Македонија
Вознемирувачко видео: На Клинички медицинскиот отпад се собира со раце
Крв, игли, шприцови, медицински отпад измешан со обичен комунален отпад, е скандалозната глетка на Клиничкиот центар пред неколку дена. „Макфакс“ дојде до видео на кое се гледа дека комуналните работници со камион на „Дрисла“, без соодветна опрема, маски и ракавици и со несоодветни камиони за ваков тип отпад го собираат ѓубрето каде што има жолти кеси со назнака „медицински отпад“, а тој се фрла во истите контејнери со преостанатиот смет. Додека комуналците го собираат ѓубрето, на земјата има остатоци од крв, а тие со обични метли ги собираат шприцовите, иглите и крвавите материјали помешани со храна.
Ова е надвор од процедурите кои предвидуваат дека медицинскиот отпад исклучиво треба да биде одделен од комуналниот. Собирањето на медицинскиот отпад исто така треба да се врши независно и одделно од комуналниот.
Ова ѓубре завршило на депонијата каде што, според наши информации, печката за согорување на медицинскиот отпад не работи веќе половина година и тоа се депонира во специјален ров каде што се чува додека печката повторно не проработи. Во ровот, наводно, се депонира медицинскиот отпад, но нејасно е како тој се селектира кога се собира заедно со другиот. Од „Дрисла“ негираат дека печката не работи веќе шест месеци, туку велат дека таа не е во функција 15 дена и дека до понеделник ќе биде поправена.
„Капацитетот на ровот што е направен е 150 кубни метри, дневно се носи приближно по речиси 10 кубни метри. Направивме ров за привремено складирање медицински отпад, меѓутоа тоа е ров за отпад што се собира од клиниките и не смее да стои подолго од 24 часа. Тој отпад го ставаме во посебен ров што е обложен со гел-мембрана во согласност со регулативата за складирање ваков отпад, тоа е отпадот што се носи од клиниките што не може да чека“, велат од Дрисла.
Јавноста е вознемирена по низата информации што укажуваат на несовесното работење на „Дрисла“ и сомнежите дека отровниот скопски воздух е последица на несоодветното раководење со медицинскиот отпад. Активистите од „Движење за чист воздух“ утре во 12.05 часот организираат 15-минутна блокада на влезот на депонијата „Дрисла“.
Тие ќе бараат да се смени правилникот за извршување инспекциски надзор усогласувајќи го со ЕУ-нормативи, во најбрз можен рок да се донесат правилници за индустриски емисии и воведување најдобри производствени пракси за тој сектор и раскинување на договорот со италијанската фирма концесионер поради неисполнување ништо од договореното.
„Даваме рок од 15 дена за исполнување на овие барања. Во случај на неисполнување, следниот чекор е блокирање на Град Скопје и поднесување тужба“, велат од Движењето.
За неправилно работење, досега „Дрисла“ е казнета само еднаш со 8.500 евра кога лани во јануари инспекторите утврдија дека депонијата не ги почитува протоколите за горење медицински отпад.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

