Македонија
Демири на заминување го разреши и директорот на Кардиохиругија: Открив дека 170 пациенти не се внесени во „Мој термин“, за нив нема отпусни писма ни умреници
Министерот за здравство Илир Демири го разреши медицинскиот директор на Клиниката за кардиохирургија Марјан Шокаровски . Открил дека во Клиниката минале 170 пациенти кои не се внесени во „Мој термин“. Разрешена од функцијата е и Александра Ефтимова која од 2011 раководи со проектот за превенција на кардиоваскуларни заболувања. Не му дала извештај на министерот кои се странските експерти на кои државата им плаќа дневница од 700 евра за надгледување и помош во работата на лекарите.
До неевидентираните пациенти дошол откога формирал комисија да ги испита соменжите во јавноста за наводна зголемена смртност на клиниката. По сомнежите во јавноста за зголемена смртност на Клиниката за кардиохирургија, Демири формирал комисија да ги испита сомнежите.
„Извештајот кој го добив во петокот кажува дека нема значајна поврзаност по инсуинациите дека е зголемена смртноста меѓутоа има друг податок, тоа денеска го дознав, дека има 170 пациенти кои не се внесени регуларно во ‘Мој термин’ и немаат отпусно писмо или прилог умреница. Таквите пациенти, бројката на смртност сигурно може да ја сменат. Затоа денеска одлучив ова да го суспендирам, му престанува функцијата медицински директор на доктор Шукаровски. Тоа е една од причините, друга причина се крајно нарушените меѓучовечки односи во таа институција. Во една таква врвна институција едноставно се недозволиви такви нарушувања на односи“, рече министерот Демири нагласувајќи дека не сакал да разрешува оти е на заминување од функцијата.
Во пакет со Шокаровски министерот ја резреши и Ефтимова која, како што вели, не му дала список на експерти кои добиле дневници по 700 евра за помош на Клиниката.
„ Јас побарав извештај од Александра Ефтимова која ја води програмата од 2011 година, и таа е разрешена од позицијата, комплетно со комисијата бидејќи не даваат извештај кои се тие светски познати експерти кои доаѓаат од Република Србија, наводно од центарот Дедиње. Во присуство на такви познати светски експерти, кога државата плаќа толку пари, зошто да има таков исход и таква смртност. Тоа е една од причините и се надевам дека ќе дојдам до тој извештај“, рече министерот Демири.
Клиниката за кардиохирургија ја тресат скандали цела година. Разрешувањето на Сашко Јовев од функцијата директор ги изнесе на протест вработените кои јавно му дадоа поддршка откога Фатмир Меџити, тогашен министер за здравство, го разреши оти „не дозволува да има директори што спијат“. На негово место го назначи Шокаровски кој само неколку месеци подоцна во полиција пријави дека бил нападнат од претходниот директор Јовев, а се појавија и снимки од турканицата во болницата.
Министерот во заминување го разреши и медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, Данил Петровски поради наводно несовесно работење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кардиохирурзите Колев и Џелили на обука во Клиниката за кардиохирургија во Бордо, Франција
Кардиохирурзите при ЈЗУ Клиника за кардиохирургија, Скопје, Александар Колев и Кујтим Џелили престојуваат на Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, Франција, каде учествуваат на работилница за запознавање и обука со некои од најиновативните техники во совремата кардиохирургија.

-Заедно со мојот колега Кујтим Џелили имавме одлична можност да учествуваме на едукативна работилница во Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, организирана од Петерс.
Под менторство на водечките професори Томас Модин, Луис Лаброус и Џулијан Пелтан, се запознавме со некои од најнапредните техники во современата кардиохирургија. Меѓу нив најсофистицирана и најпрефинета беше употребата на роботскиот систем на Да Винчи за поправка на митралниот вентил, како и други минимално инвазивни кардиохируршки процедури. Преку практични тренинг сесии, вежбавме креирање на анастомози на реални модели, користејќи некои од најновите помошни хируршки апарати, напиша кардиохирургот Колев на неговиот фејсбук профил.

Тој особено го потенцира фактот дека кардиохирургија, како една од поновите гранки на медицината, продолжува да се развива и брзо напредува.
-За нас, како кардиохирурзи кои доаѓаат од мала земја како Македонија, од особено значење е да останеме во тек со овие иновации, со цел да обезбедиме највисок можен квалитет на третман за нашите пациенти, наведува д-р. Колев.
Македонија
Ѓорѓиевски на фејсбук објави дека најдоброто за Скопје допрва доаѓа
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук објави видео од активностите што се преземаат за чистење на главниот град, согласно неговото ветување за темелно чистење на Скопје во првите 72 часа од преземањето на мандатот.
-Скопје го правиме заедно, ви го дадов мојот збор! Се чисти кејот на реката Вардар. Се поставуваат украсни канделабри на плоштадот „Македонија“. Најдоброто, доаѓа!, објави Ѓорѓиевски попладнево на неговиот фејсбук-профил.
Акцијата за чистење Ѓорѓиевски ја почна завчеравечер по примеопредавањето на функцијата од досегашната градоначалничка, и како што самиот изјави, акцијата би требало да заврши утревечер.
Деновиве со механизација и рачно се чисти коритото и косините на Вардар, се отстранува кабаст отпад и пластични шишиња и се расчистува земјен материјал насобран во централниот дел на кејот, а се празнат и контејнерите од ѓубре.
Во акцијата се вклучени луѓе и опрема од комуналното претпријатие на Скопје, како и механизација и екипи од ЈП „Улици и патишта”- Скопје.
Македонија
Родителите на починатите во „Пулс“ со порака до судиите: Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми
Во Кочани денеска родителите на жртвите од пожарот во дискотоеката „Пулс“ одржаа нов „Марш за ангелите“, упатувајќи порака до правосудните институции дека очекуваат вистинска правда за настраданите.
-Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми, затоа што ако институциите продолжат да молчат, луѓето ќе ја изгубат вербата во системот. Исполнете ја вашата должност — не за нас, туку за нашите деца и за иднината на сите други што утре ке сакаат да живеат во држава со вистинска правда, порачаа родителите на починатите во „Пулс“ во своето обраќање пред медиумите.
Пред зградата на Основниот суд, мајка на починато дете во името на сите учесници на маршот, упати критика до Јавното обвинителство дека оваа институција не реагирала на тоа што уште пред три недели им биле доставени докази дека осомничено лице се сретнало со оштетен родител, што сметаат дека носи реална опасност да се влијаа врз сведоците и оштетените и да се загрози целата постапка и нејзината правичност. Тие најавија, дека во рок од една недела очекуваат јасен и конкретен одговор за преземените мерки по доставените докази, во спротивно велат ќе преземат посилни јавни и организирани акции.
Првото судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе се одржи на 19 ноември, обвинети се 34 физички и три правни лица, кои се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност. Како што информираа од Кривичниот суд Скопје, рочиштето ќе се одржи во судницата во КПУ Идризово, а предметот според Акмис системот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.
Во пожарот во дискотеката во Кочани што се случи на 16 март, годинава, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

