акт и ќе се одбие или нема да се донесе решение за заштита на животната средина, утредента Министерството за економија ќе достави предлог за едностран раскин на договорот. Но, да се дава простор за да не се носи никаква одлука, да не постапуваат институциите, мислиме и сме на ставот дека сме на голем ризик за голема арбитражна постапка. Ова е наш став пред Владата, новинарите, граѓаните“, рече министерот Бектеши.
Тој нагласи дека во Министерството за економија нема ниту еден акт дека е одбиено некое решение или барање за мислење од која било институција, вклучувајќи го и Министерството за животна средина.
„Главен аргумент, речиси на сите институции, па и на владините, од 2016 до денеска е дека оваа потенцијална инвестиција е спротивна на прописите за заштита на животната средина. А ние не поседуваме никаков акт како Министерство за економија дека е одбиено некое решение, некој елаборат, во последните 15 години, за конкретниот случај, во делот на заштитата на животната средина. И врз основа на кој акт Министерството за економија ќе донесе предлог-одлука за да го раскине договорот со инвеститорот? Имаме цел спектар од можности за да имаме таков акт. Може да биде од Министерство за земјоделство или Министерство за транспорт и врски затоа што ќе се сечат шуми и така натаму“, рече министерот Бектеши.
Спојувањето на концесиите, за што некои од колегите го обвинија дека манипулира и ги измамил, објасни дека е само административно оти втората концесија целосно ја обиколува првата концесија одобрена во 2005 година, двете имаат ист концесионер и ист инвеститор, па немало правна пречка да се спојат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема причина за вознемиреност по хаваријата во Пинтија, вели градоначалникот кој го повика Град Скопје да преземе мерки

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски вели дека граѓаните немаат причина за вознемиреност по хавријата во Пинтија, бидејќи од нивна страна биле преземени сите мерки за заштита.
Инспекторите од Кисела Вода на терен констатирале протекување на хемикалии од вентил при дефект, во објект за производството на стиропор во Пинтија. Ѓоргиевски вели дека елаборатот за заштита на животната средина бил издаден и одобрен од страна на Градот Скопје на 31.12.2021 година со број 08-10300/4.
„Од наша страна, иако не е во рамки на нашите надлежности, а во соработка со екипите на Противпожарната бригада од Скопје, обезбедивме пилевина и песок како најдобра солуција против пролизгување во вакви случаи на хаварија“, вели Ѓоргиевски кој апелира до Град Скопје кој го издал елаборатот за работа и до сите надлежни институции да преземат мерки согласно Законот, во рамки на своите надлежности.
За хаваријата со протекувањето на хемикалии претходно се огласија и од Град Скопје. Оттука пак, велат, дека објектот е под надлежност на општина Кисела Вода, и апелираат до општината да постапи во рамки на своите надлежности, како и ресорното Министерство со цел санкционирање на правното лице кое ја предизвика хаваријата.
Македонија
Хемикалии се излеаа од објект во Пинтија, надлежните на терен

Во текот на денешниот ден во населбата Пинтија во Кисела Вода од резервоар на објект на приватна компанија за производство на стиропор изграден во внатрешноста на населеното место, се излеале хемикалии користени во производствениот процес на компанијата.
Град Скопје соопшти дека на лице место се екипи на ТППЕ Скопје со цел изолирање на инцидентот како и инспекторите од град Скопје кои составија записник за хаваријата.
„За ваков тип на хаварија покрај паричната казна за сторителот од 45.000 евра, следи и затворање на погонот, како и налог за санирање на штетите предизвикани од инцидентот. Со инспекциски извештај за извршен технички преглед на опрема под притисок каде со заклучок е нотирано дека на вентилот има знаци на протекување, правното лице Екопор не превземало мерки да го спречи настанувањето на хаваријата на која сме сведоци денес“, велат од Град Скопје.
Се додава дека за овој објект кој е под надлежност на општина Кисела Вода, апелираат до општината да постапи во рамки на своите надлежности, како и ресорното Министерство со цел санкционирање на правното лице кое ја предизвика хаваријата.
Претходно од МВР информираа дека било пријавено дека на булеварот Борис Трајковски во близина населбата Пинтија истекува непозната црна течност од атмосферската канализација и истата се излева по булеварот. Полициски службеници од СВР Скопје се излезени на лице место. Сообраќајот се пренасочува и се преземаат мерки за утврдување на причините и за расчистување на случајот.
Македонија
ЕУ ни порача: Тоа што е договорено е договорено, нема што ново да се договара

Тоа што е договорено е договорено, нема што повеќе да се договара, рече претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за тоа дали може Македонија да добие гаранции за да ги спроведе уставните измени.
Првиот човек на Европскиот совет вели дека држата треба да го исполни договореното од 2022 година, и нема повеќе простор да се бара нешто друго за договор.
„Не ни е потребен план ‘Б’, само треба да го исполниме планот ‘А’“, рече Кошта.
Според премиерот, Христијан Мицкоски, преговарачката рамка е грешка на претходната Влада на СДСМ и ДУИ, а уставни измени без гаранции се неприфатливи, без испорака од другата страна.
„Ние тоа не можеме да го прифатиме, без да видиме добра волја и испорака од соседната страна. Не можеме ние да менуваме Устав по којзнае кој пат, а без да имаме јасна порака и јасна испорака од другата страна, тоа е бугарската страна, затоа сакаме да разговараме за да го решиме тој проблем“, рече Мицкоски.
Премиерот изрази подготвеност во било кое време да дојде во Брисел, во присуство на висок претставник од ЕУ, на преговори со Бугрија.
Мицкоски и Кошта заедно заминаа во Тирана, на самитот на Европската политичка заедница. Премиерот најави добри вести за Македонија.