Македонија
(Видео) Тренчевска за амандманот за поддршка за настраданите во трагедијата во Кочани: Да покажеме дека сме единствени кога е најпотребно

Пратеничката група на СДСМ и коалцијата поднесе комисиски амандман за ребалансот на Буџетот, со кој се предлага обезбедување на средства во висина од една милијарда и дваесет милиони денари за финансиска поддршка на повредените и семејствата на починатите лица во трагедијата што се случи во дискотеката „Пулс“, во Кочани, како и за реновирање и набавка на неопходна медицинска опрема за Општата болница во Кочани.
„Во март се случи најголемата трагедија во историјата на нашата држава. Загинаа 62 млади животи, а над 200 лица беа повредени, од кои многу со трајни последици. Владата досега не инвестираше доволно за справување со последиците, а најголем дел од помошта стигна од граѓаните и општествено одговорни компании преку Црвениот крст и Сапорт Кочани“, рече пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска.
Таа додаде дека амандманот е одговор на секојдневните апели на семејствата на загинатите и на повредените, кои со месеци бараат поддршка и правда.
„Сведоци сме секојдневно на излегувањето низ улиците на Кочани на семејствата на загинатите. Сведоци сме секојдневно на барањето на помош и поддршка од настраданите и повредените од оваа трагедија, од овој пожар, и од тие причини сметаме дека овој амандман навистина ќе помогне и во справувањето со проблемите во болницата, и за обезбедување на средства за реновирање и за обезбедување на медицински материјал, меѓутоа и во оној дел што значи поддршка и помош на семејствата и на повредените од пожарот во Кочани“, рече Тренчевска.
При тоа, Тренчевска апелираше до сите пратеници да го поддржат амандманот, испраќајќи порака дека Собранието треба да стои зад граѓаните во најтешките моменти.
„Да покажеме дека сме единствени кога е најпотребно – за да помогнеме, да обновиме и да вратиме надеж таму каде што е најмногу изгубена“, изјави Тренчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
205 милиони евра ќе се инвестираат во болниците во Штип, Тетово и во Кичево: Алиу најавува систем кој дејствува навремено

Новиот министер за здравство Азир Алиу денес најави системска трансформација на здравствениот систем од систем што досега реагира со доцнење кон систем што превенира, се подготвува и дејствува навремено.
„Министерството за здравство почна со националната програма за кризен менаџмент и отпорност на здравствениот систем – прва од ваков тип во нашата држава, која воспоставува нова логика на справување со ризици, дефинирање стандардизирани протоколи, дигитална платформа за координација во реално време, обуки, симулациски вежби и интероперабилна комуникација меѓу здравствените и безбедносните институции. Со оваа платформа ја јакнеме издржливоста на системот и правиме чекор напред кон интегрирана здравствена безбедност“, рече министерот Алиу.
Истовремено, почнато е темелно ажурирање на националниот акциски план за здравствена безбедност, со вклучување на лекциите од пандемијата, во согласност со стандардите на СЗО и ЕУ и зајакнување на законската рамка за меѓусекторска координација.
„Ова е јасна политичка порака – здравјето и безбедноста на граѓаните се неприкосновени, а нашата одговорност е да изградиме систем што реагира пред заканата, а не по трагедијата. Со овие координирани чекори нашата држава прави пресврт – од реактивен кон активен здравствен систем, подготвен да одговори на секоја закана“, вели министерот Алиу.
За системот навистина да биде отпорен, Алиу смета дека реформите мора да бидат надополнети со реални, капитални инвестиции.
„Затоа Министерството за здравство почнува со нова инвестициска фаза од 205 милиони евра за обнова и унапредување на здравствената инфраструктура во Штип, Тетово и во Кичево. Овие проекти се темел за подостоинствен третман на пациентите и подобри услови за медицинскиот персонал“, рече министерот Алиу.
Тој најави и менување 12 закони за подобрување на услугите кон граѓаните и потсети дека веќе е тргната административната бариера за создавање семејство и место три, поддржани се шест ин витро-обиди, дигитализирана е постапката за пријавување, а рокот за одговор е скратен на две недели.
„Нема веќе чекање со месеци, нема изгубени документи по пошта, ќе има само нова шанса, надеж и пристапност. Истовремено, го упростивме процесот за лекување во странство, воведовме појасна одговорност во управувањето со Фондот и почнавме усогласување на правата на странските државјани со оние на нашите граѓани“, рече министерот Алиу.
За менување на законите, тој рече дека во тек е сеопфатна анализа, која треба да им покаже каде реално треба да се прават измени. Очекува анализата да заврши до крајот на годината.
Македонија
Доцнење на прегледи и на резултати, скопјани со најмногу поплаки за здравството – Алиу ветува дека ќе го слуша гласот на народот

