Македонија
Васев за лековите на реверс: Па не сме зеле столови и градежен материјал, сме зеле лекови за пациенти што веќе биле на терапија
Поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Никола Васев, пред пратениците призна дека се користеле лекови земени на реверс за што вели дека е правно недозволиво, но го практикувале оти Хипократовата заклетва ги обврзува да не ги остават пациентите без лекови. Васев објасни дека на реверс се зеле лекови само во случаите кога не смееле да дозволат да им се прекине терапијата на пациенти што веќе почнале да ја примаат.
„Прво, апсолутно се согласувам дека реверсот не треба да се користи. Главна намена на реверсите беше да не се прекине биолошката терапија што пациентите почнале да ја примаат. Тендерската постапка за тие лекови беше почната, не е земен реверс без постапка. Постапката беше почната, но два-три месеци задоцни. Ниту јас ниту кој било не смееше да го загрози животот на пациентите што веќе почнале да ја примаат терапијата. Тие лекови значеа живот за нив и тоа е поскапо. Не знам што би кажал друго тука. Тука се крши Хипократовата заклетва со правната одговорност на Институтот. Тие две заклетви овде не може да ги споите. Па не сме зеле столови и градежен материјал, сме зеле лекови од една фирма кога и не може друга да конкурира. И, второ, јас сум се обезбедил со писмо што ќе ви го доставам дека ако тие фирми изгубат на тендерот, тој лек ќе биде донација. Тоа писмо ќе го доставам кај вашата претседателка“, рече Васев укажувајќи дека три месеци пред да се потрошат лековите во резервите редовно ги известувале Фондот за здравство и Министерството за здравство.
Поранешниот директор Васев како свој неуспех призна дека го смета и тоа што не успеал да воведе пракса за стручен колегиум, на кој барем еднаш неделно сите лекари од Клиниката ќе седнат на исто место. Тој рече дека на Онкологија стручен колегиум не се одржал 10 години.
Васев имаше објаснување и за обвинувањата дека лично тој со потпис одобрувал кој пациент ќе добие терапија. Укажа дека раководителите на одделенија одлучувале кому ќе му дадат лек и не си се мешале едни на други во работата, а кај него на потпис стигнувале оти водел евиденција.
„Докторите ги пишуваа историите со лекови, сестрите ги собираа историите, доаѓаа кај мене за потпис – не за тоа дали да зема или не, туку дека тој лек го има на Институтот и јас си водев евиденција да не надминеме количини што ни беа строго дефинирани. Не знам во кој случај било загрозено правото на пациентите да имаат пристап до биолошката терапија ако на сите пациенти им се одобрува терапијата“, рече поранешниот директор Васев.
Денес прва прашање му постави претседателката на анкетната комисија, Рашела Мизрахи. Откога му прочита дел од наодите на Државниот завод за ревизија, кои укажуваат на лошото работење на Клиниката и сомнежот дека немале сите болни еднаков пристап до лекување, му постави само едно прашање: кој му дал согласност или насока за да направи таков хаос на Клиниката за онкологија?
„Никогаш не ми била намерата да креирам хаос. Функцијата ја прифатив од министерот за здравство Таравари по долго убедување. Искрено, се мислев дали да ја прифатам, но како најстар доктор на Институтот чувствував малку и одговорност мислејќи дека ќе ја подобрам здравствената заштита на нашите пациенти. 35 години работам со онколошки пациенти, ниеден човек од мојата врата не сум вратил. Го читавме извештајот, за жал, го добивме откога не сум на функција. Не можевме да одговориме, веројатно сум имал право, не сум знаел за тоа. Сигурно ќе се обидев да одговорам на сите наводи“, рече Васев.
Неговиот став, и покрај наодите на Државниот завод за ревизија, е дека ниту еден пациент не бил оставен без терапија.
Васев беше директор на Клиниката за радиотерпија и онкологија од 21 јуни 2017 година до 2 ноември 2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Началникот на Генералштабот на Армијата на конференција на Воениот комитет на НАТО
Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-мајор Сашко Лафчиски, од денеска ќе престојува на редовната конференција на Воениот комитет на НАТО во формат на началници на Генералштабови од земјите членки на НАТО и партнерите.
На претстојната конференција во првиот ден ќе се реализираат сесии со началниците на земјите членки на НАТО, на кои ќе се дискутира за повеќе теми меѓу кои безбедносната состојба во зоната на одговорност на Алијансата и подготвеноста за одбрана и одвраќање, модернизацијата и интероперабилноста на НАТО Алијансата, придонесот кон стабилноста и безбедноста, заканите, ризиците и предизвиците.
За време на вториот ден ќе се реализираат сесии со партнерите, на кои ќе се разговара за глобалната безбедносна состојба и иднината на партнерството во делот на безбедносната соработка и менаџирањето со кризи. Меѓу другото, ќе се разговара и за пошироки теми како: климатските промени, безбедност на храна и енергија, нерегуларна миграција, организиран криминал и влијанието на недржавни актери на безбедноста.
Генералот Лафчиски во оваа прилика ќе реализира и официјална посета на Врховната сојузничка команда на НАТО за операции во Монс, Белгија при што ќе ја посети и делегацијата на нашата земја во НАТО распоредена во Монс и Брисел и штабните старешини распоредени во командната структура на НАТО.
Највисокиот воен авторитет на НАТО алијансата, Воениот комитет во формат на началници на Генералштабови се состанува двапати годишно во седиштето на НАТО во Брисел, а еднаш годишно се одржува во една од сојузничките земји членки на база на ротација.
Скопје
Дел од општина Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано два прекини во водоводната мрежа и тоа:
– Поради промена на вентил од ф 2“ на улицата Никола Парапунов бр.5 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Никола Парапунов во општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување на работните активности.
– Поради дефект на приклучна цевка од ф 1“ на улицата Копенхагенска бр.6 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците Копенхагенска, Бриселска, ГаврилЛесновски, Стокхолмска, Његошева, Петар Драганов и дел од Софиска во општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 11:00 часот до завршување на работните активности.
Македонија
Променливо облачно и студено со повремени врнежи од снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено со повремени врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -7 до 0, а максималната ќе достигне од -2 до 5 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно и студено со услови за провејување на слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во четврток претпладне ќе се задржи претежно облачно и студено време со повремени врнежи од снег со слаб до умерен интензитет.Попладне насекаде врнежите ќе престануваат. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Во петок и за време на викендот ќе преовладува стабилно време со пораст на дневните температури. Утринските температури во текот на целиот период насекаде ќе бидат под нула, а наместа ќе се спуштаат и под -10 степени. По некои котлини ќе има појава на магла и пониски дневни температури.