Македонија
Бектеши: Утре замрзнуваат цените за јајцата и оризот, нема поскапување за Велигден и за Рамазан-бајрам

На утрешната седница Владата ќе ги замрзне маржите на оризот и јајцата на цени од почетокот на овој месец. Министерот за економија вели дека замрзнување на маржите за брашното и шеќерот нема да има, но очекува самите трговци да ги намалат цените.
„За замрзнување на маржите, утре, на седница на Владата ќе се донесе одлука за замрзнување за оризот и јајцата, со цени што биле претходно во текот на овој месец. За шеќерот и за брашното, во согласност со податоците од Царинската управа за увозот и податоците од производителите, има намалувања на цените и нема да преземеме мерки. Во наредните денови очекуваме цените само да паѓаат. Ако тоа не се направи од трговците, ќе следуваат дополнителни одлуки за цената на брашното“, рече министерот Бектеши.
Тој не ги кажа новите пониски цени на оризот и јајцата за да не остави простор одредени трговци да се подготват за одлуките и најави дека точната цена Владата ќе ја соопшти дента кога ќе биде донесена одлука.
Министерот уверува дека нема да дозволи зголемената побарувачка да ги крене цените за време на претстојните празници.
„За цената на јајцата, најевтини сме во регионот, побарувачката е голема. Зголемување на цените поради зголемена побарувачка заради Велигден и Рамазан-бајрам нема да дозволиме“, најави министерот Бектеши.
Цените на јајцата и на оризот Бектеши вели дека ќе бидат пониски од оние што се денес на пазарот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Ѓорчев: Во Македонија во моментов се случува демографска катаклизма

Во Македонија во моментов сега се случува буквално демографска катаклизма, никогаш помалце родени бебиња и страшни, ужасни демографски падови, истакна Влатко Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Само во месец март оваа година во Македонија има 18% помалку родени бебиња одошто минатата 2022 година. 2022 година беше најлошата, убедливо најлошата демографска година во историјата на Македонија со најмалку родени бебиња, на таа најлоша година сега во март имаме 18% дополнителни родени бебиња помалку. Тоа значи празни училишта, празни градинки, празни градови и села, тоа значи пуста, пуста земја. Овие бројки се ужасни. Ова се политиките на Таче Ковачевски и Стево Пендаровски. Тие политики буквално ја уништуваат Македонија. За Македонија да живее и преживее мора овие нивни политики да бидат час поскоро поразени“, истакна Ѓорчев.
Во март 2022 година, како што посочи Ѓорчев, родени се 1557 бебиња, во март 2023 година родени се 1279 бебиња во Македонија, тоа, како што оцени, се 278 бебиња помалку, само во еден месец. За Ѓорчев, тоа е фрапантен ужасен пад од 18%, 14 паралелки помалку со деца, 14 паралелки со 20 деца.
„Имаме еден куп места и еден куп школи каде имаме паралелки со три деца, пет деца, седум деца или девет деца. Во првиот квартал 2023, во однос на уште еднаш ќе повторам, најслабата во историјата со најмалку родени бебиња 17.700 бебиња се родени во Македонија 2022 година, сите негативни рекорди се пробиени. Значи во првиот квартал минатата најлоша демографска година родени се 4. 009 бебиња. Во овој квартал 2023 година родени се 3.656 бебиња тоа е 353 помалку бебиња за еден квартал, односно намалување на квартално ниво во однос на најлошата година од 9 проценти“, додаде тој.
Тоа, според него, значи дека Македонија исчезнува, „тоа значи дека Македонија ја нема“.
„Тоа значи дека со овие политики на Таче Ковачевски и Стево Пендаровски ќе имаме празни училишта, празни градинки, празни полиња, празни села, празни градови, испразнети маала, без детски џагор. Тоа значи дека буквално стануваме пуста земја. Нема ниту една земја, нити една земја во светот во март која има ваков пад 18 проценти. Најлоши во светот, уште еднаш на Македонија, за жал со Стево Пендаровски и Таче Ковачевски и се случува демографска катаклизма, колапс и буквално катастрофа“, дополни Ѓорчев.
Македонија
Одмрзнати цените, нема гаранција дека производите нема да поскапат

Одмрзнати се цените на лебот, зеленчукот и овошјето, а министерот за економија, Крешник Бектеши, нема гаранција дека тие нема да поскапат. Имало само ветување од страна на компаниите. Доколку вештачки се покачат, тогаш инспекциите тоа ќе треба да го нотираат и казнат.
„Во однос на цените на производите, утврдено е дека речиси сите се намалени со владините мерки. Да, тие нема да важат. Ако одредена компанија, одреден сектор, вештачки ќе се обиде да ги зголеми цените, институциите ќе влезат во функција и нема тоа да биде дозволено. Имавме разговори, каде што тие кажале дека за одредени производи ќе има и намалување“, рече Бектеши.
Посебни мерки не се планирани, освен спроведување на законите.
„Не предвидуваме никакви мерки, само ќе важат сите одредби од Законот за пазарна инспекција, УЈП и Финансиска полиција, како и Законот за заштита на потрошувачите. Инспекциите мора да ги вршат контролите согласно тоа што е донесено како одлука од страна на Владата“, додаде Бектеши.
На почеток на април беа замрзнати цените на дел од производите, за да се сопре ценовен шок. Мерките важеа до вчера. Од сега, маркетите можат да ги корегираат по сопствена желба. Владата најави дека будно ќе ја следи состојбата.
Македонија
Уапсен скопјанец за убиството на Жила во Чаршија, се поврзува со запалениот автомобил искористен за бегството

Скопјанец е уапсен за двојното убиство во скопската Чаршија во „Шиша бар“ кое се случи пред три месеци, дознава „Макфакс“. Ова е прво лице на кое Кривичен суд му одредило и притвор, а се поврзува со овој случај. Во исто време, преку меѓународна правна помош, се трага по извршителите. Убиени беа Јетон Кривањева викан Жила и Енес Исени, кои се поврзуваа со нарко пазарот.
Според неофицијални извори на „Макфакс“ од судот, скопјанецот се сомничи дека има поврзаност автомобилот „ауди“ со кое извршителите на убиството избегаа, па потоа беше запалено. Од упатени извори, дознаваме дека Обвинителството наредило да му се земат и папиларни линии, за да се утврди дали истите се совпаѓаат со земените од автомобилот.
„Макфакс“ се обрати и до Обвинителството, од каде очекуваме одговор колку дневен притвор му е одреден на осомничениот.
Автомобилот „ауди“ беше запален во Бутел, кратко по двојното убиство. Од него останаа регистарските таблици. Возилото било оставено кај подвозникот кој води кон Мирковци.
„Макфакс“ објави детали по масакрот во старата скопска Чаршија.