Тоа што денес сакам да го најавам не е само уште една програма, туку системска трансформација, од здравствен систем кој досега реагира со доцнење кон систем што превенира, се подготвува и дејствува навремено, истакна министерот за здравство, Азир Алиу.
Министерството за здравство, соопшти тој, почна со националната програма за кризен менаџмент и отпорност на здравствениот систем, како што рече, прва од ваков тип во нашата држава, која воспоставува нова логика на справување со ризици, дефинирање стандардизирани протоколи, дигитална платформа за координација во реално време, обуки, симулациски вежби и интероперабилна комуникација меѓу здравствените и безбедносните институции.
Со оваа платформа, според него, се јакне издржливоста на системот и се прави чекор напред кон интегрирана здравствена безбедност.
„Почнавме темелно ажурирање на националниот акциски план за здравствена безбедност, со вклучување на лекциите од пандемијата, во согласност со стандардите на СЗО и ЕУ и зајакнување на законската рамка за меѓусекторска координација.
Ова е јасна политичка порака – здравјето и безбедноста на граѓаните се неприкосновени, а нашата одговорност е да изградиме систем што реагира пред заканата, а не по трагедијата. Со овие координирани чекори нашата држава прави пресврт – од реактивен кон проактивен здравствен систем, подготвен да одговори на секоја закана.
Веруваме дека здравјето и безбедноста на граѓаните немаат цена. А реформите што ги почнуваме се најдобрата инвестиција во нивната заштита. Но, за еден здравствен систем да биде навистина отпорен, реформите мора да се надополнат и со реални, капитални инвестиции“.
Затоа, додаде тој, Министерството за здравство почнува со нова инвестициска фаза од 205 милиони евра за обнова и унапредување на здравствената инфраструктура во Штип, Тетово и во Кичево.
Овие проекти, според неговите најави, се темел за подостоинствен третман на пациентите и подобри услови за медицинскиот персонал.
„Во рамките на новата логика што ја градиме во здравството, логика на транспарентност и отчетност – веќе активно функционира алатката за пријавување неправилности преку која граѓаните може директно да пријават проблеми во системот. Досега регистрирани се 90 пријави, најмногу од Скопје, а најчести се поплаките за доцнење резултати, доцнење на прегледи и ангажмани на доктори во јавниот и во приватниот сектор. Но, најважно е што овие пријави и претставки не остануваат во фиока – секоја се разгледува од посебна работна група со цел да има институционална реакција. Ова е јасната политичка порака: времето кога здравствените проблеми се игнорираа заврши. Сега граѓаните имаат глас – и тој глас ќе се слуша“, ветува Алиу.
Потсети и на направените измени на Законот за здравствената заштита.
Како што истакна, создавањето семејство не смее да биде луксуз, туку право.
„Затоа ја тргнавме административната бариера, го удвоивме бројот на поддржани обиди за ин витро од 3 на 6 и ја дигитализиравме постапката, а времето за одобрување е скратено на две недели. Нема веќе чекање со месеци, нема изгубени документи по пошта, ќе има само нова шанса, надеж и пристапност. Истовремено, го упростивме процесот за лекување во странство, воведовме појасна одговорност во управувањето со Фондот и почнавме усогласување на правата на странските државјани со оние на нашите граѓани“.
Македонија
Сѐ уште се трага по убиецот од Батинци, Тошковски вели во тек е постапка за идентификување на локацијата

Безбедносната состојба во Македонија е значително подобрена во споредба пред две години, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, реагирајќи на обвинувањата од страна на СДСМ за нарушена безбедност.
„Македонија е денес далеку побезбедна отколку што беше пред две години. За тоа говорат бројките, граѓаните и фактите. Нормално е опозицијата да обвинува, тоа е нивна работа, но би било добро тоа да биде со реална споредба и факти“, изјави Тошковски одговарајќи на новинарско прашање.
Во врска со убиството во скопското село Батинци, кое е второ убиство во ова населено место за една година, министерот Тошковски информира дека случајот е делумно расветлен од страна на МВР.
„МВР го расветли случајот од аспект на сторител и преземени дејства. Во тек е постапка за идентификување на локацијата на сторителот. Не би сакал да навлегувам во повеќе детали“, рече Тошковски.
Припадниот на Армијата, А. М., минатата недела беше застрелан во селото Батинци. МВР тогаш соопшти дека лицето М. Џ. пукало со огнено оружје кон возило „киа“, кое било во движење. А. М. (50) добил прострелни рани во пределот на градниот кош и бил пренесен во ГОБ „Св. Наум Охридски“, каде што во 11 часот од страна на доктор била констатирана смрт.
Осомничениот Муса Џавит сѐ уште не е пронајден и, според сознанијата на истражните органи, најверојатно ја напуштил земјата. Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека Џавит веќе подолго време се бара со меѓународна потерница за претходно извршено убиство.