Македонија
(Видео) Таксистите до Шилегов: Тргнете ги дивите таксисти, доста ни го јадат лебот
Нелиценцирани возила без таксиметри, преполни такси-станици од нелегални таксисти, непријавени такси-возачи, лебот на таксистите им го земаат пензионирани полицајци, пожарникари и воени лица, ова се само дел од проблемите со кои се соочуваат таксистите, информираше Сашо Рајчановски, претседател на групацијата за автотакси-превоз. На прес-конференцијата од такси-станицата кај „Ловец“, тој повика надлежните инститруции да излезат на терен и да го решат хаосот што владее во такси-превозот.
„Во моментот низ улиците на Скопје возат 5000 возила, а издадени се 2.400 лиценци. Бројот на вработени е три пати помал од реалната бројка на таксисти кои нелегално работат. Меѓу нив има пензионери кои возат такси, а најголем проблем се пензионираните полицајците, кои не се казнуваат бидејќи колега на колега не пишува казна. На станиците кај Бит-пазар, Клинички центар и Транспортен центар, услугите се наплаќаат трипати повеќе и го уништуваат угледот на такси-превозот. Има закони, има одлука на Град Скопје, има правилник со кој е регулиран такси-превозот, но тоа во пракса не функционира. Затоа ги повикуваме надлежните институции и инспекциим да излезат на терен бидејќи знаеме дека ако се има волја, за 10 дена може да се реши хаосот со такси-превозот“, изјави Рајчановски.
Рајчановски рече дека неодамна таксистите имале средба со градоначалникот Петре Шилегов и тој им ветил решение со воведување комунална полиција. Според него, со ова не се решава, туку одлага проблемот.
„Вети дека ќе се формирала некаква комунална полиција. Но, ние не знаеме кога тоа ќе биде, може ќе поминат три, шест месеци. Ние бараме сега и веднаш да се излезе на терен, затоа што закони има, само треба да се споведат“, рече тој.
Пред две недели претставници на таксистите беа на средба и со премиерот Заев и таму ги изнесоа проблемите со кои се соочуваат. Но, како што кажа Рајчановски, не се потребни средби и ветувања, потребно е дејствување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Топло со умерена облачност, температурата до 25 степени
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. На североистокот ќе има услови за појава на краткотраен дожд.
Ќе дува слаб до умерен, а по должината на Повардарието краткотрајно засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 25 степен.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Ќе настапи преодно стабилизирање на времето со позначителен пораст на дневната температура. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекува нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Повремена претежно попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи, со променлив интензитет, ќе има сѐ до средината на следната недела.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територијата на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.