Македонија
(Видео) Арсовски: Димова доделила речиси 55.000 евра на училиште во кое работат роднини на Маричиќ и неговата сопруга
Лидија Димова мора веднаш да си даде оставка од позицијата директор на Националната агенција, бидејќи е заглавена во сомнеж за криминал до гуша, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Денеска сакаме да поставиме неколку прашања во врска со проект кој е доделен на средното општинско училиште ‘Коле Нехтенин’ од Штип, проект во вредност од над 54.000 евра, за едукација за туризам на Кипар. Прашањата коишто сакаме да бидат одговорени, коишто јавноста бара да бидат одговорени се следни:
Дали за овој проект што го споменав претходно, во вредност од 54.000 евра, за ова училиште да го добие главен протеже во Националната агенција била претседателката на Управниот одбор во истата агенција, Маринела Тушева, инаку сопруга на министерот за правда Бојан Маричиќ?
Бидејќи, прва братучедка на Маринела Тушева е Јулијана Саздова, наставник вработен во средното општинско училиште „Коле Нехтенин“, кое го добило проектот, додека, пак, нејзиниот татко, а вујко на Маринела Тушева е Нако Ташков, инаку член на училишниот одбор во училиштето.
Дали Маринела Тушева помогнала проектот да го добие училиштето во кое работи нејзината прва братучетка, а нејзиниот вујко е член на училишниот одбор?
Дали има одлуки на наставнички совет, училиштен одбор и Управен одбор за подготовка на апликацијата и реализација на истиот проект за кој се побарувани парите? Дали поминала одлуката на гласање на некое од овие тела коишто ги споменав?
Потребно е да се направи план за посебна проектна сметка во буџетот на училиштето, преку која ќе се реализира овој проект. Дали има таква сметка во училиштето?
Дали воопшто некој знае дека овие средства влегле во училиштето?
И за крај, каде и на чии сметки завршиле овие пари, односно кој е финалниот извештај, и дали ќе може да биде објавен од страна на Националната агенција и училиштето за да се отстранат сите сомнежи?
Па така, ако сè уште не ви е јасно од каде ѝ е силата на Лидија Димова и зошто сè уште не е сменета и разрешена од директор на институцијата, од страна на Управниот одбор на Агенцијата кој го води Маринела Тушева, одговорот може да го добиете во оваа прес-конференција“, порача Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

