Македонија
(Видео) Соборците на Благојче: Последните зборови му беа да го дочека лекот „трикафта“, не требаше да се чека
Родители на две деца болни од цистична фиброза во име на сите пациенти и Асоцијацијата изразија последна почит за Благојче Илиевски, кој ја изгуби битката, без да го добие лекот.
Тие посведочија и за неговите последни зборови што ги кажал пред да почине. Децидни се дека не требаше да се чека да почине пациент за да се забрзаат сите процедури за лекот да биде донесен во Македонија.
„Последните зборови на Благојче му беа да го дочека лекот ‘трикафта’ што живот значи. Вечна му слава“, рече Лаира Криештарац, родител на 16-годишно дете со цистична фиброза.
Ирена Василевска, која исто така е родител на дете што се бори со болеста, посочи: „Не требаше да се чека. Тоа требаше порано да се одлучи. Да се одлучеше порано, Благојче можеби ќе беше жив“.
„Дојдовме да му оддадеме почит на Благојче, кој ја изгуби битката. Жалосно е кога има лек да умираат пациентите со цистична фиброза. Револтирани сме од предолгото одлагање на работите. Пациентите не може да чекаат ниту една минута. Нека го донесат лекот за сите 60 пациенти“, додаде Василевска.
Собирот беше пред Владата, а почна со едноминутно молчење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Најдоцна во јануари Јаневска ќе го распише тендерот од половина милијарда денари за учебници по странски јазици
По најавата дека учебници по странски јазици ќе има за сите ученицни, но од следната учебна година, министерката за образование Весна Јаневска денес извести дека најдоцна на почетокот на следната година ќе го распише тендерот за нивна набавка. Јаневска, денес, давајќи отчет за првите 100 дена од новата Влада, рече дека е задоволна од сработеното и најави дека ќе продолжи со исто темпо.
„Набавката на учебници по странски јазици, најверојатно, ќе биде распишана најдоцна во јануари. Тоа значи дека за следната учебна година ќе ги има и учебниците по сите странски јазици“, рече министерката Јаневска.
Минатиот месец од нејзиниот кабинет за „Макфакс“ изјавија дека набавката на учебниците по странски јазици се очекува да чини 500 милиони денари или 8,1 милиони евра.
Учебници по странски јазици во основните училишта нема петта учебна година по ред. Четворица министри, вклучително и сегашната министерка, дозволија учебната година да почне без овие учебници, но одговорност не се бара од никого.
Македонија
Вонредни инспекции на Детската клиника и во Козле ја бараат вината за смртта на 14-месечното дете
Државниот санитарен и здравствен инспекторат и стручна комисија, формирана од министерот за здравство, од утрово прават увид во Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата во Козле и на Клиниката за детски болести за да се утврдат причините за смртта на 14-месечното дете, кое во саботата почина на Детската клиника. Министерот за здравство, Арбен Таравари, вели дека утрово имал состанок со директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
„Првиот состанок што го имав утрово беше со директорот. За овој случај формирана е и стручната комисија и веќе е на терен. Од девет часот утрово на терен се и стручната комисија и Инспекторатот“, рече министерот Таравари.
Тој вчера потврди дека 14-месечното дете било вратено од Детската клинка, односно лекарите одбиле да го хоспитализираат. Родителите помош побарале на клиниката во Козле, каде што го примиле, но поради влошена состојба, било пренесено на Детската клинка, каде што и почина.
Министерството за здравство извести дека детето било примено со тешка респираторна инфекција, тешка општа состојба и засегнати витални функции. Настапило рапидно влошување на состојбата со отежнато дишење и пад на сатурацијата. Телото на детето е предадено на обдукција за која од Министерството очекуваат да ги утврди причините за смртта.
Директорот на Детската клиника, Реџеп Мемеди, вчера, на социјалните мрежи објави дека смртта на 14-месечното дете е голема трагедија за него и како родител и како доктор. Најави дека нема да остане мирен сè додека не ги дознае причините за смртта и додека не се побара индивидуална одговорност за случајот доколку се утврди пропуст.
