Македонија
ДИК: До 9 часот гласале 94.167 граѓани
Во првите два часа од гласањето на десеттите по рад парламентарни избори на гласање излегле 5,19 отсто од запишаните гласачи во Избирачкиот список односно 94.167 гласачи. Право на глас имаат 1.814.263 граѓани запишани во Избирачкиот список.
Државната изборна комисија соопшти дека одѕивот до девет часот е од 2326 избирачки места.
Најголем одѕив имало во Кривогаштани каде на гласање излегле 13,1 % од гласачите, а најмал одѕив е забележан во Липково, 0.93%.
„Во првата изборна единица одѕивот до 9 часот е 6,58 отсто. Најголем одѕив има во Аеродром 10,13 отсто, а најмал во Студеничани – 1,81 отсто. Во изборната единица два одѕивот е 4,58 , со тоа што најголем бил одѕивот во Ѓорче Петров – 8,05 , а најмал во Липково 0,93 отсто. Во изборната единица три одѕивот е 6,1 отсто, најголем одѕив има во Крива Паланка 8,31 отсто и Пробиштип 10,25 отсто. Во изборната единица пет одѕивот е 5,22 отсто. Во оваа изборна единица најголем одѕив има во Кривогаштани – 13,01 отсто, а најмал во Центар Жупа 1.01 отсто. Во изборната единица шест одѕивот е 2,50 отсто, најголем бил во Јегуновце 4,17 отсто, а најмал одѕив во оваа изборна единица има во Врапчиште 1,39 отсто“, соопшти Адмир Шабани, портпарол на Државната изборна комисија.
Тој не ги соопшти резултатите од изборната единица четири. Сите 3480 избирачки места се отворени навреме и гласањето се одвива без проблеми.
Шабани информираше дека во понеделникот гласале 723 граѓани позитивни на Ковид -19 и во изолација.
Од вкупно пријавени 8.852 болни, немоќни и хронично болни гласале 8.325 односно 94, 04 отсто.
Во 13 затвори од 1.657 запишани во избирачкиот список гласале 1.272 односно 76,76 отсто.
Во 17-те старски домови од 357, гласале 234 избирачи односно 80,62 отсто.
Шесте внатрешно-раселени лица не гласале.
Порпаролот Шабани потсети дека гласањето се врши со заокружување на редниот број со пенкало во сина боја. Тој ги повика граѓаните кои сметаат дека им е прекршено избирачкото право во било која фаза од изборниот процес да понесат приговори до општинските изборни комисии кои треба да им помогнат во пополнувањето на апликацијата и да им одговорат.
За сите прашања поврзани со гласањето активен е бесплатниот број 0800 555 44 на кој граѓаните можат да постават прашања или да остават коментар за ДИК.
„На овој број граѓаните што ќе се јават ќе мора да остават податоци за да може ДИК да им одговори“, рече портпаролот Шабани.
За лицата со оштетен говор и слух отворена е линијата 076 488 360 каде што имаат можност на знаковен јазик преку видео повик да постават прашање и да добијат одговор во врска со изборниот процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведувзње на водоводен приклучок Ф200мм. на улица Титовелешка бб.со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од населбата Маџир Маало, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:30 часот до завршување на работните активности.
Македонија
Сообраќајка на патот Прилеп-Битола, сообраќајот во прекин
Од 21 часот сообраќајот на регионалниот пат Р – 1101 Прилеп – Битола кај селото Тополчани е во прекин.
Како што соопшти АМСМ во вонредниот извештај, прекинот е поради случена сообраќајна несреќа.
Во моментов нема податоци за учесниците во несреќата, ниту за можни повреди.
Македонија
Филипче со куфер сликан на аеродром, СДСМ обвинува за следење: „Се враќаме во периодот пред 2016 година“
Опозициската СДСМ денеска обвини дека се врши следење на претседателот на партијата Венко Филипче, оценувајќи дека станува збор за методи карактеристични за периодот пред 2016 година.
Повод за реакцијата, како што наведуваат од СДСМ, е фотографија објавена во јавноста на социјалните мрежи, а на која Филипче е снимен на аеродром, и се тврди дека патува за Дубаи, што партијата го оцени како обид за јавен линч и индиректно признание дека се врши следење и притисок врз опозицијата.
„Ова е добро познатата школа на Никола Груевски, кога безбедносните служби беа ставени во функција на следење на опозицијата“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ тврдат дека, покрај следењето, постојат и обиди за прислушување, оценувајќи дека државата повторно се движи кон мракот и дека се применуваат исти методи како во минатото – следење, фабрикување вести и пласирање, како што велат, лажни афери, со цел дефокус од актуелните теми.
Во соопштението се нагласува дека Филипче патува со редовни комерцијални летови, секако не оди во Дубаи, и не користи владини авиони или приватни летала, за разлика од премиерот Христијан Мицкоски, кого СДСМ го обвинува за луксузирање и злоупотреба на државни ресурси.
Според партијата, целта е дефокус, за луѓето да не бидат информирани за „мигранти за пари“, криминал и корупција.

