Македонија
Боки 13 останува во затвор и по наводите за влошеното здравје: Кривичниот суд ја испратил одлуката, адвокатот Туфегџиќ не ја добил

Бојан Јовановски-Боки 13, осуден во случајот „Рекет“, останува во затвор. Кривичниот суд донесе одлука за која посочува дека ја испратил и до подносителот, а со која ја одбива жалбата преку која осудениот се бореше за привремен прекин на казната поради влошено здравје. Адвокатот Владимир Туфегџиќ, пак, не ја добил одлуката, па дури вели и дека поднел нови докази, со кои побива дека Јовановски може да продолжи со издржување на казната. Одлуката на Кривичниот совет е донесена според документите што беа испратени до јавноста, а во кои се посочуваше дека доктори тврдат оти здравјето на Боки 13 е сериозно влошено и дека не може да се третира во затворски услови.
„Кривичниот совет, на Основниот кривичен суд, постапувајќи по жалба на одбраната на Б. Ј., изјавена против решение на судија за извршување санкции, донесе решение со кое жалбаа сте одбива и се потврдува решението на судијата за извршување санкции за што подносителот на жалбата е веќе известен“, велат од Кривичниот суд за „Макфакс“.
Според адвокатот Туфегџиќ, доказ дека не знаат за донесената одлука на Кривичниот суд е и фактот што поднел и нови докази до судиите што одлучуваа.
„Јас како бранител не сум известен дека е донесена одлука во предметот, ниту сум ја примил. Од овие причини до жалбениот совет денеска се доставени нови докази обезбедени во текот на жалбената постапка. Во однос на објавите во јавноста, укажувам дека бранителите се запознаени со намерата јавноста да се информира за конкретниот предмет имајќи го предвид пројавениот интерес на одредени медиуми и воедно почитувајќи ја волјата на осуденото лице и неговото семејство, кои нè известија дека за таа цел соопштенијата во медиумите ќе бидат испраќани од имејл-адреса форматирана за таа цел. Во таа смисла бранителите не учествуваат во креирањето на содржината на соопштенијата“, вели Туфегџиќ за „Макфакс“.
Претходно, во писма до јавноста Боки 13 преку правниот тим посочуваше дека очекува Кривичниот совет да ја одбие жалбата и да го остават во затвор. Пред пет дена до јавноста достави и 11 лекарски потврди за кои посочи дека се издадени од брзата помош, а со кои докажува дека не може да се лекува во затвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Предложен притвор за кичевецот кој утрово со секира си го уби таткото и тешко ја повреди мајка си

Основното јавно обвинителство Кичево поведе истражна постапка против кичевец осомничен за кривични дела убиство и обид за убиство.
„При вршење семејно насилство рано утрово, во дворот на семејната куќа во селото Србјани, осомничениот 47-годишник го лишил од живот својот татко, а се обидел да ја убие и својата мајка. При вербална расправија, со нож и секира најпрво го нападнал таткото, прободувајќи го по телото и удирајќи го со секирата по главата. Потоа и нанел убоди со нож во вратот и на неговата мајка. Од многубројните повреди оштетениот маж починал при укажување прва помош, а жената е пренесена на Ургентниот центар во Скопје во тешка состојба“, извести вечерва Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кичево вечерва достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Осомничениот беше уапсен откога самиот пријавил во Итната медицинска помош дека ги нападнал родителите.
Македонија
Невреме со град, дожд и грмотевици вечерва во Струмица: поплавени улици, паднати дрвја и делови од градот без струја

Откорнати дрвја, поплавени улици и делови од центарот без струја е билансот од невремето со град, дожд и грмежи вечерва во Струмица. За санирање на штетите на терен се јавното претпријатие „Комуналец“ и Територијалната противпожарна единица на Струмица.
Пожарникарите известија дека отстраниле паднато дрво врз автомобил на улица.
„Вечерва (недела) 11.05.2025 година, околу 20.00 часот на ул.Ванчо Китанов, ТППЕ Струмица со едно противпожарно возило и двајца пожарникари-спасители интервенираше на отстранување на паднато дрво врз автомобил. За кратко време дрвото е отстрането од улицата“, објави Противпожарната единица на Струмица.
Струмичани јавуваат дека невремето почнало пред 20 часот и за кусо време улиците биле поплавени и побелени од град.
Дијаспора
Муцунски се сретна со македонските иселеници во Шведска

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денеска и утре престојува во дводневна работна посета на Кралството Шведска. Фокусот на првиот ден од посетата беше ставен на бројната македонска дијаспора – при што ја посети и присуствуваше на литургија во македонската православна црква „Св. Наум Охридски“, се сретна со претставници на дијаспората и со македонски стопанственици кои работат и инвестираат во Шведска.
„Посетата на црквата ’Св. Наум Охридски’ во Малме и средбата со македонската заедница, како прв министер за надворешни работи кој присуствувал на утринска литургија во оваа црква, беа можност за разговор за нивните иницијативи, предизвици и очекувања. Се разговараше и за владините политики насочени кон унапредување на односите со дијаспората, при што беше потврден значајниот придонес на македонската заедница во јакнењето на односите меѓу двете држави. Во шведскиот град Трелеборг, во организација на Обединетата Македонска Дијаспора, министерот Муцунски се сретна со македонски стопанственици кои успешно делуваат во Шведска. Во фокусот на средбата беа можностите за инвестирање во Република Северна Македонија, јакнењето на економската соработка и активната улога на дијаспората во економскиот развој на државата“, известија од Министерството за надворешни работи.
Утре министерот Муцунски предвидено е да има средба со министерката за надворешни работи на Шведска, Мариа Малмер Стенергрард.