Македонија
Власта молчи пред дивеењето на Сашо Мијалков на Охридското езеро, обвини Левица

Периодов интензивно се одвиваат градежни активности на самото крајбрежје на Охридското езеро, во локалитетот познат како Горица 3, додека инвеститор е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков со неговата компанија Дивелоп Груп. Историјата на овој луксузен хотел е контроверзна, а за неговите потреби беше уништена и опожарена шума стара 70 години, додека виновниците за пожарот никогаш не беа лоцирани, велат од Левица.
„Скандалозно е што овој хотел се гради во критична зона, за која и во Планот за управување со Охридскиот регион е нотирано дека треба да се сопре било каква урбанизација, се додека не се усвојат сите плански документи за заштита на природните реткости, кои постојано се под напад од спрегата урбанистичка мафија-власт. Информациите кои пристигнаа до Левица се дека за овој хотел никогаш не било изготвено Решение по елаборат за животна средина – документ без кој не е возможно воопшто да се издаде одобрение за градба. Но, за луксузниот хотел на Мијалкови молчи градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, чиј цел мандат го одработи единствено за интересите на неколку локални моќници во бизнисот со градежништвото. Молчи инспекторатот за животната средина, молчи Управата за заштита на културно наследство, додека секојдневно премиерот Мицкоски најавува дека одговорност мора да има за сите“, додаваат од партијата.
„Јавно го прашуваме претседателот на Владата дали ќе има одговорност и за нивниот поранешен сопартиец, Сашо Мијалков, кој своето богаство го наталожи за време на владеењето на ДПМНЕ, а амнестијата ја доби под закрила на СДС?! Се работи за флагрантно дивеење и кршење на законите, каде Мијалков се стекна со 15.000 квадрати државно земјиште на една од најатрактивните локации во Охрид, додека пак скандалозно донесен урбанистички план воопшто не е ревидиран од аспект на неговата усогласеност со Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Градоначалникот Пецаков, очигледно за да ги задоволи бизнис-интересите на поранешните функционери на ДПМНЕ, не ја реализира својата законска обврска за изменување на урбанистичкиот план на Горица 3, со што де факто ќе го спречеше беззаконието кое во континуитет го деградира Охридското крајбрежје. Наместо празните флоскули на власта дека и сопствениот брат ќе одговора“, Левица апелира да почнат од својот поранешен висок функционер, кој како што велат очигледно е амнестиран од здружените интереси на ДПМНЕ и СДС.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Двајца браќа обвинети за убиство и за обид за убиство на подмолен начин

По спроведена истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе Обвинителен акт против две лица кои како соизвршители се товарат дека сториле едно кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 1 и уште едно кривично дело – Убиство во обид предвиден со член 19 од Кривичниот законик.
Во текот на истрагата се обезбедени докази кои потврдуваат дека на 01.11.2024 година во Арачиново двајцата браќа на возраст од 23 и 31 година со умисла и на подмолен начин лишиле од живот едно лице и се обиделе да лишат од живот уште едно. Со двајцата оштетени – татко и син обвинетите се договориле да се најдат и да разговараат за наводен долг од 7.000 евра. Со автомобил пристигнале на договорената локација, но по краток разговор, едниот од обвинетите извадил огнено оружје – пиштол и започнал да пука кон жртвите. Од нанесените огнострелни повреди оштетениот татко починал, а синот се здобил со тешки телесни поврeди.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за двајцата обвинети, бидејќи се уште постојат законските основи за најстрога мерка за обезбедување.
Македонија
Филипче ја следи политиката на Заев, кој со една раката на срцето се колнеше во македонската жичка, а со другата ја распродаваше, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Венко Филипче се гордее со неговиот претходник, Зоран Заев и учи од него. Тој призна дека не сака да се одвои од неговата сенка и дека и народот треба да учи од неговото искуство и политики спроведени во минатото, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Неговите политики спроведени во минатото од Заев, покрај криминал и корупција се предавството на националните интереси. Зоран Заев е човек кој со едната рака на срце се колнеше во македонската жица и тврдеше дека си ја сака земјата, додека со другата ја распродаваше. Откако со Бугарија влезе во процес на преговори и без око да му трепне, Заев прифати се што Бугарите од него побараа. Сега, таа попустлива политика на Зоран Заев спрема Бугарија, до најмал милиметар ја следи и неговиот наследник во СДС, Венко Филипче. Наместо државничка политика за заштита на националните интереси, Филипче инсистира на попустлива и политика на предавство на националните интереси“, според партијата на власт.
Од оваа партија оценуваат дека политиката на Филипче и СДС е предавничка.
„Пред некој ден потврди и Бујар Османи, кој призна дека со дозвола на СДС, со Бугарија преговарал за етнички прашања.
Со вакви погубни и предавнички политики и послушнички и поданички однос кон Заев, не е ни чудно што на последните анкети на јавното мислење, половина од граѓаните Филипче не го препознаваат за лидер на опозицијата“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Со неговите потези, како што велат, Филипче само потврдува дека СДС продолжува да биде синоним за неспособност, криминал и предавства.
Македонија
„Како Тошковски и МВР штитат роднини на партиски функционери од ДПМНЕ“, СДСМ најави нов скандал

СДСМ извести дека денеска ќе објави нов скандал, поткрепен, како што велат и со видео докази, „како Панче Тошковски и МВР штитат роднини на партиски функционери од ДПМНЕ“.
„Брат да ми е ќе одговара? Дали е ова точно што го кажува Панче Тошковски или уште една голема лага? Дали роднините на партиските функционери од ДПМНЕ праваш што сакаат и никој не ги казнува“, прашуваат од СДСМ и додаваат дека за денеска за 11.30 часот е закажана прес-конференција, во седиштето на партијата.