Македонија
Димитров на средбата со ЕУ-амбасадорите: Усвојувањето на преговарачката рамка ќе ги заокружи историските успеси на Македонија во 2020 година

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, имаше видеоконференциска средба со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Северна Македонија. На иницијатива на амбасадорот и шеф на Делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир, средбата се одржа по повод неодамнешниот извештај на Европската комисија за Северна Македонија и пакетот за проширување.
„2020 е година на предизвици, како на глобален, така и на домашен план, но истовремено и година која ја одбележаа многу важни пресвртници кога станува збор за стратешките приоритети на Северна Македонија. Зеленото светло за отворање на пристапните преговори од март годинава, заедно со членството во НАТО-алијансата се историски успеси на Владата и на граѓаните. Се надеваме дека заедничкиот успех ќе биде комплетиран со усвојување на Преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција до крајот на годината“- истакна Димитров.
Осврнувајќи се на наодите од извештајот, Димитров посочи дека истиот претставува објективна и сеопфатна проценка на нашиот напредок, идентификувајќи ги областите на кои треба да ги фокусираме реформските активности, со посебен акцент на приоритетните области поврзани со првиот Кластер – Темели.
„Како Европската Унија ќе се постави кон ова прашање – правото на македонскиот народ на самоопределување – ќе влијае врз тоа дали и понатаму ќе можеме на Унијата да гледаме како на заедница на вредности и принципи“, рече вицепремиерот Димитров, во однос на предизвиците со коишто Северна Македонија се соочува во светло на одржувањето на Првата меѓувладина конференција.
Тој информираше и за мерките што Владата ги презема за подобрување на ИПА- структурата, односно за капацитетите на апсорпција на ЕУ-фондовите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Центар денеска без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен водоводен дефект од ф 2”( цола) на улицата Коста Шахов бр.13 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Коста Шахов, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување.
Македонија
Сончево и топло време, температурата денеска до 39 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло, попладне со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и топло, попладне со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност, освен во вторник, кога во попладневните часови ќе има услови за локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Шест пожари се активни во Македонија, изгаснати се 18

Центарот за управување со кризи (ЦУК) нѐ информира дека до 20:30 часот вечерва, во државата се евидентирани вкупно 24 пожари на отворен простор, од кои шест сè уште се активни, а 18 се веќе изгаснати.
Меѓу активните пожари, еден беснее кај селото Николиќ во општина Дојран, каде што гори нискостеблеста шума. Во општина Чучер Сандево, пожар го зафати реонот кај селото Горњани, каде исто така гори нискостеблеста шума. Два активни пожари има и во велешкиот регион – првиот кај селото Џидимирци, а вториот кај Крушје, каде пламените јазици зафатиле мешана шума. Сериозна ситуација е регистрирана и во општина Македонски Брод, каде што пожарот се шири помеѓу селата Црешнево, Локвица, Крапа и Слатина, горејќи деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација. Во Скопје, во општина Шуто Оризари, активен е пожар на улицата „Индира Ганди“, каде што гори отпад. Последниот активен пожар е регистриран во Прилеп, во населбата Три Багреми, каде е зафатена ниска вегетација.
Во текот на денот, пожарникарските и противпожарните служби успеале да локализираат и изгаснат 18 пожари. Во скопската општина Гази Баба изгаснати се два пожара – едниот кај гробиштата Камник, каде горела ниска вегетација, а вториот на улицата „Душан Тавковиќ“, зафатувајќи нискостеблеста шума и трева. Во Прилеп се изгаснати два пожара – едниот покрај патот од хотел „Салида“ кон Битола, а другиот меѓу селата Лажани и Ропотово. Во Ресен, изгаснат е пожарот во селото Перово каде горела трска, а во Охрид се локализирани два пожара – кај селото Оровник и во населбата Далјан, каде биле зафатени ниска вегетација и отпад. Во општина Виница е изгаснат пожарот во селото Ласки, а во Куманово се изгаснати три пожари – во кругот на фабриката на ФЗЦ, на местото викано Пармакови ниви, и во селото Умин Дол, каде гореле ниска вегетација и стрништа.
Дополнително, пожарот кај маалото Мишинци, во селото Пелинце, општина Старо Нагоричане, исто така е изгаснат, како и оној во селото Милутинци, каде гореле депонии и отпад – во две одделни интервенции. Во селото Градец, на територијата на општина Крива Паланка, изгаснат е пожарот во месноста Ѓошинска маала. Угаснат е и пожарот кај Поправниот дом во Тетово, како и два пожара во Гостивар – еден во близина на стадионот, а другиот во селото Чегране, каде гореле пченични полиња.
ЦУК останува на терен во координација со сите надлежни институции и апелира до граѓаните да бидат максимално внимателни и да не палат огнови на отворено, особено во овие екстремно суви и топли услови.