Македонија
(Видео) Мицкоски – Вучевиќ: Во овие турбулентни времиња неопходно е да бидеме заедно
„Денес, тука во Скопје имавме значајна и искрена средба со премиерот на Република Србија, господинот Милош Вучевиќ, истакна македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
Средбата како што вели била израз на заедничката желба за подобра иднина и зацврстување на врските помеѓу нашите две земји.
„Во срцето на нашите разговори беше разбирањето дека споделуваме многу повеќе од заедничка граница. Многу од граѓаните на двете земји споделуваат историја, култура, семејни врски и, најважно од сè, заеднички стремежи за просперитет и мир за нашите народи. Разговаравме за начините како да ја продлабочиме економската соработка, како да ги поврземе нашите луѓе и како да создадеме можности за идните генерации кои доаѓаат“, вели Мицкоски.
„Посебно се осврнавме на културната соработка и образованието. Се согласивме дека инвестирањето во младите е инвестирање во иднината. Кога нашите млади уште повеќе ќе се поврзат, ќе учат едни од други и ќе создадат заеднички проекти, тогаш сме сигурни дека регионот ќе оди напред.
Зборувавме за предизвиците со кои се соочува регионот. Во овие турбулентни времиња, неопходно е да бидеме заедно, да бидеме глас на разумот и да работиме кон стабилност и безбедност на целиот регион. Ја истакнавме важноста на дијалогот како единствен пат за решавање на спорови и недоразбирања.
Во однос на нашите европски аспирации, ја потврдивме заедничката визија дека иднината на регионот е Европската Унија. Знаеме дека патот до таму не е лесен, но веруваме дека со заеднички напори и поддршка можеме да ги исполниме критериумите и да ги донесеме придобивките од европската интеграција на граѓаните во регионот.
Исто така можам да кажам дека зборувавме во делот на енергетското поврзување на двете земји. Посебно ја истакнавме важноста од изградбата на гасниот интерконектор којшто ги поврзува или ќе ги поврзува во иднина двете земји. Бидејќи ние сме сега во фаза на завршување на тендерска постапка со којашто конечно ќе отпочне изградбата на интерконекторот со нашиот јужен сосед, за да обезбедиме дополнителна опција за снабдување на гас на Централна Европа. Овој интерконектор со нашиот северен сосед е исклучително значаен. Тоа беше еден од важните сегменти во нашите разговори“, истакна македонскиот премиер.
Во фаза сме, додаде Мицкоски „да го пуштиме во употреба или продуктоводот или во јавноста познат како нафтовод којшто ја поврзува нашата земја со нашиот јужен сосед. Цениме дека тоа би било добра опција, да истиот тој продуктовод или нафтовод биде поврзан и со нашиот северен сосед и на тој начин да обезбедиме уште еден коридор“.
Станало збор и за изградба на брзата пруга којашто е дел од Коридорот 10, којашто според Мицкоски претставува стратешки приоритет на Владата исто како што е и Коридорот 8.
„Но заеднички приоритет е изградба на Коридорот 10 и со нашиот северен сосед. Можам да кажам дека регионалното поврзување останува приоритет за двете држави и тоа регионално поврзување да биде дел од идното поврзување и интегрирање во рамките на Европската Унија.
Исто така ја отворивме темата за одржување на заеднички влади, нешто кое што го правиме вообичаено со владини седници, истото што го правиме и со другите наши соседи. Така што мислам дека односите помеѓу двете земји се на исклучително високо ниво и во периодот кој што следи истите треба да ги продлабочуваме.
Како македонска Влада нашата ориентација е многу пати повторена, ќе ја повторам и денеска, а тоа е да градиме добрососедски односи со сите наши соседи и нормално заеднички како регион да бидеме дел од Европска Унија“, посочи Мицкоски.